Руски начин за мониторинг на загадениот воздух

Shutterstock/Legion Media
Група млади руски научници разработуваат нов начин за добивање информации за загадениот воздух. Засега услугата е достапна само во неколку големи градови во Европа и САД. Иноваторите сметаат дека таа допрва ќе биде барана на пазарот на т.н. „мобилно здравје“ (од англ. „Mobile health“ - општ назив на пазарот за медицински сензори - заб. ред.).

Пред неколку години младите руски научници, основачи на стартапот „АероСтејт“ (AeroState), се занимавале со физика на атмосферата и така се родила идејата дека можат да го прогнозираат загадувањето со точност до секоја населба.


Услугата AeroState го анализира квалитетот на воздухот и дава препораки на заинтересираните.

„На пример ако човек сака да трча, а наутро во градот има магла, тој може да ја побара нашата услуга. Со нејзина помош може да се види каква е ситуацијата во паркот на соседниот кварт, кој може да се покаже како подобар од оној кој е во близина на неговиот дом. Така може да оди да трча таму“, појаснува основачот на стартапот Дмитриј Соломенцев.

Првични инвестиции добиле од Михаил Кокорич, руски бизнисмен и основач на компанијата за производство на сателити „Даурија Аероспејс“ (Dauria Aerospace).


Чист воздух по методологијата на Министерството за здравство на САД


Во ниската класа услугата обезбедува податоци и предлага општи предвидувања за квалитетот на воздухот во целиот свет. Во високата класа таа дава информации со точност до населба, а во Европа веќе се користи во Лондон, Барселона и во уште неколку големи градови. Во Америка со неа можат да се користат жителите на Њујорк, Чикаго, Денвер, Лос Анџелес и на Сан Франциско.


САД е приоритетен пазар за AeroState, велат неговите креатори. „Нашата услуга е тесно поврзана со стандардот на животот“, објаснува Соломенцев. „Колку е повисок тој, толку повеќе луѓе размислуваат за животната средина“. Квалитетот на воздухот се забележува според методологијата на американската Агенција за заштита на животната средина. AeroState планира да ја понуди и на други пазари, вклучувајќи ја и Азија. Според Соломенцев најголеми изгледи за дистрибуција на услугата има на кинескиот пазар, каде што проблемот со квалитетот на воздухот се влошува со секој изминат ден.


„Нашите главни клиенти се компании поврзани со фитнес на отворено, а исто така и луѓе кои бараат ново живеалиште и се заинтересирани за квалитетот на животната средина“, вели Соломенцев и додава: - Во мегаполисите квалитетот на воздухот во различни населени места е сосема различен.

За анализа на квалитетот на воздухот AeroState користи сеопфатен пристап кој ги комбинира анализите на хемиските и на физичките појави, добиени од сателитите, математички модели на атмосферата, податоци за загадувањето. Услугата дава и прогноза за силата на ветерот на континентот и во соодветниот град, а исто така користи алгоритми за машинско учење и вештачката интелигенција за поточна прогноза.

Мобилно здравје


Во перспектива стартапот треба да развие дополнителни услуги, со кои ќе се интегрира во бизнисот со фитнес нараквици и други гаџети за здрав начин на живот. Соломенцев и неговата екипа ги привлекува можноста која ја дава растечкиот пазар на преносна електроника во светот. Меѓу лидерите во техниката за мобилен здравје се компаниите „Самсунг“ (Samsung), „Гугл“ (Google), „Епл“ (Apple).


Според податоците на аналитичката компанија ИДЦ (IDC) во третиот квартал на 2015 година производителите успеале да реализираат 21 милион уреди, односно три пати повеќе од смартвочовите и фитнес-тракерите во истиот период во 2014 година.


Oваа услуга има два главни конкуренти - европскиот стартап „Плумлабс“ (PlumeLabs) и израелската компанија „Бризометар“ (Breezometer). Тие го имаат основниот удел на американскиот пазар. Според инвеститорот на рускиот проект Михаил Кокорич услугата направила пробив благодарение на својата прецизност.


„Сметам дека AeroState има технолошкa предност, бидејќи овозможува да се добијат информации за квалитетот на воздухот во секоја точка на мегаполисите“, вели Кокорич за „Руска реч на македонски“.


„Токму затоа стартапот има потенцијал да се зацврсти на пазарот на мобилното здравје и во други области. Услугата би можела да се користи и за „паметните домови“, кои ќе се градат во иднина“, појаснува тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња