Трансплантација на глава: што се очекува?

Фотографија од лична архива

Фотографија од лична архива

На почетокот од месецов многу печатени и електронски медиуми пишуваа дека контроверзниот италијански неврохирург Серџо Канаверо е подготвен за првпат да изврши трансплантација на главата од едно на друго лице. Прв доброволец кој е подготвен да се подвргне на ваква операција е програмерот Валериј Спиридонов од Русија. „Руска реч на македонски“ на своите читатели им пренесува 10 неверојатно и малку вознемирувачки факти поврзани за претстојната операција.

Контроверзниот италијански неврохирург Серџо Канаверо има намера да изведе досега незамислива операција: трансплантација на човечка глава на тело од донор. Првиот доброволец е програмер од Владимир, 30-годишниот Валериј Спиридонов. Тој боледува од вродена спинална мускулна атрофија (Вердниг-Хофманов синдром) поради што е врзан за инвалидска количка. Валериј Спиридонов вели дека се решил на овој очајнички чекор за да добие ново, здраво тело, иако е свесен за големиот ризик. 

1. Валериј Спиридонов нема да може да го избере своето ново тело. Неговиот донор најверојатно ќе биде лице што има доживеано тешка сообраќајна незгода или осуденик на смртна казна. Единствена желба на Валериј е да му биде трансплантирано тело на маж.

„Сакам само тоа тело да биде малку поздраво од моето“, изјави Спиридонов за „Руска реч на македонски“. „Тоа е најважно, а подоцна правилната исхрана и спортот ќе ми помогнат да стекнам дополнителна физичка сила и кондиција. Засега не може да се бира тело, тоа е незамислив луксуз“. 

2. Трансплантацијата ќе трае 26 часа, иако за одвојувањето на главата на Валериј и за нејзиното пресадување на телото од донорот ќе биде потребно не повеќе од еден час. За време на операцијата на Канаверо ќе му асистираат стотина хирурзи. 

„По операцијата ќе помина еден месец во вештачка кома, за во состојба на целосно мирување да се олесни зараснувањето и прифаќањето нови ткива. Потоа следува една година физикална терапија и рехабилитација“, објаснува Спиридонов. 

3. Доколку операцијата успее, децата на Спиридонов би можеле да го наследат генот на донорот. 

„Децата би ги наследиле генетските особини на донорот, но тоа сè уште не е детално испитано“, вели нашиот соговорник. 

4. Операцијата ќе чини околу 11 милиони долари. Професорот Канаверо сè уште нема собрано пари за својот потфат. 

5. Серџо Канаверо не бара ништо конкретно од своите потенцијални пациенти. 

„Доктор Канаверо од мене не бараше ништо конкретно“, вели Спиридонов. „Единствен услов е доброволецот за трансплантација да биде лице со тешки и неизлечиви оштетувања на организмот. Со други зборови, потребен му е човек кој нема што да изгуби“. 

6. Спиридонов и Канаверо не се запознале лично. Контактираат само преку Скајп. Лекарот и пациентот за првпат ќе се сретнат на прес-конференцијата што ќе биде одржана во САД. 

„Самиот го најдов доктор Канаверо“, раскажува Спиридонов. „Одамна ме интересира можноста за ваква трансплантација и многу имам читано за претходните експерименти во оваа област. Случајно наидов на интервју во кое доктор Канаверо тврди дека пронашол решение за клучниот проблем, а тоа е зараснувањето на ‘рбетната срж по пресадувањето. Не му испратив детална медицинска документација зашто мојата дијагноза зборува доволно. Сите лица на мои години што боледуваат од спинална мускулна атрофија имаат помалку-повеќе исти симптоми. Засега нема потреба да се среќаваме, доволно е што се слушаме преку Скајп“. 

7. Професор Канаверо не е подготвен да понесе одговорност за исходот на експериментот, а Спиридонов и не го очекува тоа од него. 

„Докторот ќе се обиде да го направи она за што сонувам“, вели Валериј. „Не можам со ништо да го обврзам. Исходот од операцијата засега е непредвидлив. Многу детали ќе се обелоденат на конференцијата во САД. Можеби докторот тогаш ќе може да каже што очекува од операцијата. Секако крајната цел од трансплантацијата на главата е целосна рехабилитација и враќање на сите функции на органите и на екстремитетите“. 

8. За време на трансплантацијата од пресудно значење ќе биде „ултраостриот скалпел“ со кој доктор Канаверо ќе ја пресече ‘рбетната срж на пациентот и на донорот. 

9. За главата на Валериј Спиридонов да може да функционира на трансплантираното тело хирурзите мораат да ги „спојат“ сите пресечени аксони, нервни влакна кои ги поврзуваат невроните и кои ја пренесуваат дразбата од нервните клетки до мускулите и до жлездите. 

10. Валериј Спиридонов нема да се премисли. „Ако ја испуштам оваа шанса, ме чека тажна судбина. Мојата здравствена состојба од година в година се влошува“, заклучува нашиот соговорник.

Автор на идејата за трансплантација на глава на тело од донор за првпат се појавува во 1923 година во романот „Главата на професор Доуел“ на советскиот писател на научна фантастика Александар Бељаев. Професорот Керн врши успешна трансплантација на глава. Но, хирургот овој успех ѝ го должи на главата на својот поранешен раководител, прочуениот професор Доуел кој умрел под неразјаснети околности. Професорот Керн ја оживува само главата на Доуел која „работи“ за него. Физиологот Сергеј Брјухоненко го има извршено првиот експеримент во кој се обидел да „оживее“ отсечена глава на куче. Тој во 1926 година го има конструирано првиот апарат за вештачки крвоток. Брјухоненко ја поврзал главата на кучето, која била одвоена од телото, со апаратот за вештачки крвоток. Главата давала знаци на живот. Како одговор на различни дразби главата на кучето треперела, се оближувала, па дури и изела парче кашкавал што испаднало од желудникот. Успешна трансплантација на глава за првпат била изведена во 1954 година од страна на советскиот научник Владимир Демихов. Тој на телото на германски овчар пресадил глава од кутре со предните нозе. Овој двоглав монструм проживеал само неколку дена. „Трансплантираната глава живо реагираше на околината, имаше свесен поглед, ги гледаше во очи сите оние што му се приближуваа на кучето“, пишува Демихов во својот дневник.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња