Нова космичка ера: Русите „штанцаат“ сателити на 3-Д принтер

Press Photo
Руските космонаути Фјодор Јурчихин и Сергеј Рјазански излегоа во отворен космос за да исфрлат мали сателити како оној што на З-Д принтер го отпечатија студентите на Томскиот политехнички универзитет.

Агенцијата НАСА во директен пренос на 17 август шест часа прикажуваше снимка на која двајца руски космонаути работат во отворен космос надвор од Меѓународната вселенска станица. Командирот на посадата на МВС Фјодор Јурчихин и инженерот Сергеј Рјазански излегоа во отворен космос првпат за неполни 6 месеци со цел да пуштат во орбитата 5 наносателити.

Еден сателит со помош на 3-Д принтер го направија студенти од Томскиот политехнички универзитет во чест на 120-годишнината од оваа установа. Нивната намера е да го проверат влијанието на блиската Земјина орбита на материјалите испечатени со помош на 3-Д принтер.

Сателитот ќе се наоѓа во орбитата околу 18 месеци и ќе емитува на Земјата гласовни пораки на 11 јазици. Секој радиоаматер ќе може да го фати сигналот од сателитот на бранова должина од 437.025 MHz.

Вториот сателит е посветен на 160-годишнината од раѓањето на познатиот руски научник и пионер во авијацијата Константин Циолковски.

Третиот е наносателит (овој термин се применува за сателити со нето маса од 1 до 10 килограми). Руската космичка корпорација планира во иднина да ја користи оваа платформа за цела серија нови наносателити.

Стандардните сателити се скапо задоволство. Потребни се многу пари и да се направат и да се лансираат. Затоа наносателитите ќе направат големи промени во оваа гранка на индустријата.

Глобалниот пазар на мали сателити веќе вреди повеќе од 2 милијарди американски долари, вели Андреј Тјулин, генерален директор на компанијата „Руски космички системи“, и додава дека тој ќе се зголеми за четири пати во првата половина на следната деценија.

„Денес започнавме важен експеримент“, вели Тјулин. „Овој успех означува дека Русија има нова професионална платформа која во следните години ќе овозможи да се намалат трошоците и времето кои се потребни за развој на нови космички технологии и за спроведување нови истражувања“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња