Зошто руските воени авиони паѓаат толку често?

EPA
Од почетокот на летото во военото воздухопловство на Русија се случија седум авионски несреќи. Имаше и човечки жртви. Многу медиуми забележаа дека ова веќе стана определена тенденција. Меѓу другото тие додаваат дека причината е во тоа што Русија сега поинтензивно ја користи воената авијација.

„Руска реч на македонски“ се обиде да дознае која е причината на зачестените авионски несреќи и дали станува збор за систематска појава. Мислењата на експертите се поделени.

Верзија број : стара техника

Кога ќе се урне авион, експертите најчесто поставуваат прашање колку е тој стар. Не е тајна дека во Русија и понатаму се користи техника што е наследена од Советскиот Сојуз. Сè уште летаат авиони направени во седумдесеттите години од минатиот век, што значи дека се постари од 30 години.

Од сите авиони со кои во последно време се случи несреќа релативно нов е само Су-34, кој се произведува од 2006 година. Авионите Миг-29 се произведуваа до почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Последните примероци на Ту-95 се произведени во 1992 година, а Су-24М до една година подоцна.

Но, староста не леталата сепак не е критичен показател, зашто состојбата на авионот зависи само од квалитетот на неговото опслужување и на ремонтот.

Верзија број 2: неправилно ракување и опслужување

Поголемиот број инциденти со авиони поврзани се со расипување на моторот. И покрај тоа Владислав Маслов, директор на Обединетата корпорација за производство на мотори кој во овој случај е одговорна, истакна дека Министерството за одбрана нема забелешки за неговата компанија. Напротив, во рамките на програмата за државни набавки за армијата сè почесто ѝ се обраќаат на оваа компанија со нарачки поврзани за ремонт. „Ако ги споредиме 2013 и 2015 година, сега имаме шест пати повеќе работа поврзана со ремонт“, истакнува Маслов.

Генерал-мајор Павел Золотарјов, заменик-директор на Институтот за САД и Канада, причините за катастрофите ги гледа во тоа што воената индустрија веќе подолго време губи кадри и остана без државно финансирање, поради што не е обезбедено соодветно ниво на работа: „Причина за несреќите може да биде и тоа што деловите не се оригинални“.

Верзија број 3: човечки фактор

Александар Гарнаев, пробен пилот и Херој на Руската Федерација, смета дека проблемот е во човечкиот фактор и уништувањето на техничката структура. „Ние го изгубивме системот на почитување на стандардите и на експлоатацијата на авијатичката и на космичката техника“.

Верзија број 4: случајност

Многумина стручњаци се обидуваат овие несреќи да ги објаснат како обична случајност. „Тоа е најобична случајност. И порано имало вакви случаи“, вели Владимир Андреев, поранешен командант на воено-транспортната авијација.

Во текот на летото во Русија започнува сезоната на интензивна експлоатација на авионската техника, па така ќе се зголеми бројот на летови, а со самото тоа и веројатноста за нови катастрофи, смета заменик-началникот на центарот за пробни летови и Херој на Русија, полковник Игор Маликов.

Со ова мислење не се сложува инструкторот, мајорот на военото воздухопловство Андреј Краснопјоров. „Тоа е нонсенс. Моторите откажуваат назима, кога во авионите се точи нестандардно гориво, но истовремено да откажат сите вентили... Авионот може со помош на еден мотор лесно да долета до аеродром, тоа не е проблем“.

Владата на Русија која во оваа област ја претставува вицепремиерот Дмитриј Рогозин изрази загриженост поради серијата авионски незгоди во военото воздухопловство на РФ, Рогозин наложи на Владата да ѝ се достават сите информации за причините за уривањата. „Потребно е да се донесат некои одлуки. Премногу често се случуваат вакви работи. Мислам дека проблемот е во користењето на техниката“, додава тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.