Точка на пробив на ПВО! Тактиката на употребата на современата ловечко-бомбардерска авијација

Слободан Ѓукиќ
Ескадрила ловци-бомбардери се спушта на исклучително мала висина на летот се движи кон цела, максимално користејќи го релјефот на теренот. Екипажите преминуваат на режим на радиотишина, ги гасат своите комуникациски уреди и се приближуваат на секторот кој го покриваат непријателските средства за ПВО. Ништо не смее да го наруши ефектот на изненадување. Но, ова не може да трае вечно.

Неколку минути од влегувањето во зоната на дејствија на непријателската ПВО, индикаторите регистрираат радарско зрачење и почнуваат да светат во кабината на пилотот. Ударната ескадрила ги открива позициите на непријателските радари и опфатот на целите. Кој прв ќе лансира ракета, тој ќе победи. 

Во современиот воен судир кој е карактеристичен за 21 век, доминацијата во воздушниот простор се наметнува како елемент кој е од примарно значење! Но, и најсилните воени воздухопловства во квалитативна, но и во квантитативна смисла, можат да се најдат во голем проблем кога ќе нападне непријател кој има мошне развиен систем за противвоздушна одбрана. Сепак, и во вака конципираните одбранбени системи кои на прв поглед се чинат непробојни, секогаш се наоѓа најслабата точка која може да се пробие. Во овој текст ќе ви ги претставиме основните тактички начела што ги користат пилотите на современата ловечко-бомбардерска и офанзивна авијација, со цел пробој на непријателската воздушна бариера која се состои од единици за противвоздушна одбрана. Соговорник на порталот на РИА Новости е врвниот пилот, генерал-мајор Владимир Попов. 

Извивање како змија 

Во директен судир со единиците за противвоздушна одбрана, авијацијата се наоѓа во подредена положба. За да го уништат копнениот систем за ПВО, бомбардер или офанзивец мора прво да го открие, да ги утврди неговите координати и да се приближи на далечина на дострелот на своите ракети од класата воздух-земја. Од друга страна, копнените радарски станици без некој поголем проблем можат да ги откријат противничките авиони зашто за разлика од нив тие се наоѓаат во едноличен воздушен простор. 

„За пробој на непријателската противвоздушна одбрана не постои универзална тактика која е ефикасна во секој момент. Едноставно, сè зависи од ситуација до ситуација“, категоричен е генерал-мајор Владимир Попов, пилотски ас кој има управувано со тактички бомбардер Су-24. Според него, неопходно е да се земат предвид практично сите инпути како што се количеството и квалитетот на непријателската ПВО, како и општите и специфичните карактеристики на боиштата на кои се изведува воздухопловната операција. 

Ја земаме предвид задачата која го изискува воздушниот напад на дел од непријателскиот фронт кој е зајакнат со современи средства за ПВО. Радарите со различни далечини на детекција нееднакво ја гледаат својата цел. Радарите со голем дострел имаат можност да откријат цел на најголеми далечини. Но, за да ги откријат целите со големина на тактички бомбардер, кои понекогаш можат да достигнат далечина од повеќе стотини километри, авионите мораат да летаат многу високо. Доколку авионите летаат пониско, или екстремно ниско, овие радари не можат да ги откријат објектите со вакви параметри на летот. Ова е еден од фундаменталните принципи на тактиките на пробој на непријателската противвоздушна одбрана која ја користи офанзивната авијација. 

„Колку пониско летаме, толку потешко ќе нè забележи непријателот“, истакнува генералот. „Во идеални услови висината на летот треба да се наоѓа во дијапазон од 50 до 300 метри. И топографијата на теренот е наш голем сојузник. Природните и вештачките препреки нè штитат од радарското зрачење, ја попречуваат неговата детекција и предизвикуваат пречки. Нерамен терен, згради, шуми, брда, ниска облачност – сево ова го опструира дејството на радарот. За уште повеќе да се збуни непријателот, овие авиони треба да поседуваат и примена на противелектронски средства (ПеБ), кои дополнително го компликуваат откривањето и локацијата на воздушните објекти. Покрај примената на ниска патека на лет и употреба на средства за ПеБ, мошне важна ставка е и крстосувачката брзина, која не би смеела да биде пониска од 1.000 километри на час. Од исклучителна важност е и обликот на патеката на летот која мора да биде со свиоци, а не во права линија. Практично да личи на свивањето на змија. 

Зошто е важно ова? 

Па, кога непријателскиот радар и покрај сите применети мерки ќе успее некако да го фати радарскиот одраз на авионот, тој во ист момент го префрла на автоматски режим на следење и ги врши потребните пресметки за гаѓање. Но, кога авионот интензивно маневрира, овој сигнал постојано се губи, односно авионот наизменично „влегува и излегува“ од зоната која ја покрива овој радар што драматично ја усложнува реакцијата на ПВО. Ова е од исклучителна важност за конечниот успех на офанзивната авиогрупа“, истакнува генералот. 

„Ослепи и уништи“ 

Авионот е најранлив кога ќе влезе во непосредната зона на нападот. На мала оддалеченост од целта многу е тешко да се изведе тактика на активни маневри зашто е неопходно да се открие целта, да се фати и прецизно на неа да се насочат средствата за напад од класата воздух-земја. Но, според генерал-мајорот Попов, објектот на напад во конкретната ситуација е однапред познат, благодарение на претходното интензивно набљудување во реонот на операцијата и на перманентниот сателитски надзор. 

„Сите сигнали кои во тој момент се вперени против нас, за нас се видливи“, истакнува генералот. Електронските индикатори на авионите регистрираат зрачење на непријателските радари и директно ги прикажуваат на дисплејот кој се наоѓа во кабината на пилотот на авионот. Ние точно гледаме каде се наоѓаат тие, колку се оддалечени од нас и во каков режим на работа се. Овие индикатори имаат функција да го предупредат пилотот дека авионот е озрачен. Во тој момент пилотот во главата треба да има само една мисла, а тоа е да ги примени сите мери и постапки за со својот авион да ја избегне противничката ракета и радарската видливост. Неутрализирањето на откриената непријателска положба во овој случај е од секундарно значење. Оваа точка доаѓа на ред дури откако ќе се избегнат сите опасности за самиот авион и за неговиот пилот. Кога станува збор за артилериските системи за ПВО кои се опремени со брзометни топови, тие исто така можат да се најдат во редовите на непријателот. Но, пилотите на млазните борбени авиони не треба премногу да обрнуваат внимание на нивното дејство зашто е главно ефикасно против хеликоптери и дозвучни крстосувачки ракети, но не и против авијацијата. 

Приоритетна цел на офанзивната авиогрупа се непријателските радари. Без нив сите релевантни средства на непријателската ПВО, а тоа се пред сè се однесува на ракетите со среден и голем дострел, стануваат практично неупотребливи. „Слепи“ и без никаква борбена вредност. Радарските станици имаат функција да насочуваат ракети на секој објект на небото кој рефлектираат радарски бранови. И затоа претставуваат цел од примарно значење чие уништување е основна претпоставка за успесите на севкупната операција. Друга мошне важна цел се лансирните единици кои се опремени со ПА ракети. Задачата е максимално да се неутрализира и да се внесе дезорганизација во борбениот поредок на ПВО на тесно зафатениот дел од фронтот, и да се образува „бреша“ (отвор) во системот за ПВО низ кој ќе се воведе главнината на воздухопловните офанзивни сили со цел поширока експлоатација на остварениот успех. 

„Кога првиот ешалон на офанзивната авијација ја пробива одбрана на ПВО, по него настапуваат ескадрилите на јуришниците кои вршат темелно поништување на отворената 'бреша'“, објаснува Владимир Попов. Потоа ангажираната ловечко-бомбардерска авијација се насочува на целите по оперативна длабочина на непријателот каде не дозволува отворената „бреша“ да се затвори со формирање резервни позиции во системот за одбрана на ПВО. Се напаѓаат главните и помошните правци кои непријателот ги користи за прегрупирање на своите сили, предизвикани со попречување на системот за одбрана, како и сите позиции каде е присутна поголема концентрација на непријателските единици. Во овој момент во борбата можат да се воведат и јуришни хеликоптери, кои се мошне ефикасни против непријателските точкести цели и огнените позиции кои не се нашле на удар на главнината на воздухопловните офанзивни сили, кои во меѓувреме се имаат раширено по целокупната длабочина на непријателскиот распоред. 

Овие дејства мораат да се изведуваат дрско, решително и мошне организирано. Целта е во границите на расположливите можности максимално да се скрши непријателската ПВО каде во следната фаза можат да се воведат и воздушно-десантни сили за формирање на десантна база која подразбира спуштање на копното и започнување нова фаза за воздушно-копнена битка со најголем можен интензитет за уништување на непријателот и за заземање на територијата. 

Накусо, станува збор за сложена, мултивитска воздушно-копнена операција која мора од својот почеток па до крајот да биде исклучително организирана и водена. 

Во рамките на воздушно-космичките сили на руската армија ваквите сценарија се наоѓаат во редовната наставна програма на оспособување на идните борбени пилоти. Екипажите имаат обврска да минат мошне сложена обука во зависност од формациското место и од видот на воздухопловот со кој летаат, а кои се користат во ваков вид воздушни операции: тактички бомбардери, ловци, ловци-бомбардери, тактички јуришници, у подоцнежната фаза јуришни хеликоптери, посади на воени-транспортни авиони итн. Циклусот воени вежби се изведува на сите височини: мали, средни и големи, а сè се вежба до ниво на автоматизам. 

Пробојот на противвоздушниот бедем на непријателот е една од најкомплицираните и најризични задачи кои може да ги добие еден пилот на борбен авион. Конечниот успех или неуспех на ваква сложена операција во која максимално се ангажираат најквалитетните единици во вооружените сили на една држава можат во голема мера да го решат и самиот исход од војната. Треба да се нагласи дека ова е најосновниот облик на оваа тактика и дека не се навлегува во нејзината детална разработка која опфаќа добар дел специфични варијанти со употреба и на други типови ракетно и друго специјално оружје кое може уште поефикасно да ги онеспособи радарските капацитети на непријателот. Секако, овие варијанти се наоѓаат во доменот на „воена тајна“.

Прочитајте уште зошто во Русија воените авиони понекогаш слетуваат на автопати?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња