Еве какви роботи ќе добие руската војска на почетокот на следната деценија

Марина Лисцева/TASS
Автоматизираните куполи од играта „Command & Conquer“ и подводен извидувачки робот во блиска иднина ќе ја бранат руската границa.

Во руската војска се подготвува пополнување на борбениот состав со вештачка интелигенција. Еден од системите од овој вид е борбениот модул кој изгледа како куполата со двоен митралез од компјутерската игра „Command & Conquer“, а беше демонстриран на почетокот од октомври од страна на концернот „Калашников“.

Прва купола

Вештачката интелигенција на роботот на Калашников се засновува на невронски мрежи и е во состојба самостојно да учи и да се развива во текот на работата. Тоа значи дека куполата со митралез со калибар од 12.7 милиметри може независно да детектира и да препознава цели, а потоа и да ги утврди приоритетните мети според нивното значење и да ги уништи една по една во зависност од степенот на закана. На пример, најпрво ќе го изрешети со БТР со неколку борци, а дури потоа ќе „лови“ поединечни мети на боиштето.

Притоа ништо не го спречува човекот-оператор да ја исклучи вештачката интелигенција и да преземе рачна контрола над огнот додека системот му ги прикажува непријателските мети преку екранот.

Карактеристиката на овој робот е во тоа што може да дејствува не само против копнените цели како што е пешадијата или лесно оклопените возила, ами и против поморски и воздушни цели. Така ова оружје може да стане мошне ефикасно средство за борба против малите дронови кои станале вистинска закана за време на борбите на коалициските сили предводени од Соединетите Американски Држави и Русија на Блискиот исток.

Ваквиот борбен модул може да се монтира или самостојно на една точка, или како дел од група куполи обединети со комуникациска мрежа за концентрирани акции. Тоа е, на пример, корисно за обезбедување на цели сектори.

Според претставникот на концернот „Калашников“ модулот може независно да одлучува за исклучување на објектот од списокот цели, како што е на пример случајот со животните, па така се минимализира можноста за нивно уништување.

„Базата на податоци со цели првобитно е инсталирана во вештачката интелигенција на роботот. Тоа го подразбира нивниот изглед, движењето, топлинскиот одраз и слично. Истовремено таа константно се ажурира, се дополнува и го проширува алгоритамот за самостојно учење. Инженерите веќе можат да додадат дополнителни методи за детекција во машината, базирани на температурата, одразот во инфрацрвениот спектар итн.“, велат за Russia Beyond-Македонија од концернот „Калашников“.

Монтирањето на овие борбени модули кај воените и кај државните установи дава можност за исклучување на човечкиот фактор во заштитата, што е корисно кога се имаат предвид падот на концентрацијата или заморот.

Овој комплекс моментално минува низ тестирања и, доколку биде успешен, може да стане вистинска митралеска купола со вештачка интелигенција во руската војска и во реоните кои се важни за државната инфраструктура во Русија.

За тоа време, додека научниците ги вршат овие тестирања, Министерството за одбрана воведува подводни роботи-извидувачи за заштита на границата од натрапници во длабочините на морето,

Подводен робот-извидувач

Новиот систем се нарекува „Хармонија“ и е составен од мрежа роботски акустични станици кои се наоѓаат на дното на морињата и океаните. Секој робот може да функционира на температура од минуы десет до плус четриесет и пет степени според Целзиус.

Комплексот ќе врши акустички надзор на светските океани, користејќи сонари. Кога ќе детектира сомнителен објект, преку кабел испраќа сигнал до бовата што плута на површината, од која потоа податоците преку сателит се испраќаат до контролниот центар.

Доколку е неопходно, станицата самостојно се склопува и може да ја собере морнарица на минување.

Благодарение на „Хармонија“, руската флота ќе може да постигне речиси комплетна ситуациска свест за настаните на стотина километри наоколу, под вода и во сите насоки.

„Планирано е да бидат поставени на локации на движење на стратешките подморници на Соединетите Американски Држави, на Велика Британија и на Франција, во неутралните води на светскиот океан“, вели за Russia Beyond-Македонија Дмитриј Сафонов, поранешен воен аналитичар на весникот „Известија“.

Тој подвлече дека Русија во своите активности ќе се придржува кон меѓународното поморско право и нема да ги нарушува или да врши воени активости во водите на други земји.

„Соединетите Американски Држави поставуваат слични извидувачки системи во Норвешка, во Баренцово и во Јапонско море. Тие будно ги следат нашите подморници, не само преку морнаричките системи, ами и преку сателити“, вели овој извор.

Според него, овој систем во целост ќе ги „затвори“ границите на Русија и ќе даде увид во движењето на подморниците во неутралните води на почетокот на следната деценија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња