Безбедноста на руските нуклеарни објекти

Извор: Михаил Мокрушин / РИА Новости

Извор: Михаил Мокрушин / РИА Новости

Русија ќе продолжи самостојно да ја осигурува безбедноста на своите нуклеарни објекти. Без оглед на тоа што проектот ќе биде реализиран без помош на САД, Москва е подготвена да соработува со Вашингтон во областа на глобалната нуклеарна безбедност. Како што изјави Росатом во своето официјално соопштение, имено Американците први се откажале од заемна соработка во нуклеарната сфера.

Весникот Boston Globe на 20 јануари соопшти дека Москва решила да ја запре соработката со САД поврзана со осигурувањето на безбедноста на руските нуклеарни објекти уште во средината на декември 2014 година. Ваква спогодба била потпишана со Вашингтон. Сепак, ова се случи откако Американците донесоа одлука за ограничување на заемната соработка со Русија во нуклеарната сфера. Во март 2014 година ова официјално беше објавено на сајтот на Стејт департментот на САД. 

Без оглед на тоа, како што официјално извести на 22 јануари Државната корпорација Росатом, во 2015 година глобалната соработка со САД ќе продолжи. „Русија и САД носат особена одговорност за осигурувањето безбедност и зачуваноста на нуклеарните материјали, за оневозможување на нивно доаѓање во рацете на терористичките организации, како и за сигурна физичка заштита“, изјавуваат од овој ресор. 

Историјата на нерамноправното партнерство 

„Во деведесеттите години од минатиот век, кога во Русија постоеја сложени економски услови и општ хаос, проблемот со зачуваноста на нуклеарните материјали беше мошне голем. Ова предизвика голема загриженост кај западните партнери“, објаснува Анатолиј Дјаков, главен научен соработник во Центарот за проучување на контролата на вооружувањето, енергетиката и екологијата. 

Русија и САД си ги измерија нуклеарните сили
Минатата недела во некои руски медиуми се зборуваше за достигнувањето на паритетот на Русија и САД во врска со бројот на носачи на нуклеарно оружје. Според оценките на експертите да се зборува за нуклеарен паритет помеѓу двете држави е избрзано. Русија како и претходно е зад САД, но ги продолжува своите стратешки сили на целосна воена подготвеност.

Во 1992 година беше донесена програмата Нана-Лугара. Еден од нејзините правци беше соработката во зацврстувањето на системот на обезбедување и заштита на нуклеарните материјали не само за сметка на американски, туку и на руски средства. 

Како резултат на тоа во руските нуклеарни претпријатија се појави нова техничка опрема, која суштествено го подобри системот на контрола и на евиденција на нуклеарните материјали. „За тоа исто така придонесе и подобрувањето на економската ситуација во Русија, заложбите на Росатом и на Министерството за одбрана, кои беа вложени во усовршување на системот на заштита на низа нуклеарни претпријатија“, смета Дјаков.

САД, кофинансирајќи ја заштитата на нуклеарните објекти во Русија, доби право да врши инспекција врз нив, со цел контролирање на расходуваните остатоци. Москва, пак, немаше рамноправен пристап до американските нуклеарни објекти. Ова предизвика незадоволство во Кремљ и беше оценето како нерамноправно партнерство. 

Андреј Баклицки, директор на програмата „Русија и нуклеарното неширење“ објаснува: „Во деведесеттите години од минатиот век главна задача беше да не се допушти одлевање на материјали од нуклеарните објекти на СССР на пазарот на црно. Затоа Русија беше подготвена да добие помош практично според какви било услови. Но, денес земјата поседува технологии и средства за самостојна поддршка на безбедноста на нуклеарните објекти и не сака да се наоѓа во положба на реципиент“. 

Во 2013 година поголемиот дел од работите беше завршен, па програмата Нана-Лугара беше завршена. Како нејзина замена се појави „новата билатерална рамковна спогодба за намалување на нуклеарната закана“. 

Според Дјаков, Москва одамна е во состојба самостојно и со свои финансиски средства да осигури безбедност на нуклеарните објекти. Русија им предлагаше на САД соработка во научната сфера и беше заинтересирана за можноста за посета на американските нуклеарни објекти. Сепак, како што вели експертот, САД го одбија ваквиот вид соработка. 

Каква врска има Украина? 

Според експертите влошувањето на руско-американските односи поради кризата во Украина не беше основна причина за прекинување на билатералната соработка. Санкциите само го забрзаа донесувањето на одлуката на Москва за самостојно осигурување на безбедноста на сопствените нуклеарни објекти без финансиска поддршка од САД. Уште на самитот за нуклеарна безбедност во 2010 година Русија изјави дека секоја земја треба самостојно да носи одговорност за зачуваноста на своите нуклеарни материјали. 

Русија како предводник во атомската енергија
Секоја втора година Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) организира конференција за термонуклеарна синтеза. Оваа година во периодот од 13 до 18 октомври Санкт Петербург за првпат беше домаќин на една ваква конференција, која претставува главен простор за средба на меѓународните експерти за термонуклеарна синтеза.

Поради конфликтот во Украина во 2014 година САД прекинаа дел од научно-техничката соработка со Русија, меѓу другото и во нуклеарната сфера. На тој начин на удар беа ставени многу мошне важни проекти. Меѓу другото тука е реализацијата на заедничката руско-американска програма за изнесување нуклеарно гориво на основа на високозбогатен уран од истражувачките реактори на трети земји. 

„Од моментот на започнување на програмата, па до нејзиното завршување во 2016 година требаше да бидат изнесени 2.5 тони високозбогатен уран. Ова количество, е теоретски доволно за производство на 100 атомски бомби“, изјави за „Руска реч на македонски“ Антон Хлопков, директор на Центарот за енергетика и безбедност на Русија, член на научниот совет при Советот за безбедност на Русија. 

Како што забележуваат во Росатом, програмата значително го намали количеството на материјал за оружје во глобални рамки. „Овие и други партнерски програми беа предводени од работната група за атомска енергија и атомска безбедност во рамките на руско-американската претседателска комисија. Сепак, во март 2014 година Стејт департментот на САД со соопштение на својот сајт нè извести дека работите во рамките на овој, според нас мошне ефикасен механизам, запираат“. 

„Доколку кај Вашингтон постои заинтересираност за продолжување на соработката со Кремљ во сферата на атомската безбедност, таа треба да биде рамноправна“, забележува Дјаков. Според експертите, Кремљ и Вашингтон ќе најдат нови форми за продолжување на соработката во сферата на нуклеарната безбедност, а искуството што веќе го имаат може да биде корисно во иднина.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња