За време на маневарот „Восток 2018“ на полигонот „Телемба“ во Бурјатија, руската војска користеше „невидливи ракети“, изјави во интервју за телевизијата „Звезда“ командантот на 76 дивизија за ПВО полковник Сергеј Тихонов.
Според полковникот, командата одлучила да ја „компликува“ задачата и да не ги ограничува единиците само на примена на обични ракети за вежбање. За време на хипотетичкиот масовен напад, војската требаше да соборува специјални копии на вистински крстосувачки ракети кои имаат можност за маневар на теренот, симулатори на балистички боеви глави, како и тренинг-ракети со „стелт“ карактеристики.
Важно е да се истакне и дека при сето тоа, не постоеше целосна сигурност дека војската ќе успее да излезе на крај со поставените задачи, наведе Тихонов.
„Причината е во тоа што на вежбата се користени специјални имитатори на ракети со мошне мал радарски одраз, односно „стелт“, т.е. „невидливи“ ракети. Овие ракети за вежби според својот перформанс ги надминуваат сите постоечки странски аналози“, појасни тој.
Но, и покрај отежнатите услови, сите цели беа погодени, а некои уште на пристапниот пат.
Министерството за одбрана објави снимка на која покажа како руската ПВО на маневрите одбива „масовен напад“ со уникатни невидливи ракети.
Наодите од радарските станици покажаа над 30 воздушни цели кои летаа во разни дијапазони на висина и брзина. Информациите за нив се трансферираа на командните пунктови на системите за ПВО од типот С-400, С-300, Бук, Тор, како и ракетно-артилерискиот систем за ПВО „Панцир-С“. Сите цели се успешно откриени и уништени.
Најголемите воени маневри во современа Русија „Восток 2018“ се одржуваат во периодот од 11 до 17 септември на Далечниот Исток и во околните води на Тихиот океан. Со нив раководи министерот за одбрана Сергеј Шојгу. На маневрите учествуваат над 300.000 војници, повеќе од 1.000 авиони, хеликоптери и беспилотни летала, речиси 36.000 тенкови, оклопни возила и други борбени возила, како и борбени бродови и помошни возила. На руската војска на овие маневри им се приклучија и единици од Кина и од Монголија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче