Извор: Алексеј Даничев / РИА Новости
Самата природа во северните мориња создала услови кои го оневозможуваат присуството на воената морнарица на Соединетите Американски Држави. Целото ова подрачје е „прошарано“ со многубројни острови на кои сега се обновуваат советските воени бази, а морето е прекриено со мраз кој ги спречува големите морски сили на противникот да се појават на овие географски ширини, со што се скратува просторот за маневрирање и добро ги прикрива руските подморници од аерокосмичките средства за набљудување.
Арктички витез
Сепак, овие предности во исто време ѝ создаваат проблеми на руската флота. Ова пред сé се однесува на снабдувањето и на превозот на техниката и на товарот кои во голема мера треба да се испорачуваат по морски пат. Со цел да се решат проблемите командата на руската воена морнарица побара да се конструира нов вид дизел-електричен мразокршач. Изградбата на првиот од серијата вакви бродови е веќе започната оваа недела, а бродот го доби името „Иљја Муромец“, според рускиот витез од народните приказни кој ги штител обичните луѓе од освојувачите и од разбојниците.
Во моментов Русија поседува најбројна флота мразокршачи која е составена од 6 нуклеарни мразокршачи и 20 дизел-електрични, а вкупно има 40 бродови од класата мразокршачи.
Во Русија постои традиција новиот мразокршач да го наследи името на стариот. Во овој случај претходник беше мразокршачот од проектот 97К, изграден во 1965 година, исто така на Адмиралитетското бродоградилиште, и до 1993 година беше во состав на Тихоокеанската флота. А, тој брод, пак, го има наследен името од уште еден постар, изграден за потребите на Русија во 1916 година во Англија. Овој прв „Иљја Муромец“ немал многу среќа. Кога во Русија започнала граѓанската војна трупите на Антантата извршиле воен упад на северот од Русија и меѓу другото го заплениле и овој брод, така што тој својата „кариера“ ја завршил под името „Pollux“, како минер на воената морнарица на Франција.
Сегашниот брод се гради токму со цел да не се дозволи упад на непријателските држави на територијата на Русија. Ова ќе биде прв брод од ваква класа кој во последниве 40 години е изграден во Русија за потребите на воената морнарица. Творците на овој мразокршач се обиделе во него да ги реализираат сите достапни технолошки новини.
„Кога овој брод беше проектиран му беа дадени карактеристики кои мразокршачите во тој момент ги немаа. Тие се поврзани со можностите за пловидба, со маневарскитре можности, со мултифункционалноста и со целосно новиот принцип на електричен погон“, изјави на церемонијата на поставување на носот на бродот командантот на Воената морнарица на РФ, адмирал Виктор Чирков.
Рускиот освојувач на Северниот Пол Нуклеарни мразокршачи: само Русија поседува мирнодопски инструмент за освојување на поларните предели. |
Новиот брод ќе биде долг 85 метри, широк речиси 20 метри, со депласман од 6.000 т и 60 дена автономна пловидба. Во рамките на овој проект ќе бидат изградени 4 брода. Важна особина на „Иљја Муромец“ се механизмите од типот „Азипод“ за ротирање на пропелерот. Тие се прицврстени на надворешната страна од трупот со помош на зглобен механизам и можат да се вртат околу вертикална оска за 360 степени, што му овозможува на бродот подеднакво слободно да се движи напред со предниот, со задниот дел и со целиот труп. Оваа можност ќе биде особено добредојдена кога бродот ќе се користи на мраз како реморкер.
Сето внимание насочено кон Северниот морски пат
На новиот мразокршач во 2017 година ќе биде кренато Андреевското знаме и бродот веднаш ќе пристапи кон спроведување на бродови за снабдување. Трупот на овој брод може да крши мраз со дебелина од 1 метар што му овозможува да функционира долж целиот Северен морски пат и на тој начин да обезбедува проодност на бродовите од Мурманск до Петропавловск Камчатски. Тој може да плови и на значително поголема далечина.
Северниот морски пат овозможува товарот да се превезува од европскиот север на Русија на Рускиот Далачен исток, и овој пат може да заштеди од 7 до 22 дена во однос на пловидбата преку Суецкиот канал. Особено е важно што Русија во овој случај плови во сопствените територијални води, што овозможува да дејствува без да се грижи за одлуките на други држави, а во случај на војна ваквата логистика е многу побезбедна.
Освен тоа, започнувајќи од 2011 година пловидбата на трговските бродови по Северниот морски пат стана поинтензивна. До 2019-2020 година по овој пат ќе се превезуваат 5 милиони тони товар годишно. Ова значи дека Русија треба да осигури безбедност на Северниот морски пат во интерес на сопствените бродови и на бродовите на своите најблиски партнери, како што е, да кажеме, Кина.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче