„Конфликтот на Блискиот Исток ѝ даде на Русија уникатна шанса темелно да ја процени способноста на американските авиони, особено на ловците од 5 генерација како што е Ф-22“, вели генерал-потполковникот на американското воено воздухопловство Вералајн Џејмисон, а пренесува Интернет-порталот „Бизнис Инсајдер“.
Според тврдењето на ова списание небото над Ирак, а особено над Сирија, станало своевиден „златен рудник“ кога станува збор за информации врз основа на кои Русите можат да формираат кристално чиста слика за начинот на употреба на американските воздушни сили опремени со авиони од 5 генерација.
Информациите што ги собраа руските радарско-набљудувачки станици, а кои и понатаму перманентно се собираат, спаѓаат во онаа категорија од непроценливо значење. Тие најверојатно длабински ја скенирале секоја наша мисија, бројот на ангажирани апарати, нивниот тип, однесувањето на воздухопловот. Едноставно, тие сериозно го проучуваат она што ние тука го работиме, констатира американскиот генерал.
„Руската армија сега може подлабоко да нè спознае, и тоа само врз основа на следењето на најчесто повторените обрасци во начините на тактичката употреба на коалициските сили“, изјави експертот на Кралскиот институт за одбранбени студии во Велика Британија Џастин Бронк.
Според него, интензивната практика на радарска детекција и следење на авионите како што е Ф-22, секако може да им донесе голема корист на руските воздушно-косимички сили и да ја зголеми квалитативната вредност на нивните екипажи, која секој ден расте, особено на планот на реалното борбено искуство. Тука не добиваат само посадите на радарско-набљудувачките станици кои главно се наоѓаат во состав на системот за ПВО, ами и нивните борбени пилоти. Исто така, врз основа на насобраното искуство во следењето на американските авиони, тие можат да направат „фино штелување“ на својата софистицирана борбена техника, по што таа ќе може да открива и да го следи практично комплетниот спектар на воздушните летала кои се наоѓаат во вооружувањето на военото воздухопловство на САД.
Тоа е поради фактот што американските пилоти кои управуваат со овие ловци, во текот на изведувањето на борбено-патролните задачи, главно се потпираат на малата рефлективност на радарските зраци односно „стелтноста“ на овој авион. Целосната тактика на употреба на Ф-22 почива на овој фундаментален принцип, и сега е тешко да се искоренат востановените навики. Сега треба да се реконструира, односно подобро да се каже да се унапредат досегашните начела на употребата на овој авион, на кој се базираше комплетната обука на летечкиот екипаж и се изградени тактички модели специфични само за овој авион.
„Стелтноста“ (мак. невидливост) на овие авиони можеби „пиела вода“ од почетокот на 21 век кога овој авион влезе во оперативна употреба во ВВ на САД. Имено, оваа карактеристика гарантира сериозна предност над руските ривали, кои во тоа време летаа на борбени апарати кои не беа модернизирани уште од времето на советската ера.
Денес околностите во голема мера се изменија. Новите и модернизирани руски ловци не само што не се инфериорни во однос на најдобрите западни авиони, ами и добар дел од западните експерти би се кладеле на нив, во некаква хипотетичка воздушна борба. Како резултат на сево ова, донекаде супериорноста на американските „невидливи“ авиони како што е Ф-22 во иднина може да биде сериозно компромитирана, нагласува весникот.
Сомнежот во способноста на овој апарат дополнително беше подгреан со неодамнешната изјава на командантот на 95 експедициска ловечка ескадрила на армијата на САД која е опремена со авионите Ф-22. Имено, тогаш беа изречени многу негативни нешта кога станува збор за функционирањето на офанзивно-навигацискиот систем кој се применува на овој авион. Ова се однесуваше на малку „чудните“ дисфункционалности кои не се наменети ниту за авионите од 4 генерација. Тогаш беше речено дека Ф-22 нема адекватна опрема за идентификација на летала (свој/туѓ) во ноќни услови, дека не работи тактичкиот комуникациски систем Линк 16, како ни обележувачот на целта на визирот на пилотскиот шлем, со што тој едноставно не е способен на врвно ниво да обезбеди превласт во воздушниот простор.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче