Геномните истражувања исто така можат да помогнат да се проследат патиштата на миграција и на раселување на луѓето на територијата на Русија. Извор: Мицах Болдвин.
Научниците од Центарот за геномна биоинформатика „Добржански“ при Санктпетербуршкиот државен универзитет планираат до 2018 година да ги соберат генетските портрети на народите на Руската Федерација (во Русија вкупно има над 180 етнички групи)
Во проектот „Руски геноми“ ќе учествуваат доброволци како од најбројните, така и од етничките групи со најмал број претставници.
Прецизните критериуми за избор на учесниците во истражувањето засега се во фаза на подготовка, но веќе е јасно дека секој од кандидатите ќе биде прашан за потеклото на неговите родители, на неговата баба и на неговиот дедо.
„Наша цел е да ги опишеме варијациите во геномот на човекот во различни групации на населението во Русија, да ги утврдиме карактеристиките што влијаат на ширењето на болестите, како и да создадеме информациска база за медицински релевантни геномни варијанти што се карактеристични за населението на оваа земја“, изјави за „Руска реч на македонски“ раководителот на центарот за геномна биоинформатика професорот Стивен Обрајен.
Стивен Обрајен е последен ученик на Феодосиј Добржански, американски генетичар со руско потекло, кој во дваесеттите години од минатиот век ја лансираше синтетичката еволуција и кој исто така работеше во Санкт Петербург (на Ленинградскиот универзитет).
Основа за медицината на иднината
Според професорот Обрајен, знаењето за тоа како точно генетските карактеристики на народите влијаат на предиспозициите за различни заболувања претставува една од основите на медицината на иднината.
Познато е, на пример, дека лековите на различен начин влијаат на претставниците на различни народи, како и дека постојат болести кои различно се одразуваат на нив.
Но, засега не постојат конкретни примери за оваа појава кои би се однесувале на Русите, на Татарите, на Чечените или на другите жители на Русија, како што не постојат ниту описи кои покажуваат по што се разликуваат геномите на жителите на Русија од жителите на другите региони на Земјата.
Познато е само дека Евреите Ашкенази (западните реони на Русија, Полска и на централна Европа) се поподложни на Теј-Саксовата болест, која го погодува централниот нервен систем, одошто останатите народи.
„Жителите на Руската Федерација се богата мешавина на голем број различни географски и етнички групи (на пример, етнички Руси, Татари, Коми, Чечени и многу други). Планирано е во истражувањето да се вклучат сите етнички групи чии претставници се подготвени да учествуваат во проектот“, изјави раководителот на лабораторијата.
За време на изборот на кандидатите што ќе го претставуваат примерокот, научниците се консултираат со етнографи и со лекари. Најмалку половина од примероците треба да бидат групи „мајка, татко, дете“, за да може да се проследи начинот на пренесување на генетските особености.
Меѓународно искуство
Геномните истражувања исто така можат да помогнат да се проследат патиштата на миграција и на раселување на луѓето на територијата на Русија. Вакви проекти претходно се спроведувани и во други земји од Европа, во Кина, во Јапонија и во САД.
Освен тоа, во светот веќе постојат примери за користење на методите на персонализирана медицина, кои ќе бидат применувани во контекст на идните резултати на проектот „Руски геноми“.
На пример, средството за лекување на метастатскиот меланом вемурафениб е ефикасно само кај луѓето што имаат мутација на генот BRAF. Фреквенцијата со која се појавува оваа мутација кај народите од Русија допрва треба да биде утврдена.
Исто така, според Стивен Обрајен постои препаратот BiDil кој Управата за контрола на квалитетот за храна и лекови на САД (FDA) го одобри за лекување на срцева инсуфициенција кај Афроамериканците.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче