Руските конструктори започнаа работа на проект за развој на нов противподморнички борбен авион кој во перспектива ќе ги замени постојните авиони Ил-38 и неговата подоцнежна модернизирана верзија Ил-38Н „Новела“. Ова го изјави информативната служба на компанијата Воздухопловни системи „Иљушин“, а пренесува новинската агенција ТВ Звезда.
„Во овој момент во нашата компанија постои иницијатива која ќе ги согледа техничките можности за развој на новиот противподморнички авион кој ќе се реализира на летната платформа која ќе ја конструира компанијата Иљушин“, се наведува во соопштението на информативната компанија, а пренесува Интернет-порталот „Интерфакс“. На новинарско прашање за тоа кога овој авион би можел да ѝ биде презентиран на јавноста, луѓето од компанијата истакнаа дека во овој момент е сè уште рано да се зборува за тоа. Засега сè уште не постојат директни знаци од страна на Министерството за одбрана на Руската Федерација дека ваков авион е неопходен. Но, доколку на овој предлог позитивно се одговори, нашата компанија е подготвена со цел зголемување на одбранбената способност на руската армија да произведе потребен број вакви машини.
Ил-38 е воена варијанта на патничкиот авион Ил-18 кој својот прв лет го изврши уште во далечната 1961 година. Тој тогаш беше опремен со нишанско-навигациски систем „Беркут“. Главната задача на авионот Ил-38 е патролирање над територијалните води по должината на рускиот брег во потрага по противнички подморници. Според идејата на неговите конструктори, овој авион има способност да открие непријателска подводна цел и да ја уништи со употреба на торпедно вооружување. Но, уште тогаш се воочени сериозни недостатоци кај нишанско-навигацискиот систем „Беркут“ кој беше оспособен само за потрага по подморниците. Американскиот еквивалент Р-3С Орион, можеше да се спротивстави и на подморници и на површински бродови, како и да врши патролирање и радарско извидување на океан. Мораа да поминат децении да се дојде до сериозен пакет модернизација за овој авион.
И конечно, на почетокот на новиот век беше претставена длабоко модернизираната верзија на авионот Ил-38Н „Новела“ која по комплексните технички испитувања влезе во вооружувањето на руската армија (од 2005 година). Таа се состои од интеграција на сосема нов офанзивно-навигациски систем „Новела“. Според конструкторот, системот „Новела“ е во состојба да открие воздушни цели на растојание од 90 километри, а надводни до 320 километри. Притоа системот истовремено следи 32 цели кои се наоѓаат над и под водата. Се користи за вршење радарски мониторинг во три зони (подводна, површинска и воздушна), како и за насочување на личното вооружување, но и на останати воздухопловно-поморски сили кон целта. Системот обединува дигитален компјутер со пунктови за управување за двајца оператери. Пунктовите се опремени со ЛЦД-индикатори, а пунктот на командирот е снабден со голем монитор. Еден модернизиран авион може да извршува задачи на површина која е четирикратно поголема од претходниот оперативен радиус што го покриваше авионот Ил-38. Благодарение на исклучителната економија на летот овој авион овозможува извршување задачи во блиската и во оддалечената поморска зона. Може да носи и до 8.500 килограми борбен товар кој главно е составен од специјални противподморнички оружја како што се на пример слободнопаѓачките самонаведувачки торпеда и торпеда-ракето, хидроакустички пловечки сонари за детекција на подморници, слободнопаѓачки и наведувачки бомби, морски мини итн. Овој авион кој уште е познат и како „морски змеј“ или „убиец на подморници“ се наоѓа во вооружувањето на руската армија во број од околу 50 апарати
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче