Од длабочината кон небото: Како СССР спроти II светска војна се обиде да направи летачка подморница

YouTube
Зошто да не се научи авион да нурне под вода? Во триесеттите години од минатиот век во СССР е започнат проект за летачка подморница, која требало ненадејно да изнурне од водата и да ги уништи непријателските бродови. Има ли потреба да се зборува дека проектот, за жал, не е реализиран?

Во триесеттите години од минатиот век студентот на Високата школа за бродоградба „Ѕержински“ во Санкт Петербург Борис Ушаков дошол до идеја која е достојна на Жил Верн. Тој на големо изненадување на професорите им  претставил скици на крилата подморница или хидроплан кој би изнурнувал од под вода.

Проектот на Ушаков го привлекол вниманието на советската војска која дала зелено светло за реализација. Како што пишува британското списание „Њуз сајантист“, научникот над подморницата-амфибија работел од 1934 до 1938 година.

Проектот дури во 1937 година го одобрил професорот на Воената комисија за научни истражувања (НИВК), шеф на катедрата за тактика на борбените средства Леонид Гончаров: „Пожелно е развојот на проектот да продолжи за да се види дали е навистина изводлив“, пишува професорот.

Авиоподморницата постепено го добивала конечниот изглед и „содржина“.

Како би изгледала советската летачка подморница?

Апаратот повеќе личел на авион одошто на подморница. Оклопната машина тешка 15 тони со тричлен екипаж теоретски во воздух би развивала брзина до 200 километри на час, со далечина на летот до 800 километри. Под вода би се движела со брзина од 3 до 4 јазли, би се нурнала во длабочина од 45 метри, и би можела под вода да премине растојание од 5 до 6 километри.

Крилата и опашката би биле изработени од челик, додека пловците требале да бидат од дуралуминиум. Ушаков замислувал овие пловци низ посебни вентили да се полнат со вода кога авиоподморницата би нурнала под вода. Летачката подморница би била прекриена со посебна боја и лак за да се избегне корозија во морската вода.

Кога станува збор за оружјето, било предложено под трупот да се постават торпеда.

Како би напаѓала?

Подморницата би го нашла непријателот, би му се приближила, би изнурнувала, односно би полетала и од воздух би ја нападнала својата жртва, би ја ракетирала, односно би ја торпедирала. Потоа повторно би нурнувала и би барала нова жртва.

Било предвидено и користење на подморницата за надминување на мински полиња околу непријателските бази. Подморницата-амфибија би можела да ги прелета овие мински полиња, да ја уништи базата, а потоа повторно да ги прескокне мините и мирно да отплови дома.

Авторите на проектот сметале дека за осигурување на морските површини со пречник до 15 километри потребни се три вакви летачки подморници.

Што се случило со проектот?

На 10 јануари 1938 година проектот повторно го разгледала друга комисија на НИВК. Сите сфатиле дека тој е далеку од остварување и дека на неговата реализација ќе бидат фрлени огромни средства, а можеби нема да се дојде до резултат. Комисијата изнела низа сериозни забелешки, изразила сомнеж дека авионот на Ушаков е навистина во состојба од морските длабочини да се вивне во небо и по пат да потопи некој брод.

И покрај целиот воен потенција, проектот бил замрзнат и привремено класифициран како тајна.

Некои извори, како списанието „Лајф ин Раша“, наведуваат дека во 1943 година шефот на НКВД Лаврентиј Берија наредил да се продолжи работата на овој проект и дека наводно во 1947 година биле изведени тестирања на подморницата. Но, овие информации не се потврдени. Единствено што сигурно знаеме е дека пловилата на ниту една воена морнарица на светот не се сретнале со ескадрила советски летачки подморници.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња