Кој и зошто емитува чудни радиосигнали во близина на Санкт Петербург?

Communicating with radio hams all over the world from a radio station of the Moscow Radio Ham Club.

Communicating with radio hams all over the world from a radio station of the Moscow Radio Ham Club.

Тиханов / РИА Новости
Таинствена радиостаница во Русија над 40 години емитува „бел шум“. Понекогаш може да се слушнат броеви, имиња и зборови кои никој не ги разбира. Дали станува збор за воена база, машина на Судниот ден или дојденци од космосот комуницираат со својата матична планета? Или, можеби, не е ништо од тоа, ами нешто сосема неважно?

Руската станица која ја носи ознаката УВБ-76 (MDZhB) повторно привлече медиумско внимание. Слушателите ѝ дадоа име Брмчалка (рус. „жужжалка“), зашто над 40 години емитува сигнали во кои има многу монотони брмчења и пиштења.

Понекогаш низ „белиот шум“ се пробива машки глас и изговара имиња, броеви и чудни зборови. Судејќи според координатите, мистериозниот сигнал доаѓал од населба во близина на Москва, но сега се преселил на подрачје кое не е далеку од Санкт Петербург.

„УБВ-76, УБВ-76-93 882 НАИМИНА 72 14 35 74 - 93882 Николај, Ана, Иван, Михаил, Иван, Николај, Ана, 7, 4, 3, 5, 7, 4“, тоа е типична „вест“ од Брмчалката која ретко може да се чуе. Споменатата радиопрограма може да се слушне тука.

Обично се слуша само „бел шум“. Радиоаматерите ја следат оваа бранова должина и ја споредуваат со ужасен предавател од ТВ-серии, со серијата „Изгубени“ или со атмосфера од филмовите за зомби-фашисти (како филмот „Бункер“).

Брмчалката може да се користи за плашење мали деца. Таа многу вознемирува и оние кои сè уште очекуваат појавување на НЛО. Но, за оваа аномалија веќе се пронајдени рационални објаснувања.

Теорија број 1: Тајна шпионска станица

Оваа теорија ја поткрепува фактот дека слични станици постојат и во други земји. На пример, британската станица „The Lincolnshire Poacher“ (како повикувачки сигнал користи одломка од истоимената англиска народна песна), или „Cherry Ripe“ која емитува сигнали од Австралија.

Сите тие работат на кратки бранови и емитуваат сигнали на голема оддалеченост. Ваков вид сигнали користат и бродовите, подморниците и авионите. Овој сигнал може да се фати дури и на другата хемисфера.

Свете споменати станици се појавија речиси во исто време, во периодот на конфронтација помеѓу советскиот и американскиот воен блок. Се чини дека користат и исти принципи на шифрирање. Лицето кое ја испраќа пораката користи код што го знае само примачот. Случајните слушатели ќе мислат дека тоа што го слушаат е обична глупост.

На пример, во 2016 година во текот на сите 12 месеци емитување „програма“ можеа да се дознаат само 30 руски зборови меѓу кои и изрази со значење „билјард“, „кујнски мебел“ „атол“ (прстенест корален остров), „земјоделски експерт“ и „балкон“.

Теорија број 2: Судниот ден и нуклеарна војна

Поборниците на оваа теорија сметаат дека мисијата на Брмчалката се состои во мирување сè дури некој не ја активира во случај на нуклеарна војна. Тие тврдат дека тоа е дел од противракетниот систем „Периметар“ (познат како „Мртва рака“) и може да биде една од неговите станици за мониторинг или резервен комуникациски систем.

Доколку се појават знаци на нуклеарна експлозија, MDZhB веднаш ќе ги провери преку мониторинг на мрежите на можните сензори. Потоа ќе испрати сигнал до Генералштабот и доколку нема одговор (системот во тој случај претпоставува дека луѓето кои издаваат наредби се мртви и дека настапил денот Х), им испраќа сигнали на подморниците и на авионите да извршат нуклеарен напад.

Во текот на 40 години сигналот на Брмчалката само еднаш е прекинат, и тоа во јуни 2010 година, а веќе следниот ден повторно се појавува како ништо да не се случило. Руските вооружени сили во 2011 година соопштија дека системот „Периметар“ функционира и дека е подготвен за борба.

Теорија број 3: Воени комуникации

Оваа теорија е најмалку интересна. Наводно радиопрограмата е само систем за врска кој армијата го користи во западниот дел на Русија. Имено, шифрираните пораки се наредби кои се испраќаат на воените оддели, а монотоното брмчење е само маркер чија цел е да ја пополни брановата должина за никој да не може да ја користи.

Слушателите во 2010 година во тоа „сивило“ забележале дека станицата го променила местото од каде го емитува сигналот и повеќе не е во московската приградска населба Поварово, ами во Ленинградската област. Подоцна љубопитните радиослушатели отидоа во шумите в тоа подрачје и најдоа напуштен објект со турнати бетонски столбови за бакарни жици. Покрај „туристот“ на местото имало и луѓе кои собираат бакар.

Оваа теорија, сепак, не го задоволува луѓето кои веруваат во супертајни мисии. Тие и понатаму ревносно го слушаат таинствениот шум и дискутираат за него во групата обожаватели на Брмчалката: „Најпрво наместо шумот се слушна неколку пати тон – повисок, а понизок. Потоа се слушна забавен звук како кога работи стар касетофон, а батериите се при крај. Брмчењето во голема мера забави, а потоа исчезна. Мислев дека ќе има некаква програма, но немаше. По пет минути нешто кликна два пати, а потоа повторно започна гласно брмчење“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња