Ту-22М3М Казањ- 16.08.2018. година
YoutubeПрезентацијата на длабокомодернизираната верзија на бомбардер-ракетоносец со голем дострел Ту-22М3М се одржа на просторот на Казањскиот воздухопловен завод С.П Горбунов, пренесува порталот ТАСС.
„Првиот експериментален авион Ту-22М3М (евиденциски број RF-9467 – заб. авт.) комплетиран е во рамките на програмата за масовна модернизација на воздухопловните сили на стратешката авијација и авијацијата со голем дострел, кој се изведува под патронат на ПАО 'Туполев'. Следната етапа подразбира длабока модернизација на првата група бомбардери Ту-22М3“, изјави генералниот директор на компанијата „Туполев“ Александар Конохов.
„Одлуката за започнување модернизација на овие авиони ќе ја донесе Министерството за одбрана на Руската Федерација која ќе зависи од резултатите на деталната програма за тестирање. Во целина, програмата за модернизација мора да одговори на високите барања што се поставени, и кои во својот најважен елемент мора да обезбедат ефикасна експлоатација на модернизираните летала во низа години кои се пред нас“, истакнува Конохов. „Конкретно, основна задача на бомбардерот со голем дострел Ту-22М3М е ефикасна борба со ударните поморски борбени групи кои ги предводат носачите на авиони. Новите системи од нападно-навигацискиот комплекс кои ќе бидат интегрален дел од леталото овозможуваат мошне поширока употреба на модернизирани и перспективни борбени средства, особено на противбродски ракети. Целиот пакет на квалитативно ниво радикално ќе ги унапреди борбените можности на авионот“, нагласува генералниот директор на ПАО „Туполев“ Александар Конохов.
На модернизираниот ракетоносец применети се нови мотори и електронска опрема која е наменета за стратешкиот бомбардер Ту-160. Со овие технички зафати оперативниот долет на авионот е зголемен за дури 50%, додека неговиот екипаж ќе има проширен обем на можности за напад по различни цели, како и на планот на комуникација со мобилните земски и поморски станици.
Но, најважната работа поради која, меѓу другото, е направена оваа модернизација е способноста за примена на најновата ракета Х-32, која спаѓа во класата ракети воздух-море. Оваа ракета претставува длабока модернизација на ракетата Х-22 која е основно ударно ракетно вооружување на авионот Т-22М. Новата Х-32 во однос на својот претходник е значително помала, опремена е со нов тип на мотор, а особено е работено на зголемувањето на способностите на ракетата за совладување на противтенковската одбрана на непријателот, која е зајакната со системи за противелектронска борба. Зголемен е и нејзиниот максимален дострел кој сега изнесува 1.000 километри.
Но, тоа не е сѐ. Руските конструктори интензивно размислуваат како на оваа верзија на авионот да го интегрираат најновиот хиперзвучен ракетен комплекс „кинжал“. Имено, оваа ракета според своите способности драматично ќе ги зголеми борбените можности на модернизираниот руски бомбардер. Благодарение на својот оперативен дострел кој ќе изнесува најмалку 1.000 километри, со вртоглава брзина на летот што ја достигнува на својата траекторија (>10 маха), оваа ракета едноставно нема да може да ја фатат противничките системи за ПВО и за ПРО. Самата ракета според своите димензии ќе биде помала од ракетите Х-22 и Х-32, така што се претпоставува дека еден Ту-22М3М ќе може да носи и до четири ракети Х-47М2 „Кинжал“.
Во блиска иднина руското Министерство за одбрана планира да ја модернизира флотата од 30 авиони Ту-22М3 на стандард Ту-22М3М. Секој авион ќе може да носи 2-3 ракети Х-32. Главниот изведувач на работите ќе биде Казањската фабрика за авиони која е токму специјализирана за суперсонични бомбардери од семејствата Ту-22М и Ту-160.
Ту-22М3 е суперсоничен бомбардер со голем дострел кој може да се користи за различни видови борбени мисии. Во своето вооружување поседува широк спектар борбено оружје од кое, секако, најопасна е ракетната компонента од класата воздух-земја и воздух-море. Широката палета вооружување му овозможува да се бори против голем број копнени и поморски цели на различна оддалеченост. Во вооружувањето се наоѓа од 1989 година. Тој е еден од најмасовните бомбардери со голем дострел кој се наоѓа во составот на руската армија. Авионите од овој тип се применуваа и во во операцијата на руската војска во Сирија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче