„Убиецот на стелтови“ влезе во борбено дежурство: Радарската станица „Струна-1“ ја чува Москва

F-22 Raptor

F-22 Raptor

Википедија
Руската радарска станица „Струна-1“ претставува сериозна закана за американските борбени авиони, вклучувајќи ги тука и леталата од петтата генерација F-22 и F-35, кои се одликуваат со мошне мал радарски пресек на својата површина. Бистатичкиот радарски систем кој се нарекува „Струна“ е имун на вакви технологии и може да открие цел спектар различни воздушни летала кои летаат на мали и на ултрамали височини, вклучувајќи ги тука и неметалните аеростати и летачките змејови.

Бисастичката радарска станица „Струна-1“ и нејзината експортна верзија „Барјер-Е“, најдобро ги претставуваат новитетите на рускиот воено-индустриски комплекс кога станува збор за радари, се наведува во текстот кој во целост е пренесен на сајтот „Нешионал интерест“. Во тандем со други радарски станици кои исто така се наменети за откривање на воздушните објекти со мал радарски пресек. „Струна-1“ како и „Барјер-Е“ можат да бидат мошне опасни за воздухопловите од петтата генерација, како што се на пример американските повеќенаменски авиони F-22 и F-35.

Технологијата на невидливост односно стелтност (од англискиот збор „Stealth“ што значи невидлив) се засновува на максимално намалување на радарската рефлексивност на леталото преку која ја детектираат непријателските радари. Просто кажано, на радарскиот екран ваков објект изгледа далеку помал одошто е. Авион, беспилотно летало или ракета која е направена според технологијата на намалена видливост, или воопшто нема да се види на екранот на операторот кој управува со радарот, или неговиот одраз ќе биде толку мал што системот автоматски ќе го отфрли како небитен (да кажеме има радарска рефлексија еквивалентна на гулаб).

Обичните радари користат принцип на рефлексија на радиобранови. Радарот емитува сигнал кој доаѓа до воздушната цел. Овој сигнал потоа се рефлектира од оплатата на авионот, ракетата или слично, каде повторно се враќа кон радарската антена која потоа го обработува сигналот и го прикажува како резултат. Обично овој резултат е видлив како светечка точка која се прикажува на дисплејот со кој управува операторот.

Рефлектираниот сигнал не е толку силен како оној кој го напушта радарската антена. Тој е четирипати послаб на враќање и тоа кога целата операција на набљудување се одвива во идеални услови. Технологијата на зголемена стелтност всушност има за задача дополнително да го компромитира овој сигнал кој од авионот се враќа кон радарот, што е направен преку изработка на специфична форма на оплата на авионот, но и со помош на употреба на специјални прекривки кои се нанесуваат на авионот и кои го апсорбираат овој сигнал.

Во случајот со бистатичкиот радар „Струна“ се користи сосема поинаков принцип кој се состои од одвоен приемник и предавател кои се сместени на различни локации. Тоа овој радар го прави мошне почувствителен што му овозможува да следи објекти кои се креирани со употреба на стелт-технологија и кои за обичните ракети се незабележливи. На овој начин за неколку пати може да се зголеми површината на радарскиот пресек и практично да се игнорира постоењето на стелт-технологијата со која се третирани авионите од петтата генерација, но и современите борбени средства. Благодарение на уникатните карактеристики, овој радар може со голема прецизност да ги пресмета динамичките, но и останатите параметри на целта. Тој може да открие и различни неметални воздушни објекти како што се на пример аеростати и летачки „змејови“.

Предавателот и приемникот на бистатичкиот радар „Струна-1“ се поставени на камионски платформи, на посебни носачи кои можат да бидат подигнати на висина и до 25 метри, со што се достигнува позиција која е идеална за скенирање на мали височини кои се мошне проблематични за голем број конвенционални радари. Вообичаената оддалеченост помеѓу два елемента за време на набљудувањето на воздушниот простор е околу 50 километри воздушна линија. Во состав на целиот комплекс може да се најдат десетина вакви елементи за примопредавање, кои заедно со останатите радарски станици создаваат непробоен фронт на радарски полиња со должина и до 500 километри. Сите податоци што ги регистрира оваа мрежа се слеваат во командниот пункт по пат на заштитена врска која може да обработува до 50 различни цели (по 5 од секој индивидуален пункт за примопредавање).

Точно е дека и ваквите бистатички радари имаат свои недостатоци. Тие не работат на височини кои се поголеми од 7.000 метри, а нивното „видливо“ поле е релативно тесно и има јајцевидна форма. На рамен простор помеѓу предавателот и приемниот ширината на опфат на „Струна“ не е поголема од 12 километри, додека широчината е само 1.500 метри кога елементите се наоѓаат на минимално пропишаната оддалеченост.

Радарската станица е производ на познатата руска компанија „Алмаз-Антеј“ за која не постојат информации на официјалниот сајт на компанијата. На воздушно-космичкиот салон МАКС-2017 беше изложена поедноставната верзија на радарот „Барјер-Е“ која е наменета за извоз. Според определени информации, овие радари се наоѓаат во состав на ПВО која ја брани Москва.

„Руските бистатички радари не се универзални радарски станици, но можат да претставуваат сериозна опасност за воздухопловите на НАТО. Тактиката на употреба на фронтовска авијација, но и на крстосувачки ракети кои се потпираат на продор на мали височини, се наоѓаат токму во зоната на покривање на 'Струна'“, заклучува редакцијата на американскиот весник.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња