Сибирски научници открија бактерии стари повеќе од три милиони години

PhotoXpress
Бидејќи најмалку една десетина од откриените организми припаѓа на непознати бактерии, ако дојде до климатски промени и одмрзнување на карпите, тоа би можело да предизвика непредвидливи последици за биосферата, тврди професорот Анатолиј Брушков од МГУ „Ломоносов“ врз основа на првите спроведени истражувања од ваков вид во резерватот „Мамонтова гора“, формиран во ерата на неогенот.

Експертите од научните институции во Москва, Новосибирск, Тјумен и Ејнс во Ајова (САД) дојдоа до откритие дека во постојано замрзнатото земјиште во Јакутија, на подрачјето на природниот резерват „Мамонтова гора“, формирано пред 3,5 милиони години, се сочувани прастари организми, изјави шефот на катедрата за геокриологија на Геолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ Анатолиј Брушков.

Професорот Брусков е исто така и главен автор на статијата посветена на резултатите од истражувањето објавено во меѓународното научно списание Gene.

„Откривме дека во замрзнатиот слој формиран околу 3,5 милиони години и висок 60 метри живее огромен број, стотици различни микроорганизми, како во водата, така и во почвата. Според резултатите од анализата на геномите, сфативме дека најмалку една десетина од организмите би можела да припаѓа на непознати видови“, објаснува Брушков.

Научниците во објавениот текст нагласуваат дека таквата разновидност на бактерии, доколку би дошло до климатски промени и одмрзнување на карпите, би можела да предизвика непредвидливи последици во биосферата.

„Доколку бактериите од замрзнатите карпи стигнат до нашата животна средина, последиците би можеле да бидат непредвидливи, бидејќи не е познато во каква интеракција би се нашле со живите организми. Многу микроорганизми се различни од оние кои се наоѓаат во актуелната биосфера. Некои можат да бидат опасни или пак, можеби, корисни“, рече шефот на катедрата за геокриологија при Геолошкиот факултет на МГУ.

Во областа на резерватот „Мамонтова гора“, кој настанал со таложење на речни наслаги во ерата на неогенот (пред околу 14 до 11 милиони години), вакво истражување беше спроведено за прв пат. Според Брушков, микроорганизмите се идентификувани со декодирање на делови од геномот кои бавно се развиваат. Анализата е спроведена во Институтот за хемиска биологија и фундаментална медицина на Сибирското одделение на РАН во Новосибирск.

Професорот Брушков е исто така познат на меѓународната јавност по учеството во истражувањето во кое на ова подрачје се откриени бактерии кои го забавуваа процесот на стареење.

Брушков инаку си го инјектираше пронајдениот бацил и по две години констатираше дека ниеднаш не добил грип и дека има зголемен прилив на енергија. Сепак, за производството на препарати базирани на овој бацил, иако за тоа постои голем интерес во светот, сѐ уште е премногу рано да се зборува, бидејќи за тоа се потребни опсежни испитувања.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња