Мали, но убиствени: Најопасните руски авионски и бродски топови

Министерството за одбрана на Русија
Ова оружје е применувано во сите поголеми воени конфликти, почнувајќи од Авганистан.

Русија планира поголемиот дел од своето оружје да го замени со нови системи за вооружување. Единствен исклучок се авионските и бродските топови направени на крајот на епохата на Советскиот Сојуз. Не се знае дали на пазарот воопшто ќе се појави алтернатива за ова артилериско оружје зашто топовите од овој систем се исклучително моќни и сигурни.

Наведуваме список на најубиствените „мали“ руски артилериски оружја.

Грјазев-Шипунов ГШ-30-1

Овој автоматски топ со калибар од 30 милиметри е монтиран на речиси сите современи руски тактички авиони, вклучувајќи го и МиГ-29 од четвртата генерација, па дури и на најновите високотехнолошки авиони Су-57.

Овој топ со една цевка испукува 1.800 проектили во една минута, а за ликвидација на авион или на борбено возило на земја потребни се само 3 до 5 гранати од топот ГШ-30 со калибар од 30 милиметри.

Но, неговата голема огнена моќ има и своја цена. Имено, топовската цевка брзо се троши и може да испука 2.000 проектили, а ако пилотот е лошо обучен и отвора оган со непрекинат рафал, тогаш цевката ќе мора да се замени по само 150 испукани гранати.

Ефективниот дострел на гаѓање воздушни цели е 800 метри, што е повеќе од доволно за вооружен судир. Дострелот за цели на земја е 1.800 метри.

ГШ-23

Тоа е топ со две цевки со калибар од 23 милиметри направен кон средината на шеесеттите години од минатиот век за стратешката авијација и за борбените хеликоптери.

Интересно е што овој производ е заснован на германски технологии што ги имаат разработено Карл Гаст и неговата компанија. Основниот принцип на работа на системот ГШ-23 се состои во тоа што отворањето оган од едната цевка ги активира механизмите на другата цевка. Штом од едната цевка се исфрли проектил, во другата се уфрла нов. Благодарение на овој принцип топот со две цевки е двократно поекономичен од оној до една цевка.

Овој германски систем беше мошне популарен во Советскиот Сојуз зашто е сигурен и едноставен за опслужување, дури и на аеродроми кои се оддалечени од урбаната средина.

Сепак, ГШ-23 со две цевки со калибар од 23 милиметри служи главно за борба на мали растојанија зашто секој стратешки бомбардер е заштитен од воздух и целиот простор за борбен товар е наменет за наведувачки и за нeнаведувачки бомби и ракети.

Убиец со шест цевки

Топот со две цевки со калибар од 23 милиметри испукува 3.500 проектили во минута, но Русите направија нешто уште поопасно – верзија на топ со шест цевки со калибар од 30 милиметри кој може да распарчи дебели метални оклопи на непријателските воени бродови.

Овој „секач на метал“, како што го нарекуваат морнарите, испукува 5.000 проектили во минута.

Оружјето е толку добро направено што поголемиот дел современи руски бродови, од миноловци до тешкиот носач на авиони „Адмирал Кузнецов“, се вооружени со овој топ со шест цевки.

Но, во современото војување против огромни метални „морски џинови“ главно се користат торпеда и ракети, и затоа овој артилериски систем со ознака АК-630 главно се користи против цели кои го напаѓаат бродот од воздух.

Монтиран е во затворена автоматска купола, има радар МР-123 и екран за откривање и следење цели. Основната намена на овој систем е заштита на бродот од противбродски ракети и од друго високопрецизно оружје. Топот може да се користи и против летала со фиксирани крила или ротори, како и против помали бродови, крајбрежни цели и пловечки мини.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња