И покрај санкциите
Би било погрешно да се тврди дека санкциите што ѝ се воведени на Русија воопшто не влијаеја на бројот на земји-учеснички на изложбата. На МАКС 2013 учествуваа 287 странски компании од 44 земји. Оваа година нивниот број е помал – 156 странски учесници од 30 држави. Сепак, најголемите светски извозници на авионска техника дојдоа на МАКС. Беа присутни 24 компании од САД, 6 компании од Франција, а бројот на кинески компании беше трикратно зголемен во споредба со претходната изложба. Ова го соопшти генералниот директор на А.Д. „Авиасалон“, Владимир Советкин.
Акцент на Блискиот Исток
Особено треба да се истакне големиот број високи гости од Блискиот Исток. Претставниците на Саудиска Арабија, на Обединетите Арапски Емирати, на Јордан, на Египет и на Иран детално се запознаа со производите прикажани на изложбата. Иран веќе изјави дека е заинтересиран за купување на авионот Сухој-суперџет, а Египет ќе купи јуришен хеликоптер К-52. Јордан е стар партнер на Русија кога станува збор за военотехничката соработка. Токму во оваа земја по лиценца се произведуваат минофрлачите РПГ-32 „Хашим“. Поради тоа е сосема реално да се очекува наскоро да бидат обелоденети веќе направените воени договори со оваа земја.
Соработката со Европа продолжува
И покрај кризата и санкциите воведени за руските военоиндустриски компании, соработката со европските земји во оваа област, сепак, не е прекината. Airbus, како и претходните години, ги покажа своите новитети на МАКС. Овој авионски гигант го покажа широкотрупниот патнички авион А-350 и повеќенаменскиот хеликоптер Н225М. Рускиот холдинг „Технодинамика“, кој произведува делови за авиони, и француската компанија Microturbo (во состав на индустрискиот конгломерат Safran), на авиокосмичката изложба МАКС 2015 потпишаа спогодба за заедничко производство на помошен мотор за цивилна примена.
Извор: Владимир Астапкович / РИА Новости
Белорусија со најмногу договори
Белорусија потврди дека е еден од клучните партнери на Русија во военотехничката соработка и главен воен сојузник меѓу земјите од поранешниот Советски Сојуз. Белорусија соопшти дека купува пет противракетни системи со мал дострел Тор-М2Е, кои во исто време можат да гаѓаат четири воздушни цели оддалечени до 15 километри. Оваа земја, исто така, потпиша договор за испорака на нова партија од четири најсовремени руски учебно-борбени авиони Јак-130 (Як-130). Во овој момент военото воздухопловство на Белорусија има четири авиони Јак-130, а наскоро ќе добие уште толку.
Замена на увозните производи
Претставници на Обединетата корпорација за производство на мотори на изложбата изјавија дека отсега моторот АИ-222-25, кој се монтира на најновите учебно-борбени авиони Јак-130, во целост ќе се произведува во Руската Федерација. Претходно за склопување на моторите од овие авиони беа користени и украински делови. Исто така, успешно е обезбедено и производството на мотори за новиот повеќенаменски хеликоптер Ми-38. Отсега моторот за овој хеликоптер ќе биде од руско, а не од канадско производство.
Беспилотните летала во центарот на вниманието
На МАКС Русија покажа дека интензивно го надополнува изгубеното време во областа на беспилотната технологија. Оваа година на штандот на компанијата „Ростех“ беше претставен модел на повеќенаменското беспилотно летало „Чирок“ во природна големина, додека компанијата Zala Aero, која е дел од концернот „Калашников“, го демонстрираше новиот оперативно-тактички систем за воздушно извидување со голем радиус на лет, а концернот „Радиоелектроние технологии“ покажа нацрт-проект на јуришно беспилотно летало. Приватните компании, исто така, покажаа интересни проекти.
Групацијата „Кронштад“ го претстави брзото беспилотно летало „Фрегат“. Негова главна особина се моторите чии елиси можат да ротираат, така што ова летало е, всушност, конвертиплан, односно може да полетува и да слетува вертикално на неподготвен терен. Определени најави особено го привлекоа вниманието на медиумите. Претпријатието „Уралска фабрика за цивилна авијација“ („Уральский завод гражданской авиации“), кое меѓу другото е познато и по тоа што токму во неговите погони се склопувани леталата купени во Израел, сега планира да направи беспилотно летало врз основа на лесниот австриски авион Diamond DA42. Инаку, врз основа на овој двомоторен патнички авион со четири седишта веќе е направено едно беспилотно летало – израелскиот Dominator.
Започна сериското производство на Ми-38 со мотор од домашно производство
На МАКС 2015 беше сертифициран домашниот турбоосовински мотор ТВ7-117В, кој го произведува фабриката „Климов“, што ќе овозможи првиот сериски хеликоптер Ми-38 да се појави во првото полугодие од 2016 година. Ми-38 со домашен мотор нема да зависи од странските делови, што на овој хеликоптер му нуди добри перспективи и привлекува странски купувачи. Засега е планирано Ми-38 да се користи во арктичките операции.
Прв странски купувач на јуришниот хеликоптер Ка-52К
Египет нарача од Русија јуришни хеликоптери Ка-52К. Не е прецизирано колку летала се нарачани точно. Исто така е соопштено дека Франција преговара со Египет на оваа земја да ѝ продаде еден од двата универзални десантни бродови од типот Мистрал кои претходно беа произведени за потребите на воената морнарица на Русија. Воениот врв на Русија планираше хеликоптерите Ка-52К да се базираат токму на Мистралите.
Зголемена испорака на ловците Су-35
На МАКС се очекуваше склучување договор со Кина за испорака на ловци Су-35, но вакво нешто не беше обелоденето. Сепак, за време на изложбата се дозна дека до крајот на 2015 година Министерството за одбрана на Русија ќе потпише нов договор за испорака на дополнителен број авиони Су-35 за руското воено воздухопловство. Сега се завршува испораката на првата партија од 48 авиони. По реализацијата на сите испораки руската армија во својот арсенал ќе има вкупно 96 ловци Су-35.
Цивилната авијација е во подем
Компанијата „Цивилни авиони Сухој“ („Гражданские самолеты Сухого“) потпиша договор за испорака на авиони за кратки релации „Сухој Суперџет 100“ со Државната транспортна лизинг-компанија, со опција договорот да се прошири на уште 20 авиони. Нарачателот треба да ги добие авионите во период од 2015 до 2017 година. Првите авиони, според договорот меѓу споменатите компании, ќе ги испорача руската авиокомпанија „Јамал“. „Суперџет“ е клучен проект на руската авионска индустрија.
Раководството на компанијата се труди да го зголеми бројот на купувачите во странство, со цел производството на овој авион да се зголеми за 60 летала годишно, по што проектот ќе стане рентабилен. Во ова на компанијата „Сухој“ би можел да ѝ помогне Иран. Потпретседателот на Иран, Сорена Сатири, се заинтересира за купување авиони и, евентуално, за негово делумно производство на територијата на Иран.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче