Корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“ (Тактическое ракетное вооружение) планира на почетокот на 2020-те да создаде оружје кое ќе погодува цели со хиперсонична брзина (од над 6.125 км/ч), изјави генералниот директор на корпорацијата Борис Обносов.
Во моментов концернот соработува на овој проект со научниците од Руската академија на науки, како и со Фондот за перспективни истражувања при Военоиндустриската комисија.
Што има сега
Дел од елементите на руските ракетни системи уште сега може да развива хиперсонична брзина додека лета кон целта, раскажа во интервју за „Руска реч на македонски“ воениот експерт на агенцијата ТАСС Виктор Литовкин.
„Тоа се боевите глави на стратешките ракетни системи „Јарс“ и „Рубеж“, кои во финалниот дел од летот почнуваат да маневрираат со хиперсонична брзина, избегнувајќи го на тој начин системот за противракетна одбрана. Таква можност има и боевата глава на оперативно-тактичката ракета „Искандер-М”, истакна воениот аналитичар.
Според експертот, Русија засега сепак нема ракета која ќе лета со хиперсонична брзина во текот на целиот лет.
Нерешени конструкторски прашања
Според зборовите на изворот на „Руска реч на македонски“ во военоиндустрискиот секрот, клучните проблеми во создавањето ново оружје не се поврзани само со конструирањето на мотор кој може долго да работи на хиперсонична брзина, туку и со системите за управување со таква ракета.
„При брзина од 5 маха (над 6125 км/ч) околу објектот се создава облак од плазма кој не пропушта радио-сигнали. Поради тоа операторите засега немаат можност далечински да ја поправат ситуацијата доколку дојде до скршнување од патеката или до појава на некои други проблеми во текот на летот“, истакна нашиот соговорник.
Според него, техничката база и поединечните елементи на конструкцијата на хиперсоничното оружја се создадени уште во советско време. По распадот на СССР во текот на 1990-те, сите истражувања беа запрени, а пари за создавање ново оружје почнаа да се издвојуваат релативно неодамна.
Најголеми резултати во создавањето хиперсонично оружје постигнаа Американците.
„САД го создадоа вселенското летало „Икс-51 Вејврајдер“ (Х-51 Waverider), кој четири минути леташе со брзина од 6250 км/ч. Тоа, меѓутоа, беше еднократно тестирање без боевиот дел, без системите за наведување и останатото. Како ќе лета ракетата со „полна воена опрема“, засега сѐ уште останува под знак прашалник“, истакна аналитичарот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче