Противтенковската наведувачка ракета 9М113М ќе биде појака за една боева глава која на целта ќе произведува фугасно/разорно дејство. Модернизацијата на ракетата ја изведуваат Тулскиот завод и КБП. Ракетата ќе биде интегрален дел од вооружувањето кој ќе може да се лансира на противоклопен преносен ракетен систем „Конкурс-М“.
За плановите за модернизација на наведувачките ракети кои можат да се испукуваат од противоклопниот систем 9М113М „Конкурс-М“ стана збор во официјалните документи на компаниите од Тула кои во својот годишен извештај вброија и нов тип ракета со разорна боева глава. Никакви дополнителни појаснувања околу оваа ракета немаше. Руските експерти за наведувачко ракетно вооружување, особено кога станува збор за специјалистите за оружје кое се користи во борбата против оклопните борбени средства, видоа голем потенцијал за понатамошна модернизација на ракетата 9М113М. Овој систем интензивно беше употребуван во судирот кој и понатаму трае на територијата на Сирија каде покажа одлични резултати во борбата против основните борбени тенкови.
Основната намена на овој тип ракета е значително зголемување на можностите на комплексот да води ефикасна борба против непријателската жива сила која се наоѓа на отворен простор, но и во фортификации како што се бункери, различни станбени објекти претворени во огнени точки и слично.
9М113М претставува противтенковска наведувачка ракета која е попозната како „Конкурс-М“. Проектирана е од страна на инженерите од АО „Конструкторское бјуро приборостроенија“ – КБП. Долга е 1.165 милиметри (во транспортен контејнер 1.263 милиметри), а тешка е 17 килограми (во транспортен контејнер 27.4 килограми). Нејзиниот калибар изнесува 135 милиметри. Може да дејствува по цели на оддалеченост до 4.000 метри. Пробојноста на тандем-кумулативната боева глава со маса 2.7 килограми е 750-800 милиметри хомогена панцирна плоча под агол од 90 степени. Просечната брзина на ракетата изнесува 208 метри во секунда. Покрај тандем-кумулативната боева глава, нејзината најнова модификација ќе има можност да носи и разорна боева глава.
Овие ракети се лансираат од истиот уред за лансирање 9П135М (модернизирана варијанта) што го користеше и неговиот претходник 9К111-„Фагот“ кој дејствува со ракетите 9М111 со калибар од 120 милиметри. Овие ракети и по дострелот и според резултатите на целта имаат мошне поскромни можности од ракетата 9М113М „Конкурс-М“.
Македонскиот северен сосед Србија в својот воен арсенал поседува противтенковски лансирни ракети од системот 9К111-„Фагот“, така што постои можност за модернизација на овие системи и во регионот, со што би се добило средство кое според своите огнени способности се приближува до ракетниот систем „Корнет“. Најновите искуства од војните ширум светот покажуваат висока ефикасност на овие системи во уништувањето на голем број подвижни и неподвижни цели кои се наоѓаат на голема оддалеченост.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче