Советскиот Т-21М1 стана „офанзивен овен“ во уривањето на џихад-тврдината во Источна Гута

Youtube
Советските/руски тенкови Т-72М1 зајакнати со таканаречената „аголна оклопна заштита“ станаа вистински „офанзивни овни“ во рацете на сириската армија, а со нив беше пробиена главната капија на џихадистичката тврдина во Источна Гута, што практично доведе до нејзино дефинитивно ослободување.

Сириската војна изроди многубројни модификации, пред сè кога станува збор за оклопните борбени средства. Едноставно, само реалните борбени услови на експлоатација можат да ја определат конкретната вредност на определено оружје/орудие, кое на најпрактичен начин ќе ги идентификуваат неговите најслаби точки. Една од најновите модификации на сириските инженери е применета на основниот борбен тенк Т-72М1. Имено, групата модифицирани тенкови Т-72М1 е применета за време на операцијата во Источна Гута, и тоа во составот на 105 бригада на Републиканската гарда. Би се рекло дека најголемо внимание е насочено кон унапредување на неговата купола и на бочните страничници, оклопните плочи кои се поставени под определен агол (како некоја ролетна – заб. авт.). За време на инсталацијата на овие оклопни прегради, динамичката заштита на тенкот „Контакт“ главно останува на своето место.

Според сириски воени извори, најновата модификација на седумдесет и двојката се покажала повеќе од сигурна во текот на операцијата во урбан лавиринт како што е Источна Гута. Како што истакнува рускиот Интернет-портал topwar.ru ваквата „аголна“ оклопна заштита успеала да го спаси тенкот од проектил кој е испукан од „злокобниот“ противоклопен ракетен систем BGM-71 „TOW“м но и советскиот/руски „Метис-М“.

Кога станува збор за епизодата со ракетата од противоклопниот ракетен систем BGM-71 „TOW“, таа удри во предниот дел на тенковската купола која беше заштитена со аголни екрани. Во тоа време од последиците од детонацијата е откинат добар дел од овој оклоп, а уништен е и инфрацрвениот рефлектор кој се наоѓа од десната страна на тенковскиот топ. Но, она што е најважно е што останатите делови на тенкот останаа функционални и тој по неопходната техничка интервенција на додавање на изгубениот оклоп, продолжи со активни борбени дејствија. Регистрирано е и тоа дека ваквиот вид оклоп е применет и на останатите борбени средства на сириската армија, како што се и другите тенкови, борбени возила на пешадијата, па дури и на ЗСУ 23-4 „Шиљка“. Неговата ефикасност е сигурно помала кај возилата кои немаат дополнителна оклопна заштита во вид на реактивни плочи „Контакт“ кои се поставени на основниот оклопен тенк.

Во периодот кој дефинитивно остана зад нас, тактиката на употребата на тенковски единици во рамките на сириската армија е оценета како генерално неуспешна, особено кога се изведуваше операција во урбаните делови, како што се, да кажеме, густите населби на Дамаск. Најчестата критика се однесуваше на самостојното дејствување на оклопната техника која многу малку, па дури и никако, се потпираше на поддршката од пешадијата. сè беше мошне неуиграно, понекогаш и трагикомично, што резултираше со зголемување на борбените загуби во техника и жива сила. Ова особено се зголеми кога терористите добија помодерни противоклопни средства како што е, да кажеме, гореспоменатиот американски „TOW“.

Изгледа дека Сиријците извлекоа дебели, но и крвави поуки од сево ова. Покрај модернизацијата на оклопната заштита, и самата тактика на употребата на оклопните единици е подигната на многу повисоко ниво. Забележлива е потемелна подготовка пред секој напад, каде во изработката на деталниот план на нападот интензивно се користат беспилотни летала, како и врска со сателити (ГЛОНАСС). Командантите на терен се опремени со специјални преносни компјутери, каде во реално време добиваат слика на боиштето и го насочуваат понатамошниот напад. На оклопните единици им помага авијацијата и артилеријата, додека тенковите ги следат борбените возила на пешадијата и специјалните офанзивни групи кои го покриваат нападот на тенковите и ги чистат непристапните реони за техниката. Зад офанзивните мешовити борбени групи се наоѓаат средства за непосредна огнена поддршка, како што е на пример ЗСУ-23-4 „Шиљка“ како и снајперски тимови вооружени со тешки снајперски пушки со калибар од 12.7 милиметри.

Навистина, сè е подигнато на мошне повисоко ниво и добива одлики на вистинска борбена машина за „мелење месо“. Ова драматично го зголеми и размерот во загубите, во корист на сириската војска, секако, каде на определени делови од фронтот терористите ги губат комплетните свои единици, а армијата за тоа време да нема ниту еден загинат борец. Секако, тоа се сè уште ретки случаи, но генерално се оди кон тоа, о тоа е она што е мошне позитивно.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња