Месинџер за Руската православна црква

Во Киево-Печерскиот манастир

Во Киево-Печерскиот манастир

Сергеј Пјатаков / РИА „Новости“
Веќе две години постои православната социјална мрежа „Јелици“ а од оваа есен ќе се појави и истоимениот месинџер кој на православните верници треба да им овозможи постојан меѓусебен контакт, како и контакт со својата парохија, со епархијата и со патријархот.

Творците на православната мрежа „Јелици“ на 27 јули најавија дека наскоро ќе проработи специјален месинџер за верниците. Според нив, на православните христијани им е потребен систем кој ќе им овозможи да бидат постојано во контакт со Црквата. Се проценува дека новиот месинџер има 7 до 10 милиони потенцијални корисници. Сервисот ќе стартува веќе оваа есен.

„Месинџерот, како и социјалната мрежа, е само фрагмент од единствената комуникациска платформа на Руската православна црква. Тој се прави со цел верниците да можат да имаат постојан контакт со Црквата, односно со епархијата и со парохијата. Многумина свештеници на обој сервис ќе имаат пошироки права, односно ќе можат лесно и благовремено да им испраќаат информации на корисниците. На пример, настојникот на храмот ќе може да им испраќа вести на сите регистрирани парохијци, а истото се однесува и на епархијата и на патријархот“, објаснува за „Руска реч на македонски“ Иван Суслин, директор на мрежата „Јелици“ задолжен за нејзиниот развој.

За волја на вистината, Руската православна црква засега се воздржува од детални коментари. Заменик-претседателот на синодското одделение за односи помеѓу Црквата и јавноста Вахтанг Кипшиѕе во разговор со „Руска реч на македонски“ само нагласи дека месинџерот е приватен проект, иако ја има поддршката на Црквата.

Православната социјална мрежа „Јелици“ (израз од познатиот евангелски и богослужбен текст на старословенски: „јелици во Христа крестистесја“ – „сите вие, кои во Христос се крстевте“) започна со работа во мај 2014 година по благослов на неговата светост патријархот московски и на цела Русија Кирил. Организаторите велат дека целта на проектот е обединување на православните христијани и развој и зајакнување на парохиската заедница. Социјалната мрежа им помага на парохијците да се запознаат меѓу себе, а на свештениците да им го поедностават организирањето на парохиските активности (како што е подготовка на прослави и акции или размена на информации). Сега на неа се регистрирани околу 17.000 парохии и над 100.000 корисници, од кои 1.000 свештеници.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња