Да се убие ракот со вирусот на херпес

Getty Images
Младиот руски биолог Ирина Алексеенко развива лек за лекување на ракот на главата и вратот врз основа на вирусот на херпес. Претклиничките испитувања покажуваат дека препаратот ја зголемува ефикасноста на радиотерапијата за 63%. За младиот научник успехот на проектот е важен: нејзината мајка е болна од рак.

Личниот мотив ја стимулирал научничката Ирина Алексеенко за новиот генетско-терапевтски препарат АнтионкоРАН-М: пред две години на нејзината мајка ѝ била поставена дијагнозата „рак на главата и вратот“. Во процесот на лекување Ирина сфатила колку се скапи антиканцерогените препарати. Така таа одлучи да се посвети на создавање на достапни лекови кои ќе им помогнат на многу луѓе во Русија.


Препаратот поседува две основни својства – ги убива клетките на ракот и го стимулира имунолошкиот систем за да се бори со нив. Резултатите од претклиничките испитувања врз животни покажуваат дека ефикасноста на радиотерапија, кога е во комбинација со препаратот, се зголемува за 18% до 71%.


Комбинација меѓу генот-убиец и имуностимулатор


Ирина Алексеенко е научен соработник во Институтот за молекуларна генетика при Руската академија на науките (РАН). Препаратот го развива заедно со своите колеги од Институтот за биоорганична хемија и биологија на генот при РАН. Лекот содржи генетски создаден вирус на херпесот HSVtk кој ги убива клетките на ракот. Во подготовка е имплементиран и човечки ген одговорен за производството на цитокин GM-CSF - протеини, кои ја стимулираат имунолошката заштита.

Ирина АлексеенкоИрина Алексеенко
„Комбинацијата од двата гена - на убиец и на имуностимулатор, доведува до уништување на клетките на ракот и до зголемување на имунолошката заштита. Како резултат на тоа изумираат повеќе канцерогени клетки и се намалува веројатноста од појава на метастази“, тврди Алексеенко.


Според неа лекот нема аналог на пазарот. Сепак, веќе се појавија некои лекови кои го содржат едниот од двата гена (HSVtk или GM-CSF), кои се во основата и на АнтионкоРАН-М. Во октомври Американската агенција за контрола на лекови (FDA) го пушти во употреба средство за лекување на кожен меланом Imlygic на компанијата BioVex. Во него се содржи вирус на херпес од прв тип T-VEC.


Во моментов научниците спроведуваат претклинички испитувања на АнтионкоРАН-М на Онколошкиот институт „Херц“. Првите резултати покажуваат зголемување за 63% на преживувањето кај животните, подложени на радиотерапија, заедно со АнтионкоРАН-М.


„Ние ја докажавме ефикасноста на препаратот кај животните, а особено покажавме дека АнтионкоРАН-М ја зголемува ефикасноста на радиотерапијата кај ракот на главата и на вратот“, тврди Алексеенко. Според неа наскоро треба да се пристапи кон клинички испитувања на лекот.


Скап пат до пазарот


Според заменикот на генералниот директор на фармацевтската компанија Stada SIC Иван Глушков клиничките испитувања и регистрацијата на препаратот во Русија ќе чинат меѓу 3 и 5 милиони евра.


„Странски компании сакаат да ја купат разработката и да извршат тестирања надвор од Русија. Но, ако АнтионкоРАН-М покаже добри резултати во клиничките истражувања, потоа ќе треба да го увезуваме по многу повисока цена. Затоа во оваа фаза не мислиме да го продаваме развојот“, вели Алексеенко.


Во октомври проектот се најде меѓу финалистите на фестивалот за стартапи на претпријатија Generation S. Алексеенко изјави дека таа и нејзините колеги веќе добиле понуди од потенцијални инвеститори.


„Веќе разговараме за научните податоци, за резултатите од испитувањата и за можностите за партнерство со изумителите на АнтионкоРАН-М. Развојот може да се користи и за создавање на неколку, дури и на многу поиновативни лекови“, признава Јулија Бајбикова, вели директорката на одделот за надворешни иновации на фармацевтскиот гигант Sanofi. Според неа развиените производи имаат големи предности - пристапност до производствената технологија и можност за брза масовна апликација.

Според Бајбикова пред проектот сé уште стојат неколку нерешени задачи, вклучувајќи го и изборот на најефикасна формулација, како и режимот на дозирање. Конечниот заклучок за предностите и за недостатоците на новиот лек ќе може да се направи откако ќе се видат резултатите од клиничките испитувања. Но, според Глушков главниот проблем при промоцијата на иновативните препарати е недовербата од страна на лекарите.

„За да се убедат лекарите во ефикасноста на новите препарати за лекување на рак, се потребни огромни трошоци за маркетинг, во износ од десетици милиони евра“, смета Глушков.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња