Предвидено е овој авион да ги замени сигурните воено-транспортни авиони Ан-24 и Ан-26 кои веќе ги гази времето.
Новиот воено-транспортен авион Ил-112В ги заврши сите свои фабрички испитувања и е подготвен за својот прв лет кој според планот треба да се оствари до крајот на тековната година. Доколку сè заврши успешно, овој авион ќе ја замени флотата воено-транспортни авиони која е составена од советските Ан-21 и Ан-26 конструирани уште во шеесеттите години од минатиот век.
Ил-112В претставува лесен воено-транспортен авион кој според замислата на неговите конструктори ќе биде наменет за транспорт на товар со помал габарит, како и на жива сила. Максималната тежина на товарот што ќе го превезува овој авион нема да надминува 5 тони.
Авионот покрај стандардната воена верзија која ќе обезбеди сигурен и комфорен превоз на различна воена техника, борбен товар, војници со целосна борбена опрема и слично, ќе има и цивилна варијанта за превоз на класични патници (верзија со ознака –Т).
Како и кај својот претходник (авионот Ан-26), станува збор за концепт на слободноносечки висококрилец кој ќе го придвижуваат два силни турбоелисни мотори. Основните барања за време на неговата конструкција беа да се добие апарат кој ќе може да користи куси аеродромски писти, вклучувајќи и принудно слетување на полетно-летни ленти кои воопшто не се бетонирани (пустини, ливади, ниви). Исто така се инсистираше да се добие летало кое ќе биде мошне лесно за одржување, а кое ќе се одликува со висок степен на техничка издржливост за време на експлоатацијата со работен век од речиси 35 години (45.000 работни часови или околу 30.000 полетувања).
Покрај овие карактеристики едно од барањата беше леталото да биде мошне поедноставно за управување, да биде побрзо, а исто така и да има зголемен досег на летот, а тоа му го обезбедуваат новите, мошне поекономични мотори.
За разлика од останатите летала од оваа класа, елементите на механика на крилата ќе работат со помош на мрежа електропогони, а не преку хидрауличен агрегат. Поточно, руската авијација со усвојувањето на овој авион во оперативниот состав ќе го добие својот прв „електричен“ авион. Оваа технологија нема само да ја намали емисијата на штетните гасови кои за време на летот се испуштаат во атмосферата, ами и во голема мера ќе ја намали вкупната тежина на леталото. Во целина, ќе се добие мошне посигурен авион.
Силата на секој турбоелисен мотор ТВ-12-117СТ кој ќе го движи овој авион ќе достигнува 3.000 коњски сили што ќе му овозможи на Ил-112В да постигне брзина на летот од околу 550 километри на час, а исто така и група од 44 војници со полна воена опрема да префрли на растојание од 2.400 километри без дополнување гориво во воздух.
Се претпоставува дека руската војска има потреба за набавка на најмалку 62 апарати од овој тип. Нивниот конечен број ќе зависи од резултатите на неговата опитна експлоатација, како и од генералната економска ситуација која се проектира за третата деценија на 21 век.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче