Ќе стане ли Русија лидер во технологијата за 30 години?

Посетител на изложбата за напредно 3D печатeње “Принт Експо” во Центарот “Соколники”, Москва. Извор: Сергеј Савостјанов / ТАСС

Посетител на изложбата за напредно 3D печатeње “Принт Експо” во Центарот “Соколники”, Москва. Извор: Сергеј Савостјанов / ТАСС

За првпат од почетокот на осумдесеттите години од минатиот век Русија подготвува план за развој на технологијата за 30 години однапред. Владата планира да ја претстави Националната техничка иницијатива ова лето, но експертите сметаат дека проектот претставува „типично истрчување“, а воедно ги потенцираат и најперспективните сфери на примената на технологијата.

Министерството за образование и наука заедно со Агенцијата за стратегиски иницијативи (АСИ) подготвуваат Национална техничка иницијатива која ќе го определи правецот на научно-техничкиот развој на Русија во следните 20-30 години. Ваков сличен план земјата немала од почетокот на осумдесеттите години од минатиот век. 

Според министерот за образование Дмитриј Ливанов, целта на проектот се огледа не само во тоа да се добие технолошка независност, туку и да обезбеди лидерство на Русија во оние правци што ќе го определуваат развојот на светската економија. 

Што е тоа АСИ? 

АСИ беше создадена од страна на владата на Русија во 2012 година со цел реализација на економски и социјални проекти, насочени пред сè кон подобрување на бизнис-средината и за подготовка на кадри.

Во моментов АСИ врши анализа, се занимава со изнаоѓање партнери како од научната средина, образованието, така и од бизнисот, и планира до крајот на летото 2015 година да ги определи основните ориентири на новата иницијатива. 

Експертите кои се блиски на процесот, засега сметаат дека е рано да се открива содржината на проектот, но низа независни аналитичари веќе пројавуваат интересни идеи и прогнози. 

Удар врз економијата на Југоисточна Азија 

На пример, првиот човек на Институтот за проблемите на глобализација, докторот на економски науки Михаил Дељагин е уверен дека печатењето во 3Д може да нанесе удар врз економијата на Југоисточна Азија. 

„Нема да биде потребно да се купуваат садови што се произведени во Кина и на Тајланд: ќе ви ја отпечатат во локалниот супермаркет. И дури ако тоа се прави во Кина, тоа ќе изискува помала работна сика. Тоа ќе биде револуција што ќе ја затвори Југоисточна Азија, доколку работите одат онака како што одат сега“, изјави тој за руските медиуми. 

Во разговор со „Руска реч на македонски“ економистот даде претпоставка дека во следните 20-30 години во светот ќе се бараат технологии што ќе бидат едноставни и евтини, но и кои ќе бидат мошне ефективни. Тука спаѓаат обработка на материјали со помош на различни полиња, генетски инженеринг и интеграција на човекот со компјутерот и со вештачката интелигенција. 

Металот на иднината доаѓа од Сибир
Руските научници го произведоа првиот примерок на стратешки важниот метал берилиум. Технологијата на производството е државна тајна, но „Руска реч на македонски“ откри некои детали. Берилиумот е еден од најскапоцените метали на светот. Без него не е можно да се направи нуклеарно оружје, да се лета со авион, да се направат рендгенски снимки и да се освојува космосот.

Сепак, тој е скептичен во однос на перспективите за создавање на сопствена научно-техничка стратегија во Русија, нарекувајќи го таквото нешто „типично истрчување“.

„Најпрво треба повторно да се воведе нормално образование. Не треба да му се дава високо образование на човек кој нема средно. Дотогаш постои смисла само да се создадат структури за потрага, реализација и комерцијализација на евтини суперпроизводни технологии“, забележува Дељагин. 

Научниот раководител на Московскиот космички клуб Иван Моисеев во разговор со „Руска реч на македонски“ претпостави дека во следните 20-30 години како и претходно ќе бидат барани пред сè физиката, хемијата и биологијата, ќе продолжи побрзо да се развива информатичката технологија, медицината и технологијата за производство на нови материјали. 

„Ќе порасне побарувачката за космичката технологија и тоа во областа на сателитските врски, координатно-временската поддршка (навигација, спасување), далечинското сондирање на Земјата. Постои надеж за појавување и за развој на термонуклеарната енергија“, забележа тој. 

Тој е уверен дека Русија ќе даде придонес во науката и во развојот на технологиите, но нејзините шанси да заземе значителна позиција се мали, сè дури не бидат симнати административните и психолошки бариери и додека не се намали улогата на државните корпорации и монополи, кои не се склони кон иновации. 

Експертот претпоставува дека официјално прифатената научно-техничка стратегија би може да одигра сериозна улога на стимулатор на развојот, но само доколку таа е со висок квалитет, кој претходните слични документи го немаат постигнато. 

„(Обично) разработката се порачува од неколку ресори, па затоа резултатот е продукт на компромис. И без тоа структурите што по својата природа се конзервативни создаваат, по правило, документ кој не е обврзувачки, а кој ги прикажува постоечките планови на ресорите“, напомна тој. 

Доколку биде создадена иницијатива, тогаш, според него, во неа треба да се вклучи формирање систем  на природонаучно образование, кој ќе ги опфаќа сите возрасни групи и системи за подготовка на инженери и специјалисти од висок ранг.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.