Ветераните на Втората светска војна пилотот генерал-мајор Константин Подбуртни, херојот на Советскиот Сојуз генерал-мајор Сергеј Крамаренко и генерал-потполковник Пјотр Терехов (од лево кон десно) на покривот од Рајхстагот. Извор: Виталиј Белоусов / ТАСС.
Веста за војната ги начека курсистите на школата за пилоти неподготвени. „Сакавме да одиме на река и да се капеме. Одеднаш се слушна команда да се собереме пред штабот каде што се наоѓа разгласот и да го слушнеме соопштението од Москва“. 18-годишниот Сергеј Крамаренко мораше многу брзо да премине од обичен У-2 на ловец од ново поколение, кој може да се движи со брзина од 400 до 500 километри на час. Во декември 1941 година тој бил испратен во близина на Москва, во полк во кој „од 50 пилоти останале само петмина“ и еден авион ЛаГГ-3 „добро вооружен со еден топ и со четири митралези“. „Со тој еден авион почнавме да летаме“, раскажува ветеранот.
Првата битка
Во својата прва воздушна битка тој за чудо останал жив. „Тоа беше линијата на фронтот кај градот Жиздра. Одеднаш Рижков (командирот на формацијата) вели: внимание, напред има бомбардер. Напаѓаме“. Бидејќи веднаш не го забележал противникот, Крамаренко се одделил од формацијата. „Одеднаш пред мене се појавуваат два авиона. Видов дека имаат свастики – авионите се германски. Не ми е јасно како не ме забележаа“. Почнал да пука, но тие почнале да пукаат во него. „Што да правам? Не можам да одам нагоре – ќе ме соборат, надесно исто така. Решив да пикирам под нив“. Не бил погоден, но гонењето продолжило. „Повторно пикирам и повторно одам нагоре. Но, гледам дека уште малку и ќе ме соборат“. Крамаренко се решава на уште еден, многу ризичен пик. „Авионот се тресе, но излегува. Излегов 20-30 метри над шумата“.
По 40 години тој дознал дека во рапортот на командирот на германската формација неговиот авион се сметал за урнат во шумата. „Најважно е дека ги прелажав. Тие помислија дека се удрив во земја“, додава Крамаренко.
Сфатив дека животот е завршен
Во 1943 година само тој од целиот полк бил испратен во маршалската ескадрила со помоќни авиони Ла-5. Но, битката кај Проскуров (Украина) била ужасна. За време на нападот на германската ескадрила во кабината влегол експлозив. „Експлодираше под нозете, ги откина цевките за бензин, бензинот се запали и сиот тој пламен беше во кабината. Ме гори, авионот гори“. Успеав да го спуштам авионот надолу и да го отворам падобранот, тој сепак го намалува притисокот од ударот во земја“.
Некое време пилотот бил во бесвест, а потоа се разбудил. „Гледам – зелена униформа, череп. Германски војници, дивизии на СС. Сфатив дека животот е завршен“.
Дошол поручникот, започнал да го прашува: која единица, колку авиони? Крамаренко не сакал да одговара. Наредиле да го стрелаат. Но, се случило чудо: двајца германски офицери кои поминувале покрај него се заинтересирале за овој изгорен човек. „Едниот праша кого донеле. Велат: 'заробен пилот, наредија да се стрела' . Тој се помисли и рече 'nein'“.
Тифус! Не влегувај!
Заробениот Крамаренко го преврзале и му ги премачкале изгорениците. „Страшно болеше“, се сеќава пилотот. За среќа по 6 дена Проскуров бил опколен од советската војска. Германците почнаа да си заминуваат, вечерта почнаа експлозии: во бараките почнаа да фрлаат гранати. „Очекував дека ќе не запалат, и така до 23 часот, а потоа заспав. Утрото се разбудив жив“. Излезе дека на бараката било напишано „Тифус! Забранет влез!“. Германците одлучиле да ги остават тифусарите и ранетите.
Во болницата почна бладање, вошки, се заразив со тифус. По две недели Крамаренко се освестил. До него имало човек. „Јас му велам: другар, како се најдов тука? Вчера два авиона соборив, а денес тука лежам. Тој ми одговара: војуваше во бладање, имаш тифус. Сега се разбуди и ќе живееш“.
Ме спасија двајца германски офицери
Откако минало лекувањето, Сергеј Макарович повторно заминал на фронт. Секако, во неговиот полк веќе одамна сметале дека е мртов: дека изгорел кога го урнале авионот. Медицинската комисија му рекла „можете да војувате, но не може да летате, нозете ви се испокршени“. „Ама, ајде„ Гледајте како седнувам“, им рекол тогаш Крамаренко. „Тие видоа и почнаа да се смеат“.
Откако се вратил во воздушната армија, тој дошол до Берлин. На прашањето зошто решиле да не го стрелаат, ветеранот крева раменици: „До денешен ден се чудам. Можеби на крајот од војната не сакале на душа да си земаат уште една смрт... Ме спасија двајца германски офицери“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче