Lada Vesta
Дмитриј Серебрјаков / ТАССОва лето руската компанија АвтоВАЗ за прв пат ја претстави пред публика новата тест-верзија на електричниот Lada Vesta EV. Ова е втор домашен електричен автомобил на производителот од Тољати (986 километри југоисточно од Москва). Првиот беше Електромобилот ElLada, направен врз основа на популарната „Лада Калина“.
Електричните автомобили не уживаат голема популарност меѓу возачите во Русија. Ова се објаснува со недоволно развиената инфраструктура, со суровите климатски услови, ценовната политика, како и со ограничената километража за едно полнење.
Сепак, претседателот на центарот за индустриски дизајн и иновации „Астра Роса“ Владимир Пирожков е на мислење дека на Русија, како и на многу други земји, ѝ се потребни електрични автомобили. „Во Москва веќе нема што да се дише, а електричниот погон е чиста технологија“, вели Пирожков. „За големите градови тоа е излез од ќор-сокакот на еколошкиот колапс“.
Министерот за индустрија и трговија Денис Мантуров е човекот кој обрна внимание на електричниот автомобил Lada Vesta EV. Сега овој ексклузивен автомобил ја краси гаражата на функционерот. Засега Мантуров е единствениот сопственик на Lada Vesta EV.
Покрај министерот за колата пројави интерес и руската атомска корпорација „Росатом“, која сакаше да купи 3-6 илјади автомобили за своите филијали. Потенцијално компанијата би можела да помогне за изградба на станици за полнење на електрични возила. Засега договор нема, бидејќи Vesta EV е недоработено концепт-возило.
Првиот електричен автомобил ElLada не му донесе успех на АвтоВАЗ: корисниците го прифатија моделот како економски неисплатлив. Голем дел од произведените автомобили не беа продадени, производителот успеа да пласира 8 вакви електрични возила по договор за такси во градот Кисловодск (1.590 километри јужно од Москва).
Сопственикот на ElLada Игор Корхов кој е инженер по технологија на електромобили, користи електричен автомобил повеќе од една година. „Дистанцата на досегот со едно полнење е значително повисока отколку на понудените на пазарот електрични автомобили“, раскажува инженерот. „Иако реалната километража на ElLada е 180-220 километри, а во текот на зимата 120-150. Новата Vesta нуди поголема километража во споредба со предвидениот кај Ellada“.
Кај новиот седан Lada Vesta EV програмерите ги имаат подобрено карактеристиките. Наместо литиум-железно-фосфатна батерија која се користи за ElLada, поставија литиум-јонски акумулатор. Според објавените карактеристики со едно полнење Vesta EV ќе измине 150 километри, што е за 10 километри повеќе отколку кај нејзиниот претходник. Тоа, сепак, важи за летниот период и тоа, ако не работат климата или греењето. Инаку колата може да надмине не повеќе од 100 километри.
АвтоВАЗ води преговори за снабдување на овие автомобили во Крим, но кај овие карактеристики таму тешко дека некој може да ги користи: на полуостровот во летниот период без клима е тешко. Tesla објави максимална километража од 407 километри за најскапата модификација Model S.
„Засега плановите за роковите за производството се доработуваат“, коментира Артјом Мањухин, шеф на службата за корпоративни информации при прес-центарот на АвтоВАЗ. „Сè уште не станува збор за продажба. Ги проучуваме пазарот и побарувачката. И тоа не е прашање на блиска иднина“. Вредност ќе зависи и од извршените промени што се бараат од новиот автомобил. „Овие автомобили се прототипи, процесите на доработување течат постојано“, дополнува Мањухин.
Шефот за иновативни проекти на службата за инженеринг на АвтоВАЗ Константин Котљаров изјавува дека цената на Lada Vesta EV ќе биде околу 40.000 американски долари, или речиси два пати повеќе отколку на ElLada која чини околу 20.000. Само што подоцна компанијата појасни дека оваа цена е на конкретниот изложбен примерок.
И покрај сите тешкотии, конструкторите на новото возило се на мислење дека Lada Vesta EV ќе стане силен конкурент на меѓународните аналози. Според зборовите на Котљаров електромобилот има голем извозен потенцијал за сметка на попривлечната вредност под истите кориснички карактеристики какви што има и кај конкурентите.
Цените на Tesla во Америка започнуваат од 72.000 американски долари. Компанијата планира да го лансира Model 3 на крајот на 2017 година. Автомобилот ќе чини од 35.000 американски долари нагоре.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче