Скриншот на видео снимка
Во годишното обраќање до Федералното собрание рускиот претседател соопшти дека Русија поседува нови видови вооружување во домашните претпријатија. Меѓу нив е и споменатата подморница на нуклеарен погон без екипаж вооружена со термонуклеарни боеви глави, наведува порталот rg.ru.
Овој апарат може да се движи на огромна длабочина, поголема од 1.000 метри, што значи дека е надвор од дострелот на бродските сонари. Специјално за оваа подморница е разработен систем за наведување кој ѝ обезбедува автономна навигација и прецизно гаѓање на целите.
„Компјутерската симулација покажа дека е мошне тешко, односно дека е практично невозможно да се пресретне ваква подморница. Ова оружје на воената морнарица на Русија ќе ѝ овозможи да реши широк спектар задачи во оддалечените морски зони“, истакна адмирал Владимир Корољов, командант на руската воена морнарица.
Апаратот не може да се фати благодарение на длабочината на пловидбата и на големите маневарски можности, но најважна е големата брзина на оваа подводна ракета. Ја придвижуваат четири елиси, така што развива брзина од 100 јазли (185 километри на час). Објект кој се движи под вода со таква брзина не може да го пресретне, ниту да го стаса ниту еден постоечки и перспективен подводен проектил.
Кога станува збор за „широкиот спектар задачи“ кои ги спомена командантот на Воената морнарица, важно е да се спомене дека оваа подморница без посада ќе носи термонуклеарна боева глава со сила од 100 мегатони. Експлозија со таква јачина во отворено море гарантира целосно уништување на носач на авиони и на сите придружни воени бродови. За такво нешто на ракетата ѝ е доволно да се приближи на ескадрата на неколку наутички милји, пишува списанието „Попуљарнаја механика“.
Уште поразорен ќе биде нападот на ова ново руско оружје не копно. Споменатото списание за пример прикажа симулација на примената на оваа подморница во заливот на Сан Франциско. Нуклеарна експлозија со јачина од 100 мегатони во мореузот на Златната врата (Golden gate), ќе уништи цел град (при што ќе загинат околу 1.3 милиони луѓе, а уште милион ќе бидат повредени), додека радиоактивните материи ќе опустошат неколку американски држави и тие повеќе нема да бидат поволни за живот.
Карактеристиките на подморницата за која зборуваше Путин се поклопуваат со параметрите на објектот „Статус-6“ за кој се дозна во 2015 година (според официјалната верзија, информацијата случајно протекла). Како што е наведено во описот на „Статус“, една од неговите задачи е на непријателот да му нанесе неприфатлива штета, создавајќи широки крајбрежни зони со радиоактивно загадување каде луѓето нема да можат долго да живеат.
Во достапните извори фигурира само едно оружје кое има слични карактеристика. Тоа е кобалтната бомба што ја опиша американскиот физичар Лео Силард. Тоа е термонуклеарна бомба која во обвивката не содржи ураниум-238, ами кобалт-59. За време на нуклеарната експлозија обвивката се изложува на силни неутронски зраци и преминува во изотоп кобалт-60 со многу висока радиоактивност и со период на полураспаѓање кој трае повеќе од 5 години.
Експлозијата на таквата бомба гарантирано уништува сè живо. Нема да преживеат ниту луѓето во засолништата зашто периодот на полураспаѓањето на кобалт-60 трае долго, а со самото тоа долго трае и радиоактивното загадување. Кобалтната бомба никогаш не е тестирана, пред сè поради стравувањата дека за време на масовна примена ова оружје би можело да ја уништи целата биосфера на Земјата (пресметано е дека за тоа би биле потребни само 510 тони кобалт).
Но, ова оружје може да се третира како високоефикасно средство за одвраќање, заедно со системот „Периметар“ кој го поседува руската армија и кој гарантира дека руските стратешки ракетни сили ќе одговорат на напад дури и ако бидат уништени сите командни положби и целото раководство на земјата.
Да потсетиме дека претходно Министерството за одбрана на РФ објасни зошто се потребни нови видови оружје. Соединетите Американски Држави ја опколуваат Русија со обрач на глобален систем за ПВО. Американски противракетни системи се поставени на Алјаска, на Балтик и во Романија, а се завршува создавањето вакви бази во Полска. Елементи за ПРО ќе се појават и во Кореја и во Јапонија, вели заменик-министерот за одбрана, генерал-полковник Александар Фомин. САД планираат околу границите да постават 400 ракети што во голема мера ќе го намали рускиот потенцијал на нуклеарно одвраќање. До 2022 година во системот за ПРО ќе има повеќе ракети одошто Русија има боеви глави, велат во Пентагон.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче