Чета за огнена поддршка од новите„Терминатори“ им асистира на руските и на кинеските оклопници

Global Look Press
Овие возила ќе ја зајакнат оклопно-механизираната борбена група која ќе ја демонстрира својата извежбаност на воениот полигон „Цугол“. Покрај руските оклопно-механизирани единици, четата БМПТ „Терминатор“ со оган ќе ги поддржи и кинеската механизирана бригада, како и пешадиските елементи на монголската војска.

Една чета составена од борбени возила за поддршка на тенковите „Терминатор“ ги зајакна тенковските нападни ешалони кои ќе учествуваат во рамките на основната етапа на стратешките воени вежби „Вoсток-2018“ кои се одржуваат на полигонот Цугол во Забајкалскиот регион. Ова денес го пренесе информативната служба која се наоѓа во составот на Министерството на одбрана на Русија, а пренесе новинската агенција ТАСС.

„Во рамките на практичниот дел на една од етапите што ќе се изведе на воениот полигон Цугол, планираме воведување на една чета борбени машини за поддршка на тенковите Терминатор“, се истакнува во соопштението.

Како што појаснија луѓето од Министерството за одбрана, единицата „Терминатор“ ќе дејствува во првиот ешалон заедно со тенковските и механизираните единици кои се наоѓаат во рамките на Источниот воен округ. Нивната основна цел е ликвидација на оклопните цели на условен непријател кој ќе ги имитира основните борбени тенкови и останатите борбени средства за нивна поддршка. На оваа оклопно-механизирана офанзивна група од руската армија ќе ѝ се приклучат и комплетната механизирана бригада на Народно-ослободителната армија на Кина, како и пешадиските делови на Војската на Монголија.

Борбената машина за поддршка на тенковите БМПТ „Терминатор“ влезе во вооружувањето на руската армија годинава. Ова средство се карактеризира со силно вооружување кое е составено од два автоматски топа 2А42 со калибар од 30х165 милиметри со б/к од 850 гранати, четири ласерски наведувачки противтенковски ракети 9М120-1 „Атака“ кои се сместени во ист број транспортно-лансирни контејнери, два автоматски фрлачи на гранати АГС-17 со кал.30мм со б/к од 600 гранати и модернизираниот митралез ПКТМ со кал. 7,62х54мм со б/к од 2000 куршуми.

БМПТ „Терминатор“ може да уништува широк спектар цели на оддалеченост од 4.000-6.000+ метри. Така на пример автоматските топови 2А42 имаат ефективен хоризонтален дострел до 4.000 метри (пробојност до 50мм хомоген челик под агол од 60 ст. на оддалеченост од 1.000 м). За овој топ се развиени два типа муниција со калибар 30×165 мм, панцирни и фугасни, а борбените платформи кои го користат како основно вооружување се оклопните борбена средства БМП-2, БМД-2, БМД-3, БТР-90 како и хеликоптерите Ка-50, Ка-52, Ми-28. Топовите се оспособени да дејствуваат во поединечен и во рафален режим на пукање.

Ласерската наведувачка ракета „Атака“ може да ја достигне својата цел на оддалеченост од 6.000 метри, при што има исклучителна брзина на летот со што максимално се скратува времето на нејзиниот лет. Треба да се спомене дека напредните варијанти на оваа ракета, со тандем боева глава, имаат зголемен дострел кој сега достигнува цели 10 километри, а зголемена е и нејзината пробојност која изнесува повеќе од 1.000 милиметри хомогена челична плоча, заштитена со структура на динамичка заштита. Ракетата е опремена со тандем-кумулативна и термобарична боева глава.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња