Пет најперспективни разработки на шоуто на технологии „Отворени иновации“

Александар Рјумин / РИА Новости
Кон крајот на октомври и на почетокот на ноември во Москва се одржа форумот „Отворени иновации“. „Руска реч“ за своите читатели ги избра петте најперспективни разработки претставени во рамките на овој форум.

Паметно детско креветче интегрирано со социјалните мрежи

Конструкторите на платформата за паметното детско креветче Baby Feel од Сколковскиот институт за наука и технологии допреа до страдањата на младите родители. „Мошне често ним им е сложено да го сфатат расположението и состојбата на детето, тие започнуваат да се советуваат со секого. Креветот ќе може да го анализира таканаречениот бебешки јазик, кој им е познат на педијатарите, да ги определи емоциите и да даде совет“, објаснува за „Руска реч“ Дмитриј Тетерјуков, раководител на лабораторијата за роботехника на „Сколтех“.


Извор: Press Photo

Креветчето ќе им испраќа на родителите преку телефон пораки за емоционалната и за физиолошката состојба на детето, ќе прави фотографии од него и ќе ги избира најдобрите. Се предвидува интеграција со апликациите WhatsApp, Инстаграм, Фејсбук и со други социјални мрежи. Засега конструкторите имаат направено само тридимензионален модел, но ветуваат дека во текот на следниве месеци ќе излезат со прототип.

Комплекс за безбедно слетување на авиони

Уредот од новото поколение ја проценува состојбата на пистата наменета за авионот, што е особено потребно во екстремни услови. Авторите на оваа технологија се од Санктпетербуршкиот државен електромеханички универзитет. Според нив, сега во Русија се користат или застарени уреди, или многу скапи, чија цена надминува 132 илјади американски долари.


Извор: Press Photo

„Цената на нашиот уред е неколку пати пониска, околу 38 илјади американски долари“, вели за „Руска реч“ Анастасија Стоцкаја, еден од конструкторите на овој проект. Уникатна е и самата технологија, која се засновува на целосна автоматизација на режимите на електромеханичкиот систем за кочење. Конструкторите размислуваат и за излегување на светскиот пазар. „Најпрво треба да се тестира технологијата во Русија – забележува Стоцкаја. – Во блиска иднина планираме да ја поставиме на аеродромите“.

Таблета за реактор

Новите таблети за безбедност на нуклеарните реактори се разработка на екипата од компанијата „Атомтехсервис“ од Уљјановската област. За нив веќе се заинтересираа Кинезите. Таблетите од карбид на бор се произведуваа и претходно, но руските иноватори го зголемија нивното траење за двапати, благодарение на новата технологија на плазмено стврднување.


Извор: Press Photo

„Таблетите се ставаат во реакторот, со што се овозможува регулирање на неговата моќност, со оглед на тоа што тие го апсорбираат неутронското зрачење. Кога тие се распаѓаат, треба да се сменат. За тоа треба да се исклучи реакторот. Доколку обичните таблети работат една година, нашите траат 2,5 пати подолго“, објаснува за „Руска реч“ Аљберт Гатаулин, директор на Центарот за развој на нуклеарниот кластер на Димитровград.

Беспилотно летало со вертикално полетување

Првиот комерцијален конвертоплан ЕРА-100 (ЭРА-100), според конструкторите, има голем број предности во однос на обичните беспилотни летала. „Тој лета на многу пооддалечени растојанија – на илјадници километри, има подобро маневрирање и е поекономичен“, објаснува Владимит Спинко, оперативен директор на стартапот „Аероксо“.


Извор: Press Photo

Компанијата е основана во 2014 година, но веќе има добиени инвестиции од капиталниот фонд I2BF Global Ventures во износ од 500 илјади американски долари. Конвертопланот може да се користи на мониторинг на инфраструктурните и на земјоделските објекти, за забава и за други цели. Според Спинко, за оваа технологија се заинтересирани купувачи од арапските земји.

Антиоксиданс од советски алги

Авторите на новиот антиоксиданс ги искористиле советските колекции на микроалги и американската технологија. Како што објасни Денис Кузмин, генерален директор на компанијата-конструктор Solix, нивните препарати го содржат еден од најсилните и највредни антиоксиданси во фармацевтската индустрија – астаксантин. „Светскиот пазар на астаксантин се оценува на неколку милијарди долари“, вели Кузмин. Според него, поголемиот дел од компаниите го синтетизираат по хемиски пат, а руско-американската компанија успеала да го добие од микроалги.

Во светот активно се вршат истражувања за потрага по микроорганизми кои треба да растат брзо и да собираат големо количество од оваа материја. „Ние без сомнение имаме конкурентна предност: работиме со најголемите колекции на вакви микроорганизми“, забележува Кузмин. Колекциите микроалги, кои се собрани уште во времето на СССР, долго не беа изучувани поради немање на потребната опрема. Основните сили на Solix се наоѓаат во централата на компанијата во Колорадо.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња