Војна со дронови: Нови детали за нападот на руската воена база во Сирија

Слободан Ѓукиќ
Ноќта помеѓу 5 и 6 јануари годинава спречен е досега најмасовен напад на руската воена база во Сирија (воздухопловната база Хмејмим и пунктот за материјално-техничко обезбедување Тартус) од почетокот на руската воздухопловна операција во оваа држава. Нападот е направен со голем број беспилотни ударни дронови кои прецизно се насочувани кон просторите оддалечени на само неколку десетина километри од руските бази.

Со зајдисонцето кое го следи сè помалата оптичка видливост, дежурните средства на противвоздушната одбрана на своите набљудувачки сензори регистрираа група од 13 минијатурни воздушни објекти со непознато потекло кои се приближуваа на руските бази и на воените хангари. Десет беспилотни апарати тргнаа на пат кон воздухопловната база Хмејмим, а останатите три тргнаа кон пунктот за материјално-техничко обезбедување кој се наоѓа на пристаништето Тартус. Речиси истовремено радарите со голем дострел над акваторијата на Средоземно море открија уште еден интересен воздушен објект кој очигледно не се нашол тука случајно. Објектот се наоѓаше на висина од околу 7.000 метри. Речиси четири часа кружеше над овој простор. Радарската детекција идентификуваше дека станува збор за повеќенаменскиот шпионски авион Боинг Р-8 Посејдон кој е опремен со силна електронска компонента за извидување на морското пространство. Познато е дека овој авион е намерно испратен тука за да ја следи динамиката и ефектот од нападот со беспилотните летала врз руската воена база, како и да ја открие способноста и внатрешните позиции на руската ПВО за нивна одбрана. 

Boeing P-8 Poseidon.

Средствата за ПеБ кои се наоѓаат во состав на дежурните системи за одбрана во овие бази, успеаја да „хакираат“ шест вакви летала и да го пресечат каналот за нивна контрола. Три летала се пренасочени и спуштени надвор од територијата на овие бази, а останатите три за време на преземањето на управувачките функции изгубија контрола и се урнаа на земја. Потсетуваме дека во рамките на воздухопловната база Хмејмим се наоѓа мошне софистициран систем кој може да се употреби токму во вакви случаи. Станува збор за комплексот за ПеБ Красуха-4. 

Останатите седум беспилотни летала се соборени со дејство на хибридните противвоздушни системи Панцир-С, кои вршат 24-часовно огнено покривање на блискиот воздушен простор околу овие воени бази.

Важно е да се спомене дека за време на ваквиот, досега незабележан обид за напад на руската воена база, немаше никакви човечки жртви, како и загуба на материјално-технички средства. Воздухопловната база Хмејмим како и пунктот за материјално-техничко  обезбедување во градот Тартус, продолжија нормално да функционираат без оглед на овој инцидент.

Моментално, руските воени специјалисти детално ги анализираат техничките параметри на беспилотните летала кои им „паднаа во плен“. Се утврдуваат релевантните факти кои треба да одговорат на прашањето како и на кој начин се конструирани овие беспилотни летала оспособени да бидат „ударни“, односно вооружени со различни видови класични и импровизирани борбени средства. 

Со детална анализа на управувачкиот систем откриено е дека овие летала полетале од растојание кое се наоѓа на речиси 50 и повеќе километри од овие бази. „Полетувањето на ударните дронови е изведено од пределот на населеното место Маузер кое се наоѓа југозападно од градот Идлиб и е под контрола на таканаречената „умерена“ опозиција, наведува извор од Министерството за одбрана на РФ. Во врска со ова контактиран е врвот на турската војска кој би требало да има контрола над сите опозициски сили кои го контролираат овој простор преку своите набљудувачки групи и разузнавачки служби. Во документите се наведува дека Анкара зела обврска во овој регион да обезбеди договор за прекин на огнот, како и да ги преземе сите мери вакво нешто повеќе да не се повтори. 

ПеБ „Красуха-4“

Управувачкиот систем на беспилотните летала користел современ систем за навигација кој се насочува по пат на координати добиени со сателит – ГПС. Ова е прв случај во кој терористите изведоа ваков масовен напад со беспилотни летала на ваква оддалеченост. Згора на тоа, техничката експертиза со жалење констатираше дека терористите во своите раце поседуваат техника која може да се употреби на далечини поголеми и од 100 километри. 

Конструкциските и електронските решенија за примена на овие летала кои ги нападнаа руските воени бази во Сирија со сигурност се добиени од странство. Станува збор за оние држави кои можат да произведат високософистицирана технологија која овозможува хируршка прецизност во навигацијата по пат на сателит и далечинско управувано „бомбардирање“ по пат на посебно изработени борбени средства кои се прикачуваат на овие летала. Сите летала биле опремени со барометарски висинометри и сервомотори за прецизно управување на различни височини. Кога станува збор за борбените средства што се прикачени на овие летала, користени се детонатори од странско производство. 

Се очекува на крајот од стручната анализа истражувачите да ги откријат тајните канали преку кои на терористите им е испорачана технологијата за управување со леталата, како и за изработка на борбени средства. Посебно се анализираат типовите на борбени средства што се специјално применети на овие летала, нивната структура и начинот на изработката. 

Без оглед на тоа што овој напад во својот конечен збир беше неуспешен, загрижувачки е тоа што терористите очигледно поседуваат мошне модерна технологија која им овозможува прецизни напади од воздух на оддалеченост поголема од 50 километри. Терористите можат овие летала да ги искористат на два начина: да ги употребат како класични микробомбардери каде благодарение на своите мали димензии незабележливо и мошне прецизно можат да испуштаат специјално проектирани борбени средства со еквивалент на минофрлачка граната од 60 милиметри или на рачна бомба, или да ги користат како „камиказе“ наполнети со експлозив. Благодарение на достапната опрема за навигација како и на управувачкиот механизам, а исто така и на релативно ниската цена на целокупната платформа со опрема, тие овие напади ќе можат да ги изведуваат со голем број дронови и на голема оддалеченост. Во секој случај 2018 година донесе ново тактичко изненадување (не и за Русите) кога станува збор за начинот на изведување терористички напади, кои во иднина секако ќе бидат сè почести и помасовни, и тоа како во Сирија, така и ширум светот. Она што загрижува е секако големата применливост на ваквите тактики, односно нејзиниот потенцијал за иновативност, каде со малку креативност може да се развие практично неограничена комбинација на овие исклучително опасни напади. Тука секако не треба да се пренебрегне и брзиот развој на технологијата која носи сè посилни и поефикасни електромотори, како и акумулатори со голем капацитет. Леталата стануваат сè побрзи и со поголем долет, поспособни да носат сериозен товар. Управувачкиот блок е сè посовршен,а голем број основни делови се мошне достапни и може да се комбинираат во технички мошне ограничени услови, во зависност од желбата на корисникот. Секако, ова никако не се однесува на електронските компоненти кои овозможуваат контрола и прецизна навигација на далечини кои надминуваат 50 километри и кои мошне ефикасно можат да се злоупотребат. Тоа е техника од висока класа која се користи исклучиво во војските кои имаат способност за производство на беспилотни летала за воени цели и е строго контролирана. 

„Панцир-С“.

Зголемените напади кои во последно време имаат карактер на офанзива врз руските воени бази во Сирија започнаа наспроти Нова година. Имено, на 31 декември 2017 годинае изведен минофрлачки напад на просторот на воздухопловната база Хмејмим во кој според извори од Министерството за одбрана на Руската Федерација загинале двајца руски војници. Информациите за наводно тешки загуби кои настанале за време на овој напад, а до кои дојде весникот „Комерсант“, беа решително демантирани од Министерството за одбрана. Имено, според овие информации на земјата, наводно, биле непоправливо оштетени дури седум руски борбени авиони (четири бомбардери Су-24, два повеќенаменски ловци Су-35С и еден воено-транспортен авион АН-72).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња