Земјите кои го поседуваат најпопуларниот модел на основен борбен тенк од втората генерација Т-72 не мораат да се грижат поради тоа што нивната техника застарува и што воените дејствија во најново време се преместуваат од ливадите во урбаните средини. Руската корпорација „Уралвагонзавод“ дојде до идеја како да го модернизира тенкот Т-72 и да го прилагоди на уличните борби. Како што објаснува за Газета.Ru заменикот на генералниот директот на „Уралвагонзавод“ за специјална техника Вјачеслав Халитов, проектот се засновува на искуството на војување во Сирија.
„Доколку внимателно ги разгледаме вооружените конфликти во светот, ќе видиме дека сега војните главно се водат во градовите. Никој повеќе не војува на отворен простор, зашто тоа во суштина значи дека моментално ќе биде уништен“, вели Халитов. „А, во градот, и воопшто во урбаната средина може да се војува прилично успешно. Затоа ги анализиравме војните во Сирија, во Ирак и на целиот Блиски Исток и одлучивме да направиме комплет специјални дополнителни средства кои доколку е потребно можат да се постават на тенк, благодарение на што тој станува поефикасен во уличните борби“.
За на тенкот Т-72 да му се даде нов живот, се предлага пред сè зголемување на неговата борбена моќ со монтирање поефикасен систем за управување со огнот со помош на повеќеканалската нишанска направа „Сосна“ и со поставување нов стабилизатор на електромеханички погон, како и модернизиран топ 2А46М и доработен механизам за автоматско полнење ракети.
Модернизацијата на Т-72 и неговото прилагодување на уличните борби подразбира монтирање булдожерски плуг на тенк, со што тој ќе може да расчистува шут и барикади кои настанале како резултат на уривање згради и објекти и да прави премини низ урнатините.
Со оглед на тоа дека командирот на тенкот мора да ја извади главата надвор за да отвори оган од противавионскиот митралез, и со самото тоа може да се најде на нишанот на непријателот од сите страни, донесена е одлука на Т-72 да се стави нешто слично на дополнителна кабина.
„Ја направивме оваа кабина со прозорци, со цел тој да има преглед на теренот од сите страни, но истовремено од сите страни да биде заштитен од куршуми со оклоп“, објаснува заменик-директорот на Уралвагонзавода.
Тенкот од сите страни ќе биде обложен со модули за динамичка заштита. Тие ќе го затворат корпусот над гасеничните платформи, предната и задната страна, страничните делови и куполата на тенкот. Тенкот ќе биде опремен со елементи за радиоелектронска борба.
Модернизираниот тенк Т-72 ќе биде опремен со своевидни елементи за радиоелектронска борба. Како што објаснува Халитов, терористите сега користат проектили за насочување со помош на радиоврска, така што нивните сигнали треба да се придушат во мошне широк дијапазон, што е особено важно во градски услови.
„Поставивме апаратура која ги придушува електронските направи со насочување со помош на радиосигнал. Тоа се два незабележливи уреди слични на антена. Сместени се зад куполата. Оваа апаратура ги задушува сите радиосигнали насочени кон експлозивната направа“, додава Халитов.
Посебните услови на уличната борба ги принудуваат конструкторите креативно да ја усовршуваат оклопната техника, истакнува Виктор Мураховски, експерт за вооружување и воена техника. „Прво, можно е отворање оган од сите правци, а не само од челните позиции, како што обично се случува во борбите надвор од населените места. Второ, оружјето треба да има поголема вертикална подвижност, со цел да може да се отвори оган на горните катови од зградите. Трето, оние што ракуваат со оружјето треба да имаат подобар преглед на теренот наоколу и нагоре. Во Израел, на пример, на куполите од тенкот се монтирани два-три дополнителни митралези за уништување на непријателот на горните катови од зградите“, објаснува Мураховски.
Тој истакнува дека комплети за заштита во уличните борби се прават во САД и во Германија за тенковите Leopard 2, во Франција за Leclerc и во Велика Британија за тенкот Challenger 2.
Тенкот Т-72 е модернизиран за улична борба со систем за управување со огнот, термовизиски нишан, а новата опрема за првпат ќе им биде прикажана на потенцијалните купувачи од 2 до 5 јуни во Казахстан на четвртата Меѓународна изложба на вооружување и воена техника KADEX 2016 во Астана.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче