Ќе грми како свети Илија-громовник! Почнува модернизацијата на Су-30СМ

Сергеј Пивоваров/Sputnik
Најновиот пакет модернизации покрај постоечките ловечки способности, ќе ги зголеми борбените карактеристики на авионот за да извршува широка лепеза класични бомбардерски задачи. Покрај достапните средства, стандардниот Су-30СМ1 ќе обезбеди интеграција на најновото ултрапрецизно оружје од класата воздух-земја како што се КАБ-250 и Х-59МК2.

„Оваа година планираме да ја започнеме првата етапа од модернизацијата на повеќенаменскиот борбен ловец Су-30СМ која би требало да биде завршена следната 2019 година, од кога би започнала примената на најновиот стандард“, истакна за новинската агенција РИА Новости Докторот на технички науки и прв заменик-министер за одбрана Јуриј Борисов. Тој ова го изјави за време на посетата на познатата Иркутска воздухопловна фабрика каде се произведуваат овие авиони. Според него, во овој момент во руските вооружени сили се наоѓаат 100 оперативни борбени авиони Су-30СМ.

„Овие летала извонредно се покажаа за време на своите борбени мисии во Сирија каде прикажа широк дијапазон можности на својата примена“, истакнува Борисов. Врз основа на воените искуства, но и врз основа на остварениот напредок во техничката сфера, покрај Су-30СМ кои се изклучиво наменети за руското воено воздухопловство, се планира и освојување пакет модернизации и за извозните варијанти на овие ловци. Со ваков пакет модернизации неговата ефикасна примена ќе биде продолжена во следните 35-40 години.

Модернизираната верзија на повеќенаменскиот ловец ќе ја носи ознаката Су-30СМ1. Основните унапредувања во однос на верзијата Су-30СМ се однесуваат на подобрувањето на нападно-навигацискиот комплекс авиони кои ќе обезбедат употреба на перспективните типови огнено оружје од класата воздух-земја. Според дел од луѓето кои се вклучени во овој процес, пакетот на модернизација во голема мера ќе го приближи овој авион до борбените летала од петтата генерација.

Су-30СМ е авион со извонредни летечко-тактички карактеристики. Неговата главна задача е остварување апсолутна воздушна доминација над поширокиот простор каде се одвива битката. Основниот фокус се противничките ловци и бомбардери, но можат да се употребат и за гаѓање цели на земајта. Со најновиот пакет на модернизација руските конструктори очигледно се обидуваат да ги унапредат неговите „бомбардерски“ карактеристики и да ги изедначат со неговите способности кога станува збор за борба во воздух. Во таа смисла може да се очекува интеграција на дополнителен пакет софистицирана опрема за откривање и гаѓање цели на земја што ќе овозможи проширување на листата на огнени средства од класата воздух-земја кои можат да се најдат во неговото вооружување. Според воените стручњаци, најверојатно се конципира варијанта која ќе може да применува високопрецизна муниција какви што се на пример „насочувалките воздушни бомби КАБ-250 и ракетите од класата воздух-земја Х-59МК2“.

КАБ-250* е специјално развиена за руските авиони од петтата генерација Су-57 и е прилагодена за носење во внатрешните борбени магацини. Но, без оглед на својот изглед кој е прилагоден на ова барање, бомбата можат да ја носат и други авиони чии подвесни точки се наоѓаат главно однадвор, на крилата или под трупот на авионот. Таков ќе биде случајот и со најновата модернизирана варијанта на Су-30СМ1. Бомбата е конструирана на база на класичната аеродинамичка шема. За зголемување на нејзиниот оперативен долет за време на отпуштањето на авионската платформа, но и за нејзините маневарски способности, доградени се аеродинамички крила. Основен императив за време на нејзината конструкција бил да се обезбеди висока точност на пододувањето (отстапување од целта не повеќе од 5 метри) во услови каде авионот не влегува во зона на непосредно дејство на противничката ПВО. За да се постигне ваква прецизност, руските конструктори применија систем за комбинирано насочување на авиобомбата која во почетниот и во средниот дел од својот пат се насочува со инерцијално-сателитски апаратури, а во завршниот дел од патот (на некои 2-3 километри од целта) насочувањето го презема термовизиската глава за самонасочување, која со корелациски алгоритам за обработка на информациите, автоматски ја селектира и ја следи целта, уривајќи се на неа со „снајперска“ прецизност. Исто така, кога е опремена со ласерска глава, бомбата може да се насочува по пат на ласерски сноп кој може да се емитува од воздух или од копно (пешадија со копнени ласерски обележувачи на целта). Примената на термовизиската глава за самонасочување обезбедува висока отпорност на бомбата на електронско попречување од страна на противникот (напомена: за време на силно електронско попречување доаѓа до опструкција и пукање на каналот кој сателитски ја насочува бомбата кон целта. Тогаш на сцена настапува инерцијалното насочување кое ја доведува бомбата во реонот на целта токму толку колку да го зафати термовизиската глава за самонасочување, која потоа го презема управувањето со бомбата до ударот во целта). Бомбата е тешка 250 килограми, од кои на експлозивното полнење отпаѓаат 50% од нејзината тежина. Опремена е со шрапнелски тип боева глава.

Ракетата од класата воздух-земја Х-59МК2 всушност претставува радикално модернизирана концепција на противбродската ракета Х-59МК „Овод-МК“. Оваа ракета е наменета за уништување на неподвижни копнени цели, како што се поголеми објекти и инфраструктура на непријателот. Опремена е со различни типови системи за управување, како што е инерцијалниот систем за насочување со кој е интегриран електрооптичкиот блок и системот за сателитска навигација ГЛОНАСС. Кај неа во целост е применет принципот „пукај и заборави“. Станува збор за ракета со исклучителна прецизност и разорна моќ. На максималниот дострел кој е проектиран на 300 километри, оваа ракета има отстапување од целта од само 2-5 метри, што е сосема неважно ако се знае дека носи боева глава набиена со дури 350 килограми високобризантен експлозив. За време на своето крстосување, ракетата користи исклучително низок профил на летот, така што претставува тешковоочлива цел за непријателските радари. Всушност, и самата технологија на нејзината изработка се засновува на принципите кои дополнително ја намалуваат нејзината радарска рефлексија. Покрај пробојно-уривачките боеви глави Х-59МК2 може да биде опремена и со касетна боева глава за уништување на поголем збир непријателска жива сила и оклопна техника. Накусо, станува збор за исклучително софистициран проектил кој може од лицето на Земјата да „истреби“ огромен број разлилчни копнени цели, без оглед на неговата големина и на степенот на заштита.

Како што веќе рековме, рускиот повеќенаменски борбен авион Су-30СМ првенствено е наменет за остварување превласт во воздушниот простор. Уште во 2012 година е потпишан договор за Министерството за одбрана на Руската Федерација, со кој се опфаќа набавка на 116 апарати Су-30СМ, од кои во редовите на воено-космичките сили би отишле 88 вакви авиони, додека воената морнарица би добила 28 апарати Су-30СМ. Практично, реализацијата на овој договор, односно неговата динамика се одвива доста поволно, така што досега се испорачани околу 100 авиони од овој тип за руските воздушни единици. Наскоро најверојатно ќе биде потпишан договор за набавка на уште 50 авиони Су-30СМ/СМ1за потребите на Министерството за одбрана, кое потоа по потреба ќе ги распореди онаму каде што е потребно. Овој договор би требало да се реализира најдоцна до 2022 година, по што Иркутската фабрика за воздухоплови ќе се фокусира на производство на линијата патнички авиони МС-21, кои моментално се наоѓаат во фаза на интензивно тестирање. До крајот на 2022 година проценките се дека руската армија ќе поседува 170-180 летала Су-30СМ/СМ1.

*Бомбата ја конструираа инженерите на корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња