Ловeц-пресретнувач МиГ-31БМ
Виталиј Анков/SputnikНа Интернет се појави видеоматеријал од местото на падот на рускиот борбен авион МиГ-31 кој се урна сношти во Нижегородската област. На него може да се види како гори паднатиот авион. На местото на падот се забележани единици на Министерството за вонредни состојби и на итната помош.
Ловецот-пресретнувач МиГ-31 падна на 19 септември за време на изведувањето на планираниот лет за вежбање. И двата пилоти кои се наоѓаа во авионот успеаја да се катапултираат и безбедно да слетаат на земја.
Според првите информации со кои располага руското Министерство за одбрана, до авиокатастрофата дошло поради ненадеен технички дефект. Во соопштението се наведува дека авионот со себе не носел никакво оружје. МиГ-31 падна во ненаселено подрачје, при што не е нанесена никаква дополнителна материјална штета. Според информациите од руските портали авионот паднал недалеку од градот Кулебаки. Според нив, за време на падот на авионот тој во целост изгорел.
Ловците-пресретачи МиГ-31 (НАТО кодификација Foxhound) наменети се за пресретнување воздушни цели на големи растојанија кои според својот борбен радиус се недостапни за класичните ловци. Главниот алат кој во таа пригода се употребува е високочувствителна фазна антенска решетка (ФАР) „Заслон-М“ која може да достигне растојание и до 320 километри. Кај модернизираните варијанти на БМ интегриран е нов нападно-навигациски систем кој овозможува истовремено следење до 24 цели, од кои компјутерот или оператерот избира група најопасни цели и го насочува огнот кон нов. Борбена патрола составена од четири авиони МиГ-31БМ може да покрие простор од околу 380.000 квадратни метри.
Станува збор за навистина импресивна „птица“. Авионот има должина од речиси 22 метри, а максималната полетна маса достигнува 46.2 тони. Подобрената погонска група која е составена од двопроточни турбомлазни мотори Д-30Ф6, овозможува авионот со маса од речиси 46 тони да се доведе до границите на хиперсонична брзина (максималната брзина на МиГ-31 изнесува 3.000 километри на час). Плафонот на летот е 20.600 метри. Оперативниот долет на леталото кое е вооружено со четири ракети Р-37 / Р-33 со два резервоари за гориво под крилата изнесува 3.000 километри. Авионот може да се дополнува со гориво во воздух (авиоцистерна).
Неговата последна модификација ја носи ознаката МиГ-31К. Оваа верзија моментално се наоѓа во пробно-борбена експлоатација (значи во оперативните воздухопловни единици) со бројност од десетина апарати кои можат да носат хиперсонични ракети „Кинжал“. Авионите се базирани во Ахтубинск (Астрахањска област) и се наоѓаат во режим на борбено дежурство.
Имплементацијата на новиот нападно-навигациски систем услови оваа верзија на авионот да се „преквалификува“ од ловец-пресретнувач во офанзивно воздухопловно летало. Од оваа верзија е отстранет радарот. Зголемен е капацитетот на резервоарот со гориво, со што е зголемен оперативниот долет на ова летало, односно зоната на активно борбено патролирање. Направена е реконфигурација во управувачкиот дел на кокпитот на авионот и на покажувачите на екранот поради интеграција на нови параметри кои се поврзани со ракетата „Кинжал“. Исто така, темелно е модернизиран и блокот апаратура за врска.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче