Извор: Shutterstock / Legion Media
Научниците од Лабораторијата за медицинско машинство на Томскиот државен универзитет заедно со Лабораториајта за наноструктурни функционални материјали на Институтот за физика на цврстината и материјали на Сибирското одделение на Руската академија на науки изработија нанокерамички ендопротези за интервертебралните дискови.
Ноу-хау-то на сибирските дизајнери е во создавањето на уникатниот материјал. Оваа порозна биокерамика максимално ја репродуцира градбата на човечката коска. Ендопротезите имаат специјален биоактивен површински слој кој го забрзува растот на клетките и обезбедува зараснување на коската во празното место на ендопротезата. Тие сраснуваат со коската и не предизвикуваат отфрлање од страна на организмот. Овој материјал научниците се подготвени да го применуваат и при замена на повредените мали зглобови на прстите на рацете и нозете и во кранијално-фацијалната хирургија.
Експериментална керамичка коска
Томските научници се убедени дека примената на овој производ ќе успее да им помогне на милиони луѓе ширум светот. Хернијата на интервертебралните дискови е една од најраширените болести на планетата. Денес во медицината се користат во основа метални или полимерни протези кои можат да предизвикаат воспаление или да ја уништат коската. Кутија од порозна биокерамика се става меѓу два пршлена и сраснува со нив, што овозможува да се намали ризикот од компликации и повторни операции.
Работата на сибирските научници ги заинтересира странските партнери. Во Томскиот универзитет веќе една година работи меѓународна лабораторија за медицински материјали во која се вклучени специјалисти од Русија, Германија, Англија, Италија, Грција и Унгарија.
Еден од резултатите од работата на лабораторијата е соработката со Универзитетот на Крит. Заедничките истражувања со грчките биолози покажаа дека при определени параметри на керамички примероци со порозна структура клетките кои се расејуваат на нивната површина, почнуваат да произведуваат калциум-фосфатни соединенија. Таквиот материјал ги има сите шанси да стане замена за природната коска!
„Овој слој ни овозможува да ја снабдиме керамиката со такви својства кои ќе ѝ помогнат да се „внедри“ во организмот без понатамошно отфрлање. Теоретски, во иднина ние ќе можеме да го персонифицираме секој имплант за конкретен човек со помош на методата за 3Д-прототипирање. Првата експериментална керамичка коска за конкретен пациент ќе ја правиме веќе во 2015 година“, изјави за „Руска реч на македонски“ раководителот на групата изработувачи професорот Сергеј Куљков.
„Оската на светот“ е поевтина од останатите.
Во денешно време се создадени првите прототипови, се вршат истражувања на биолошката реакција на клетките, се открива границата на цврстина и еластичност на продуктите. Во истражувањата учествуваат Научниот центар за трансплантологија и вештачки органи „Академик Шумаков“, Новосибирскиот институт за трауматологија и ортопедија, Томската областна клиничка болница, Институтот за онкологија при Руската академија на медицински науки. Со производство ќе се занимава Новосибирскиот електровакуумски завод „НЕВЗ-Керамикс“.
Според нашите оценки, протезите од порозна биокерамика ќе чинат околу десет пати поевтино од постојните на пазарот странски примероци поради пониската цена за изработка на материјалот за продуктот. На пример, комплет протези за мали зглобови денес чини во просек 60 илјади рубли (над 1100 долари). А нашиот комплет од порозна биокерамика ќе чини три-пет илјади рубли (56-93 долари). Обемот на производство во Русија може да изнесува 4 милијарди рубли, односно 74 милиони долари“, вели во разговор со „Руска реч на македонски“ Сергеј Куљков.
Независните научници засега со претпазливост се однесуваат кон наведената перспектива. Тие се грижат за тоа колку успешно ќе биде изработена геометријата на вештачките дискови и дали навистина биокерамиката нема да ја отфрла човечкото ткиво.
„Ова е многу важна насока која треба да се обезбеди со финансирање и поддршка од државата на сите етапи. ‘Рбетот бадијала не го нарекуваат „оската на светот“ – од него зависат животните функции на сите органи во организмот на човекот. Но, важно е да се организираат тестирања на ендопротезите врз живи организми за да се осигуриме дека човечкото ткиво нема да ги отфрли таквите импланти“, смета дописниот член на Руската академија на науките Владимир Балакирев.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче