Американски експерт ги спореди рускиот Су-57 со американските F-22 и кинескиот J-20

Рускиот Су-57

Рускиот Су-57

Global Look Press
Тестирањето на рускиот ловец од петтата генерација Су-57 во борбените дејствија во Сирија го привлече вниманието на западните воени експерти.

Американскиот воен експерт Мајкл Кофман, научен соработник на Меѓународниот научен центар „Вудро Вилсон“, спореди руски, американски и кинески авион од слична класа. Според него, Су-57 не е толку „невидлив“ како американскиот F-22 или F-35, но е многу функционален. Кога станува збор за кинескиот Ј-20, американскиот експерт констатираше дека овој авион има добра авионика и софтвер, но е полош од Су-57 поради стариот модел на моторот и поголемиот габарит.

Кофман тврди дека Русите ги испратиле своите најнови авиони од две причини. Една од нив е да се промени приказната која во Сирија се повторува во текот на изминатите неколку недели и авионот Су-57 да го одвлече вниманието на медиумите. Втората причина е на потенцијалните купувачи да им се демонстрираат можностите на новиот авион, како и можностите на другото руско вооружување во Сирија.

„Тие секогаш бараат инвеститори за нови технологии. Авионите од петтата генерација се доста скапи“, вели тој.

Кофман вели дека Су-57 е „поневидлив“ од американските авиони од четвртата генерација, но смета дека според овој параметар сè уште не е на нивото на американските F-22 и F-35, а не е ни скап како нив. „Би рекол дека тоа е невидлив авион за сиромашни“, вели Кофман.

Од друга страна, тој смета дека според маневарските можности секако е остварен голем напредок во однос на авионите од четвртата генерација, иако „руските авиони се секогаш мошне функционални и имаат големи маневарски можности“, додаде тој, истакнувајќи дека Су-57 не е предвиден да биде директна конкуренција на американските модели F-22 или F-35.

F-22

„Сигурно постојат луѓе кои мислат дека нивната Хонда Сивик е подобра од моето Бе-Ем-Ве, но една работа треба да се сфати: постои пазар за авиони од петтата генерација. Кому можат да бидат продадени тие авиони? Кинезите се единствени кои сè уште работат на тоа“, вели американскиот експерт и ги спореди рускиот и кинескиот авион, заклучувајќи дека Су-57 во оваа смисла е подобар.

Најважен е моторот. Сè останато може да биде врвно, но сè се врти околу моторот“. Су-57 не се произведува сериски зашто сè уште не е завршен моторот за него, истакнува Американецот. „Овој авион лета на модернизиран модел на Су-35 и затоа сè уште не може да се третира како авион од петтата генерација. Тој е поневидлив од Су-35, но не е и од F-35“.

За кинескиот авион Ј-20 Кофман вели дека тој веројатно има одлична авионика и софтвер, но, како и секогаш, има многу лош мотор. „Претходно кинеските конструкции на невидливи авиони беа базирани на старите руски мотори Климов зашто Кинезите не можат да направат добар мотор“.

Кофман, исто така, ги истакна големите габарити на кинескиот авион поради што тој полесно се забележува на радарите. „Мошне сум скептичен кога станува збор за невидливоста на овој авион“.

На прашањето кој авион би го зел, дали рускиот Су-57 или кинескиот Ј-20, Кофман одговори: „Секогаш би зел кој било руски авион со руски мотор, одошто кој било кинески авион со стар руски мотор. Не би седнал во ниту еден кинески авион со кинески мотор“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња