Последниот високообогатен ураниум од Грузија беше вратен во Русија

Слава Степанов / GELIO
Нуклеарните материјали со висок степен на збогатување, кои се наоѓаа во една од лабораториите на Тбилискиот државен универзитет, веќе се вратени назад во Русија. Уште во времето на СССР овие нуклеарни материјали се произведуваа и се доставуваа во Грузија по службена пријава за научно-истражувачки цели.

Обемот на репатрираните материјали е релативно мал - 2 кг високообогатен ураниум во гасовита форма. Но, од Меѓународната агенција за атомска енергија го определија ова како заеднички чекор на Москва и Тбилиси за уште едно достигнување за неширење на нуклеарно оружје.

Во рамките на меѓународната програма за враќање на високообогатено нуклеарно гориво во Русија (RRRFR), чија цел е да се елиминира ризикот од двојно користење на високообогатениот ураниум и да се зајакне режимот на неширење на нуклеарното оружје, Москва се обврза да врати на својата територија 2.529 килограми нуклеарно гориво (свежо или потрошено) од истражувачките реактори, а САД – 1.390 кг.

Врз основа на билатерални или трилатерални договори во Русија веќе е вратено за преработка и технолошко складирање високообогатено свежо и потрошено гориво од истражувачките реактори во 14 земји: Чешка, Латвија, Либија, Полска, Виетнам, Унгарија, Романија, Источна Германија, Бугарија, Казахстан, Украина, Узбекистан, Србија и Белорусија.

Кон крајот на 2015 година во Русија се увезени 800 килограми свежо (т.е. неискористено) гориво од високообогатен ураниум и 1.350 килограми потрошено (извадено од реакторите). За споредба, слично количество материјали (2.150 килограми) би било доволно за производство на над 80 нуклеарни оружја.

Како е организиран превозот?

Извор: НПФ „Сосни“Извор: НПФ „Сосни“

Репатријацијата на високообогатениот ураниум од Грузија во Русија како земја-производител е спроведена во согласност со меѓународните договори и според сите мерки за безбедност, рече министерот за природни ресурси и екологија на Грузија Гигла Агулашвили, непосредно откако ураниумот заштитни контејнери беше изнесен од Институтот за физика на Тбилискиот државен универзитет и откако тргна на пат кон аеродромот. Оттаму тој беше транспортиран со авиони во Русија за понатамошна технолошка обработка.

Од грузиското Министерство за екологија најавија дека враќањето на високообогатениот ураниум во Русија одговара на духот на коминикето донесено на 25 март 2014 година на Самитот за нуклеарна безбедност во Хаг. Документот ги обврзува државите да преземат мерки за намалување на резервите на високообогатен ураниум.

Претходно од територијата на Грузија беа изнесени материјали кои се користат од Институтот за изотопи и во истражувачкиот реактор на Академијата на науките. Работата на самиот реактор покрај Тбилиси беше прекината уште во 1990 година.

Сега во Русија се вратени и последните 2 килограми високообогатен ураниум од Институтот за физика при Тбилискиот државен универзитет.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.