Како се појавиле дијамантите со жолта боја? На ова прашање се обидоа да одговорат сибирските научници. Ваквите дијаманти се ретки во природата. Најчесто можат да се најдат во Јужна Африка и Јакутија, еден од најстудените региони на Русија.
Според мислењето на научниците, жолтите дијаманти се кристализирале од остатоците од органска супстанција која порано се наоѓала на површината на Земјата во рамките на старите океански плочи.
„Ние ги проучуваме дијамантите од наоѓалиштата во северните подрачја на Јакутската провинција која е богата со дијаманти“, вели професорот од Руската академија на науката Дмитриј Зедгенизов. „Ваквите дијаманти не личат на убав, сјаен, прозрачен скапоцен камен кој сме навикнати да го нарекуваме со ова име. Тоа се тркалезни кристали со закривени агли со коцкест облик со силножолта боја. Исто така се среќаваат и жолто-зелени и темнопоротокалови дијаманти“.
Жолтите дијаманти на светскиот пазар чинат најмалку 4.500 американски долари по карат. Цената зависи од техниката на брусење и од интензитетот на бојата. Некои изразито жолти брилијанти на аукциите на Sotheby's и Christie's чинат по неколку стотини илјади американски долари по карат.
Жолтите дијаманти имаат огромна вредност и за научниците. Со нивна помош може да се определи особеноста на составот и граѓата на најдлабоките сфери на нашата планета. Благодарение на овие дијаманти можат да се објаснат многу процеси во Земјината мантија, кои, меѓу другото, предизвикуваат и формирање на наоѓалишта на дијаманти.
Жолтите дијаманти се со толку необична боја зашто во својата структура содржат атоми на азот. Тоа значи дека пред избивањето на површината се наоѓале во мантијата во исклучително студени услови и дека тој период бил мошне кус според геолошките мерила.
Научниците детално ги проучиле кристалите за да дознаат во кои услови и во кој дел од мантијата настанале. Геолозите ги истражувале дефектите и примесите, како и изотопниот состав на јаглеродите. Се анализирало и присуството на други материјали кои влегле во дијамантите во процесот на кристализација.
Анализата покажала дека жолтите дијаманти се кристализирале од остатоци на органска супстанција, односно живи организми кои се наоѓале на површината на земјата во рамките на старате океанска плоча. Подоцна оваа океанска плоча се судрила со континентот и почнала да тоне во длабочините на Земјата. И како што тонела, така под влијание на високите температури и притисокот остатоците од органските супстанции претрпеле промени и некаде на длабочина од 150-250 километри можеле да се кристализираат во облик.
„Жолтите дијаманти во природата се мошне ретки. Но, во наоѓалиштата на северните подрачја на Јакутија ги има многу“, објаснува Зедгенизов. „И тоа се крупни кристали. Се среќаваат парчиња од 10 карати. Поради тоа ние претпоставуваме дека тие имаат свој длабински извор, и тоа мора да биде некое огромно наоѓалиште на жолти дијаманти кои се разликуваат од поголемиот број индустријализирани наоѓалишта во Јакутија. Додека тој главен извор не се пронајде, ние не можеме да определиме колку дијамантите се навистина стари“.
„Длабинскиот извор“ на жолтите дијаманти заедно со научниците го бараат и компаниите кои се занимаваат со експлоатацијата на рудното богатство, а меѓу нив е и Алроса, која со таа цел спроведува индустријализација на наоѓалиштата на северните подрачја на Јакутија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче