Извор: РИА Новости
Државната граница на Русија се протега по копнена, водена и воздушна линија, и неопходно е секогаш и насекаде да биде добро заштитена. Русија се граничи со над 15 земји и на овие граници состојбата е секогаш мирна.
Граничарите се секогаш први на удар во одбраната на земјата. Секој ден на чување на државната граница одат над 11 илјади граничарски одреди, како и десетина посади на погранични бродови, чамци, авиони и хеликоптери.
Граничните трупи – од минатото до денес
Граничните трупи ѝ останале верни на својата служба и во мирни услови, и во тешки времиња. На пример, Хитлер во планот Барбароса одвоил само 30 минути за заземање на советските караули. Но, тие се држеле од еден час до цели 30 дена, како што бил случајот со Брестовското кале. А, на 13 јули 1993 година во Таџикистан граничарите на 12 караула на Московската граничарска единица 11 часа ги одбиваа нападите на 250 авганистански и таџикистански терористи. Од вкупно 48 војници на караулата, 25 го дадоа својот живот, не погазувајќи ја својата заклетва.
Во современа Русија граничарската служба е дел од структурите на Федералната служба за безбедност и директно е потчинета на нејзиниот раководител.
Секој регион на Русија има свој список на најголеми проблеми на кои треба да обрне внимание граничарската служба. На пример, за северозападот од земјата карактеристично е шверцувањето стока, што ги загрозува економските интереси, додека во јужните региони високо е нивото на опасност од терористички активности, трговија со дрога и од уништување на биолошките ресурси на Каспиското езеро.
Ситуацијата со проблемите е речиси иста и со границата со Средна Азија, а згора на тоа тука се и обидите за нелегална имиграција. Може да се каже дека најпроблематичен регион е рускиот Далечен исток, зашто тука на државата ѝ се нанесува најголема штета во економската, во биолошката и во суровинската сфера.
Сигурна заштита
И покрај тоа што во наше време се мошне распространети различни технички средства кои им помагаат на граничарите во вршењето на своите професионални должности, сè уште постојат и вообичаените погранични знаци, парцели со гранични ленти, инженерски објекти со бодликава жица и граничарски патроли со кучиња. Како и претходно, на границата е најважен човечкиот фактор, односно луѓето чија должност е да ги разоткријат лукавствата на оние што ја повредуваат границата и да не дозволат нејзино незаконско преминување. Престапниците можат да бидат мошне досетливи во своите обиди да ги збунат граничарите. На пример, одат наназад и се носат едни со други, на обувките ставаат траги од животни, па дури и се тркалаат преку границата во лежечка положба.
Граничарската служба на Русија непрекинато се развива. Нејзините единици со забрзано темпо се снабдуваат со современи технички средства кои во голема мера го креваат нивото на заштита на руската граница. Системот на автоматизирана техничка контрола на ситуацијата на границата овозможува високо ниво на заштита на оние места каде на човекот му е отежнат пристапот поради природните фактори, на пример, во планините на Кавказ. Исто така се модернизираат и средствата за комуникација.
Морските граничарски одреди добиваат нови бродови. На пример, минатата година беше пуштен во вода пограничниот патролен брод од прв ранг „Поларна ѕвезда“, чија задача е да ги заштити националните интереси на Русија на Арктикот.
Се обновува и мрежата на инженерските објекти на проблематичните делници на руската граница, на пример на рускиот Далечен исток, каде во 2013 година имаше незапаметени елементарни незгоди.
Многу работи допрва треба да се направат. Околу 60% од копнената и од морската граница се контролира со современи технички средства, додека меѓународните сообраќајници се покриени со вакви средства на околу 85% од должината. Сепак, до неодамна секоја караула беше мрачно место со осамена стражарска куќичка и до бодликава жица долж границата, а денес тоа се вистински мали тврдини во вид на убаво уредено гратче кое во случај на вонредна ситуација може мошне долго да издржи под притисокот на непријателските напади.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче