Новинарите импресионирани од новата доктрина на руското МО во соработка со медиумите

Слободан Ѓукиќ
И покрај сосема депласираните обвиненија од страна на Западот дека Русија се подготвува на глобален план да започне „хибридна војна“, таа повеќе од кога и да било покажува желба за партнерство и за соработка. Во таа смисла, руското Министерство за одбрана спроведе коренита трансформација кога станува збор за односот кон „четвртата сила“. Новата доктрина на информирање на заинтересираноста на јавноста ѝ носи на Русија сè поголем кредибилитет со планетарни размери.

За август е планирана голема воена вежба „Восток-2018“ каде руската армија јавно ќе демонстрира нова димензија на своите оперативно-стратегиски способности кога станува збор за понатамошното унапредување на својот борбен потенцијал. Конкретно станува збор за проверка на групата носачи на крстосувачки ракети со голем дострел кои ќе ги користат воздухопловните, поморските и копнените борбени платформи. 

Појавувањето на новото вооружување, како и самите доктрини на употреба од страна на современата руска војска, најавена е од највисокото командно место. Началникот на рускиот Генералштаб и генерал на армијата Валериј Герасимов, неодамна недвосмислено истакна дека е во тек интензивен процес на опремување на руските единици кои во своето вооружување ќе располагаат со овие системи. Тие ќе ги покриваат сите стратешки правци на кои се изведуваат современите борбени дејствија. Најновата шема на употреба на руската војска која ќе се одликува со високопрецизни борбени системи со голем дострел ограничено е тестирана и на просторите на Сирија каде покажа многу добри резултати. 

Ова не е првпат олку важни изјави кои во својата содржина имаат одлуки од стратешка важност да се изговараат од страна на највисоките воени и политички официјални лица на Руската Федерација. Досега беше практика ваквите информации да се даваат ограничено, преку „неименувани извори“, кои главно ги пренесуваа странските медиуми. Сигурно најсилен пример на новата стратегија во односите со медиумите претставува говорот на претседателот на Руската Федерација Владимир Владимирович Путин во своето годишно обраќање до пратениците на рускиот парламент каде детално ги презентираше најновите обрасци во вооружувањето што имаат стратешки карактер. Но, ниту овој негов мошне „транспарентен“ говор не е нешто што е пресвртница во однос на високите руски официјални лица кон надворешната и информативната политика. Експертите за медиуми и маркетинг потсетуваат дека веќе подолго време е забележан нов систем на работа на релација Министерство за одбрана – медиуми, каде јасно се гледа драматична промена во однос на претходната година. 

Нов пристап во односот со медиумите

Фундаментално новите методи на соработка со медиумите кои се имплементирано во Министерството за одбрана на Руската Федерација обезбедија стабилен проток на конкретни информации кои досега беа мошне ограничени. Сите оние кои имаат амбиција да ги следат активностите на руското Министерство за одбрана и неговите клучни елементи, сега тоа можат да го прават на мошне ефикасен и едноставен начин. Практично, со неколку клика со глувчето на својот компјутер корисникот од кој било дел од светот може да дојде до скапоцени информации кои во претходниот период беа главно непроверени и до кои едноставно не можеше да се дојде. Пример за тоа а ангажирањето на руската армија во Сирија каде на дневно ниво се одржуваат прес-конференции во кои на еден мошне сликовит и содржински квалитетен начин се известува јавноста за комплетните активности на руската армија на овој простор. Ваквата детална практика на известување на медиумите за своите активности засега не е позната во светски рамки. 

Станува збор за уникатен, па дури и револуционерен пристап во комуникацијата со медиумите кој го сврте вниманието и на стручната јавност на останатите држави. Имено, голем број новинари на кои специјалност им е одбраната, како и странските воени аналитичари сакаат и во својата земја еден ден да го видат рускиот модел на интеракција со „четвртата сила“. Основниот пристап на ваквата комуникација со медиумите е целосно запознавање на јавноста со активностите на руската армија, без ниту една „мистификација“ која во старт би го пресекла секој обид за генерирање „рој“ дезинформации кои денес се мошне присутни особено кога станува збор за електронските медиуми. Едноставно, ако сакате да дознаете кристално чисти информации од прва рака кога станува збор, на пример, за Сирија, доволно е да одите на сајтот на Министерството за одбрана www.mil.ru каде ќе ве чека видеоконференција со детален пресек на тамошната ситуација која ја водат највисоките руски офицери кои непосредно раководат со самата операција. Покрај овој сајт, Министерството за одбрана на Руската Федерација поседува и канал на платформата Јутјуб, каде се бележи буквално секоја активност на руската армија која се одвива на дневно ниво. 

За тоа дека руската армија нема што да крие, сведочи и примерот на информацијата од пред неколку дена. Имено, информативната служба на компанијата „Иљушин“ јавно ја објави веста дека нејзините инженери подготвуваат проект за развој на нов авион за борба против подморници („убиец на подморници“), кој треба да го замени Ил-38. Навистина, ваквото длабоко откривање на своите развојни проекти останува незабележано во светски рамки. И тоа не е сè. Речиси секоја релевантна компанија која се наоѓа во рамките на воено-индустрискиот комплекс, има посебен оддел кој е задолжен за комуникација со медиумите.

Во ситуација на зголемена надворешнополитичка затегнатост, ваквите видови информации по правило се чуваат во тајност. Но, новата руска информативна доктрина во целост го напушти овој концепт и реши на целиот свет отворено да му покаже дека Русија нема што да крие. Ваквиот висок облик на „транспарентност“ е обратно пропорционален кога станува збор за западните воени партнери кои и понатаму ги кријат плановите за понатамошен развој. 

За сè експлицитно, без никакво криење 

Кон крајот 2017 година, објавени се резултатите од истражувањето во кое учествуваа новинари од различни делови на светот. Ова истражување имаше за цел да се формира рејтинг-листа на најдобрите информативни служби кои се наоѓаат во различни земји од светот, а кои ги покриваат моментално најважните настани од висок приоритет. Според ова истражување првото место го зазеде портпаролот на руското Министерство за одбрана кога станува збор за медиумите, а тоа генерал-мајорот Игор Конашенков. Истовремено, во позитивна смисла е апострофиран и самиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, како и началникот на Генералштабот на руската армија, генералот на армијата Валериј Герасимов. Имено, сите тројца се одликуваат со исклучителен професионализам, и особено е нагласен степенот на флексибилност и разбирање за секој новинар. За разлика од нив, анкетираните новинари имаа многу полошо мислење за Свјатислав Цеголка, кој на пример ја извршува должноста портпарол на моменталниот претседател на Украина Петро Порошенко, за портпаролот на американската Воена морнарица Џон Кирби, но за најновиот шеф на информативната служба на Пентагон Џеф Дејфис. Имено сите тие се далеку зад своите руски колеги.

Треба да се спомене и тоа дека информативната политика на министерствата за одбрана чии земји се наоѓаат во Европската Унија и САД, се далеку од каков било облик на „транспарентност“. Доказ за ова тврдење е честото незадоволство на нивните медиуми кои покрај очигледната цензура што владее таму, но и мошне непрофесионалните изјави кои немаат реално упориште во здравата логика, и кои генерално предизвикуваат гнев, но и потсмев во јавноста. 

Најфрапантен пример на ваквата практика се случи во јануари 2017 година. Имено, во тие студени јануарски денови информативната служба на Министерството за одбрана на Велика Британија, од петни сили се обидуваше да го сокрие неуспешниот обид за лансирање на интерконтиненталната балистичка ракета Trident II D5 од стратешката нуклеарна подморница од класата HMS Vanguard. Инцидентот се случи кон средината на 2016 година во близина на брегот на САД, поточно Флорида. Министерството за одбрана на Велика Британија издаде штуро соопштение за неуспешната реализација на оваа вежба без понатамошни информации за тоа каква била нејзината основна цел. Но, тамошните медиуми се посомневаа, па почнаа малку да го истражуваат овој настан. Не помина многу време кога на површината изби скандал каде излезе дека информативната служба на министерството „дебело ја излажала“ јавноста кога го издала соопштението за успешноста на вежбата. Имено, откако фамозната ракета била лансирана, таа одеднаш го променила својот курс и наместо кон океанскиот простор тргнала кон брегот на Флорида! Не треба ни да се помисли каква катастрофа можела да се случи доколку подморницата по некаква случајност била опремена со боева глава. „Доколку вежбата беше успешна, дали тоа значи дека ние во иднина планираме да извршиме нуклеарен напад на САД?“, ова е само еден од коментарите на голем број читатели на британските Интернет-форуми. 

А, што имаме ние од друга страна. Ние имаме информативна служба на руското Министерство за одбрана кое дава секојдневни извештаи од Сирија кои покрај другото се мошне објективни. Не постои глорификација на ниту една од страните во судирот. Се споменуваат рамноправно, како успесите, така и евентуалните неуспеси. Притоа не се опишува само она што се случило, ами се анализира ситуацијата, а од тоа изобилство податоци (бројност на непријателот, неговото основно вооружување, тактиката) можат дури да се формираат и краткорочни прогнози кои имаат високо ниво на сигурност. Покрај анализата на борбените операции, на овие брифинзи може да се чујат многу работи и за хуманитарните аспекти на операциите каде припадниците на рускиот контингент ги ризикуваат своите животи за да му помогнат на локалното цивилно население. Камерите се постојано на терен, секојдневно се ажурираат мапи, дијаграми. Кога сето тоа го слуша обичен човек, тој навистина добива впечаток како да е во Сирија, како да е интегрален дел на целиот тој систем. 

За танц се потребни двајца 

И додека обраќањето на претседателот Путин до пратениците на Федералното собрание на Запад беше протолкувано како еден вид предизвик, па дури и закана, во самата Русија тоа наиде на апсолутна поддршка. Повеќе од 54 милиони граѓани и во следните шест години својата судбина му ја доверија на Владимир Владимирович Путин кој од секој изборен циклус излегува сè посилен и посилен. Неговата надворешна и внатрешна политика не предизвикува незадоволство кај Русите. Доволно е само да се погледнат изборните резултати на претседателските кандидати кои во текот на својата предизборна кампања ја користеа реториката „симнување гаќи“, со нескриена маѓепсаност од западот и неговите неолиберални вредности. Тие беа „како со метла исчистени“ од руската политичка сцена на последните претседателски избори во март 2018 година.

Просечниот руски гласач денес е мошне информиран, и тоа како на локален, така и на глобален план. Благодарение на тоа, тој денес може мошне лесно да разликува што е што, а што е лошо за него и за неговото семејство, како и за неговата голема татковина. Повеќе е тешко да се манипулира со него. Нераскинливо е поврзан со земјата на која живее, со непрегледното небо што го опкружува, и со духот на своите славни предци кои со помош на цврстата верба ја создадоа најголемата земја на светот.

Накратко, Западот наскоро ќе мора да прифати еден мошне едноставен факт. Дека нашата планета не е нивна „своина“ каде само тие имаат ексклузивно право да ја преуредуваат и да ја обликуваат според своите стандарди. Уважувањето на геостратешките интереси на најголемата земја на светот се наметнува како единствен излез од моменталниот „ќор-сокак“ што го создаде самиот Запад со своите неодговорни постапки. За човечката цивилизација да може и понатаму да егзистира, очигледно е дека за тој танц се потребни двајца.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња