Кучиња под вода
Panthermedia / Vostock-photoРуските научници почнаа да ја испитуваат технологијата за течно подводно дишење на кучиња, соопшти Виталиј Давидов, заменик-генерален директор на Фондот за перспективни истражувања – организацијата која ја финансира разработката.
„Течно подводно дишење“ е називот на новата технологија која подразбира полнење на градите со специјална течност заситена со растворен кислород кој продира во крвта. Се очекува дека оваа технологија ќе биде користена за време на спасувањата на подморничките екипажи и за нивно извлекување од големите длабочини. Споменатата течност во градите го снабдува организмот со кислород, така што со нејзина помош подморничарите ќе можат брзо да испливаат на површина, и притоа да ја избегнат декопресиската болест („професионално“ заболување на нуркачите предизвикано од нагло опаѓање на притисокот поради мошне брзото изнуркување од длабочините). Освен тоа оваа технологија ќе можат да ја користат и пилотите и космонаутите.
„Научниците пред наши очи потопија еден јазовичар во голем стаклен сад со вода. Првата мисла беше дека не треба да се мачат животните и дека кучето во секој момент ќе се удави. Но, тоа помина под вода 15 минути“, вели новинарот на „Росијскаја газета“ Игор Черњак, кој присуствувал на тестирањето. „Излезе дека белите дробови на кучето се исполнети со течност заситена со кислород, што му овозможува да дише под вода. Кога го извадија беше малку тромо (велат дека тоа е поради ладната вода), но по неколку минути сосема се поврати“.
Оваа технологија ја развива рускиот Научноистражувачки институт за медицина на трудот. Таа најпрво била тестирана на глувци и на други ситни животни, а сега и на кучиња.
За споменатите експерименти се направени специјални хидрокомори под висок притисок. Како што вели Давидов, во оваа фаза кучињата можеле половина час да поминат под вода на длабочина од 500 метри. Сите тестирани животни се здрави и добро го поднесуваат експериментот.
Проектот на технологијата за „течно“ подводно дишење, според Виталиј Давидов, предложен е уште пред неколку децении, ни тогаш не бил практично применет. Денес научниците сè уште бараат одговор на многу прашања. Пред сè, потребно е да се избере рецептура за течноста, потоа да се определи како течноста да се внесува и да се изнесува од организмот, а исто така да се обезбеди и исфрлањето на јаглерод диоксид. Најголем проблем е психолошката бариера, зашто за човек за да дише под вода мора фактички доброволно да се „напие“ течност.
Според материјалите на агенцијата ТАСС и на весникот „Росијскаја газета“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче