„Гаспром“ се фати за космичките технологии

Press Photo
Една од фирмите-ќерки на гасниот монопол реши да започне со производство на сателити. До 2030 година таа планира да изработи и да продаде 44 апарати со вкупна вредност од 6,5 милијарди американски долари. Дел од сателитите компанијата планира да ги извезе.

Компанијата „Гаспром космички системи“ (ГКС) планира да започне со сопствено производство на сателити до 2018 година, а инвестициите во овој проект се оценуваат на 17 милијарди рубли (252 милиони американски долари), додека моќноста на претпријатието е пресметана на четири апарати годишно, вели за бизнис-изданието РБК претседателот на ГКС, Игор Кот. Станува збор за апарати за врска и за далечинско сондирање на Земјата. Пазарната цена на еден ваков сателит изнесува околу 150 милиони американски долари, појаснува тој.

Освен „Гаспром“, компанијата смета дека ќе најде купувачи и од странство.

Од каде му е на „Гаспром“ космичката ќерка?

„Гаспром космички системи“ е компанија создадена во 1992 година за мониторинг на гасоводите. Сега таа е втор по големина национален сателитски оператор по федералното државно претпријатие „Космическаја свјаз“. Нејзиниот удел во пазарот на услуги за врски со помош на сателитски ресурси, според сопствена оцена, изнесува околу 30%. Компанијата е сопственик на системот за сателитски врски „Јамал“, кој е составен од четири апарати. 10% од телекомуникациските услуги му ги дава на „Гаспром“, а нејзини други клиенти се руските провајдери, државните организации, а, исто така, и странски компании (околу 30% од услугите).

Фирмата-ќерка на „Гаспром“ никогаш немала сопствено производство на сателити. Сите апарати што се во функција ги има купено од сателитскиот монопол, компанијата Информациски сателитски системи „М.Ф. Решетњов“. Кон крајот на 2013 година „Гаспром космички системи“ исто така потпиша договор за разработка на апаратот „Јамал-601“ со француската компанија Thales Alenia Space.

Фирмата-ќерка на „Гаспром“ решила самата да произведува сателити со цел да ги намали цената и роковите, уверува Кот. Компанијата се надева дека за сметка на намалувањето на уделот на странски делови за сателитите на „Гаспром“ цената на сегашните апарати ќе биде 30% пониска, а роковите за производство ќе можат да се намалат за двапати (до 24–30 месеци), вели тој. Експертите сметаат дека на одлуката на „Гаспром“ за започнување сопствено производство на сателити можеби влијаеле и санкциите. Концернот треба навремено да се заштити од ризикот да не ги добие услугите, вели Рибак.

Компанијата претендира на 5% од светскиот пазар

Сега во светот годишно се лансираат 50 сателити за врски и 30 сателити за далечинско сондирање. Излегува дека компанијата има намера да заземе околу 5% од светскиот пазар на сателити.

Пазарот на тешки сателити во основа веќе е поделен меѓу пет главни играчи – американските „Lochheed Martin“, „Boeing“ и „Loral“ и европските „Thales Alenia Space“ и „Airbus Defence and Space“, вели експертот на компанијата „РОЕЛ Консалтинг“, Андреј Ионин, но постои место на пазарот за средни и за мали сателити. Според него фирмата-ќерка на „Гаспром“ може да се обиде „да го освои надворешниот пазар на земјите од Латинска Америка и од Југоисточна Азија“.

На внатрешниот пазар, за сателитите на „Гаспром“, доколку тие се појават, исто така ќе има побарувачка, смета генералниот директор на „Infomost“, Борис Рибак. „По секој неуспешен обид за лансирање сателит во орбитата, мора да се чека повеќе од една година за нов апарат. ‘Гаспром’ може да го покрие делот на ‘несреќниот’ дефицит“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.