Наскоро полетува Ил-112В: Летало кое е идеално за специјалните авиодесантни операции

Марина Лисцева

Марина Лисцева

Лесниот воено-транспортен авион Ил-112В успешно го мина тестот на херметичност на трупот. Во тек се завршните подготовки за првиот лет на овој авион, по што започнува неговото сериско производство. Ил-112В во голема мера ќе ги зголеми можностите на руската лесна транспортна авијација која ќе добие авион со извонредни експлоатациски карактеристики.

„Спроведените испитувања позитивно одговорија на еден од најважните фактори кои се однесуваат на животниот век на еден авион, а тоа е проверката на неговата способност да го издржи проектираното оптоварување. Овој сложен и мошне опиплив сет тестови е исклучително важен за сите нови авиони кои се креираат практично од нула. Тие се мошне важни за влез на авионот во следната етапа која ќе доведе до тоа леталото да го изведе првиот пробен лет“, вели потпретседателот на корпорацијата за воено-транспортна авијација Алексеј Рогозин

„Веднаш по практичните летни тестирања ќе бидеме подготвени да започнеме сериско производство на договореното количество нови воено-транспортни авиони Ил-112В кои во голема мера ќе ги зголемат авио-транспортните можности на нашите вооружени сили“, истакна Рогозин.

„Овие тестови се изведуваат според строго дефинирани протоколи, и тоа во неколку фази, кои вклучуваат тестирање на оптоварувањето на трупот за време на самата монтажа на авионот, но и потоа, кога леталото во целост ќе биде составено. Финалната етапа на проверка на херметичноста на авионот се изведува по неговото составување, по интеграцијата на комплетната авионика и самото полетување“, истакнуваат во информативната служба на компанијата „Обједињонаја авиостроитељнаја корпорација“ ОАК (мак. Обединета корпорација за изградба на авиони). Тестирањата се изведуваат во специјализираната воронешка авиофабрика ПАО „ВАСО“.

Сегашниот потпретседател на владата на Руската Федерација и поранешен заменик-министер за одбрана Јуриј Борисов (тој на ова место е предложен на местото на неговиот претходник Дмитриј Рогозин), пред извесно време изјави дека Министерството за одбрана има потреба за набавка на повеќе од 100 воено-транспортни авиони Ил-112В.

„Во рамките на државната програма за опремување на нашата армија, во периодот до календарската 2025 година, ќе набавиме најмалку 22 вакви авиони. Но, потребите за Ил-112В се далеку поголеми поради истекувањето на ресурсите на постоечката флота на лесните воено-транспортни авиони. Убеден сум дека пред овој авион стои одлична перспектива, и дека за потребите на нашите вооружени сили ќе набавиме најмалку 100 вакви летала“, истакна Борисов пред собраните новинари за време на неговата обиколка на фабриката ВАСО.

Ил-11В е руски лесен воено-транспортен авион од новата генерација кој е конструиран за да ги замени постарите авиони Ан-26. Како и кај својот претходник, станува збор за концепција на слободноносечки висококрилец. Основното барање за време на неговата конструкција беше да добие апарат кој е способен да користи куси авионски писти, вклучувајќи и принудно направени патеки за полетување и за слетување кои воопшто не се бетонирани (пустини, ливади, ниви). Исто така се инсистираше да се довие летало кое е мошне лесно за одржување, а кое се одликува со висок степен на техничка жилавост за време на експлоатација со век од речиси 35 години (45.000 работни часови или околу 30.000 полетувања). Покрај овие карактеристики беше побарано леталото да биде мошне поедноставно за управување, да биде побрзо, како и да има зголемен оперативен досег на летот, што обезбедува значително поекономични мотори.

Основи техничко-тактички карактеристики на Ил-112В (споредено со карактеристиките на Ан-26)

Екипаж = 2 пилоти/ Ан-26 = 6 пилоти

Капацитет на патници = 44 (податок за цивилната верзија авиони). Претпоставка е дека Ил-112В ќе може да носи околу 30 војници со полна воена опрема како и Ан-26

Носивост = 5 т/ Ан-26 = 5,5 т

Должина = 23,49 м / Ан-26 = 23,87 м

Распон на крилата = 25,74 м / Ан-26 = 29,20 м

Висина = 8,9 м / Ан-26 = 8,5 м

Максимална полетна маса = 21 т / Ан-26 = 24 т

Капацитет на резервоарот = 7200 л / Ан-26 = 7,080 л

Максимална брзина = 550 кмч / Ан-26 = 540 кмч

Крстосувачка брзина = 450 - 500 кмч / Ан-26 = 430 кмч

Практични долет = 2400 км при товар од 3,5 т / 1000 км при максимален товар од 5 т/ 5 200 км празен без никаков товар ( Ан-26 / празен 2660 км / со товар околу 1,100 км)

Плафон на летот = 7 600 м / Ан-26 = 7 300 м

Основни карактеристики на моторот

Број на мотори = 2

Тип на мотор = турбоелисен

Мотор = ТВ7-117СТ / Ан-26 = АИ-24ВТ

Сила = 2 × 3000 Кс / Ан-26 = 2 х 2,500 Кс

Пречник на елисата = 3,9 м / Ан-26 = 3,9 м

Потрошувачка на гориво = 175 грама на Кс/час (Ан-26 = 254 грама на Кс/час)

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња