Мина со вештачка интелигенција препознава луѓе со оружје

Сергеј Карпов / РИА Новости
Руската војска ја добива најновата мина која препознава војник од цивил.

Во единиците на руската војска наскоро пристигнува софистицираната противпешадиска распрснувачка мина „Медалјон“. Конструкторите од Научноистражувачкиот институт за инженерство минатата недела на новинарите им го покажаа овој нов проект. Според нов „Медалјон“ има голема разорна моќ, но не е опасен за цивилното население.

Како функционира

Принципот на работа на оваа најнова неодамна тестирана мина се засновува врз вештачката интелигенција.

„Имаме мостри на големи интегрални шеми (gate array) во кои вградуваме по пет-шест микрошеми“, изјави за новинарите директорот на Научноистражувачкиот институт за инженерство Игор Смирнов. „Тоа е еден од елементите на вештачка интелигенција без никакви увозни компоненти“.

Кога ќе се постави на која било површина, без разлика дали станува збор за отворен пат или за шумска патека, смртоносниот уред „спие“ и ја скенира околината. Мината нема препреки од жица, па затоа е незабележлива за човека. Благодарение на специјалните сензори таа „го чувствува“ човекот многу пред тој да ѝ се приближи.

Штом ја определи класата на целта и што „сфати“ дека во радиусот на нејзиното дејствување се наоѓа вооружен човек, таа се „буди“ и преминува во борбен режим, односно или експлодира, уништувајќи го противникот, или врши самоликвидација при обид за деминирање.

Конструкторите уверуваат дека мината нема да експлодира доколку човекот не е вооружен. Токму во оваа селективна разработка е и нејзината предност. Со својата вештачка интелигенција „Медалјон“ е сосема безопасен за цивилното население кое во воените судири најчесто настрадува од поставени мини.

Како што изјавуваат претставниците на Научно-истражувачкиот инженерски институт, денес ниту една армија во светот не располага со вакви противпешадиски распрснувачки мини со бесконтактен сензор за цел.

Барем во податоците што се достапни не постојат информации за тоа дека уште некој има бесконтактни сензори за цел.

Боев дел

Разорниот елемент во облик на диск служи како боев дел за противпешадиската мина од новата генерација. Таа за време на експлозијата се распрснува во мноштво делови кои спирално летаат во воздух. Благодарение на тоа, мината има голем радиус на разорно дејство. Според Михаил Жуков, претставник на институтот за инженерство, уредот за ориентација кој е вграден во мината овозможува при поставувањето „корпусот да се ориентира на земјата и да овозможи распрснување на парчињата само во насока на можната локација на противникот. Овие шрапнели не летаат надолу или во вис: сите одат само хоризонтално“.

Уште советската војска во Авганистан применуваше уреди кои директно реагираат на човек. Муџахедините не можеа да го деминираат системот „Охота“ (претходник на „Медалјон“). Тие на почетокот ја пуштаа стоката на поле со намера да ги прелажат мините од овој вид. Но, „Охота“ реагираше само на човечки чекори. Како што изјавува началникот на одделението на институтот Андреј Попов, „Медалјон“ е технолошки посовршен од претходниот модел.

Од „експлозив во конзерва“, како што многумина ги нарекуваат мините, направено е релативно „хумано“ оружје, благодарение на користењето високи технологии. Сите руски мини одговараат на барањата на конвенцијата за забрана на противпешадиски мини. Русија не ја потпиша оваа конвенција, но ги исполнува практично сите нејзини одредби. Ова се однесува и на користењето на далечински системи во инженерската муниција: неколку часа по нивното поставување таа или самата експлодира, или се деактивира.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.