Извор: Росатом
Радијацијата ја има низ целиот космос, а нејзиното погубно дејство е еден од главните проблеми на долгите пилотирачки летови на космонаутите на Марс. „Радијацискиот фон во космосот е многу поголем од оној на Земјата. За половина година престој во орбитата космонаутите собираат доза радијација што обичниот човек на Земјата ја собира во текот на 100 години“, вели Вјачеслав Шуршаков, шеф на одделението за радијациска безбедност на космичките летови на Институтот за медицинско-биолошки проблеми при Руската академија на науките.
Човечки фантом
Секој космонаут на МВС носи индивидуален дозиметар само на едно место – во џебот кај градите, а ова дава погрешна претстава за радијациското зрачење. За да се добијат детални информации за тоа какво зрачење ги очекува оние што патуваат во вселената, руските научници на МВС испратија фантом што изгледа како човечко тело, а го нарекоа Матрјошка. Тој беше создаден уште во 2004 година од страна на компанијата „Атоменергомаш“, која е дел од државната корпорација „Росатом“. Според својот состав апаратот е мошне сличен на човековите ткива – ја има истата содржина азот, кислород, водород и јаглерод.
До 2004 година се извршуваа само локални истражувања. Американците го проучуваа распределувањето на радијациските дози во главата на фантомот. На руските станици „Салут“ и „Мир“ се спроведуваа експерименти со сферични фантоми наполнети со вода. Најинтересни резултати даде летот на руската кукла околу Месечината на космичкиот апарат Зонд-5. Тој беше мошне сличен на човек, само што беше направен од пченица.
Во фантомот се монтирани детектори (околу 500), а се поставени на местата каде што се наоѓаат критичните органи на човекот. „Имено, тркалезната форма се покажа како најоптимална. Таа дозволува да се зачува длабочината на органите кај човекот“, додава Вјачеслав Шуршаков. По определено време детекторите се вадат и се испраќаат на Земјата, а на нивно место се поставуваат нови. Следната замена ќе се случи набргу, кога на МВС ќе замине нов екипаж.
Чувствителните сензори на фантомот постојано собираат детални информации за радијацијата. Фактички, Матрјошката веќе го зачувува здравјето на луѓето. „За космонаутите постојат препораки за тоа во кој дел од станицата е најдобро да се наоѓаат во периодот на сончевата активност, со која страна да се вртат, односно како подобро да го избегнат критичниот товар“, вели Вјачеслав Иванович Петров, главен специјалист по електроника на одделението за методи и прибори за регистрација на зрачење при АД „СНИИИП“ (влегува во состав на компанијата „Атоменергомаш“).
Други фантоми
„Росатом“ прв има направено ваков уред, па дури има и предвидено во својот фантом да можат да се користат и детектори од други земји. Сличен научен комплекс се обидуваат да направат и други земји. Во Европа постои фантомот РЕНДО во форма на човечко торзо. Тој, исто така, беше на МВС, па дури и една година се наоѓаше во отворен космос. Но, пред неколку години тој беше вратен на Земјата на доработка.
Во моментов во тек е голем меѓународен проект за создавање фантом што ќе биде многу сличен на човекот, а на него ќе има дури и коса. Идејата е иста: на местата каде што се наоѓаат критичните органи на човекот да бидат монтирани детектори за радијација.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче