Пјотр Шиловски, руски гроф кој направил неверојатен автомобил на две тркала

Жиромобилот на Шиловски во Лондон

Жиромобилот на Шиловски во Лондон

Ако никогаш претходно не сте слушнале за жиромобил, тоа е автомобил на две тркала. Не, тоа не е второ име за мотоцикл. Разликата помеѓу велосипед или мотоцикл и жиромобил е во тоа што на велосипедот рамнотежата ја држи самиот возач, додека кај ова необично возило за кое денес зборуваме рамнотежата ја обезбедуваат жироскопи.

Принципот кој го користелo ова возило е сличен на оној што го користи современиот сегвеј. А, тоа е систем што се користи и на бродовите и на авионите. 

Од фикција до стварност 

Првиот концепт на жиромобил е опишан во 1911 година во романот „Две момчиња во жиромобил: Приказна за автотрката од Њујорк до Париз“ на Кент Браун.

Но, првиот вистински прототип на жиромобил бил на Жиромобилот Шиловски, кој во 1912 година го дизајнирал рускиот гроф Пјотр Шиловски, правник и член на руското царско семејство. Иако го измислил овој аристократ, го произвела компанијата Wolseley Tool and Motor Car во 1914, а истата година е прикажан на изложба во Лондон.

Гроф Пјотр Шиловски

Како функционира жиромобилот? 

Жиромобилот со руски дизајн имал четрицилиндерски 3.1-литарски мотор од 20 коњски сили Wolseley-Vickers кој го движел задното тркало. Повеќе од 10% од силата се користела за придвижување на генераторот и на електричниот мотор кои го движеле огромниот жироскоп со пречник од 102 сантиметри и тежина од 1.2 тони при брзина од 2.000 до 3.000 вртежи во минута.

Жиромобилот на Шиловски

Кога брзината на ротацијата би паднала под овој број, автомобилот можел да изгуби рамнотежа. Но, Шиловски смислил начин како да ја спречи таквата незгода. Кога ротацијата на жироскопот би паднала под минималниот праг, двете мали странични тркала автоматски би се спуштиле за да држат рамнотежа, исто како помошните тркала на детски велосипед. 

Зошто на денешните патишта го нема жиромобилот? 

Жиромобилот на Шиловски во Лондон

Иако жиромобилот бил мошне популарен, проектот запрел летото 1914 година поради избивање на Првата светска војна. Како и поголемиот дел производители на автомобили, Wolseley ја пренасочил својата сила на производство воени возила. 

Грофот Шиловски се обидел да остане да живее во Советскиот Сојуз, занимавајќи се со нешто корисно како на пример проектот за воз на една шина кој тогаш бил напреден. Но, земјата била во тешка економска состојба, проектот конечно бил запрен во 1922 година, а тогаш и Шиловски емигрирал во Велика Британија, каде работел во американската компанија Sperry Corporation која се занимавала со оружје, воена техника и електроника. Починал во 1957 година во 85 година од животот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња