Извор: ESA
Во втората половинана ноември руските научници известија дека експериментално ја потврдиле можноста животот на Земјата да бил донесен од метеорити. Како што изјави соработникот на Институтот за микробиологија на РАН Александар Слободкин, тоа се случило во текот на враќањето од орбитата на сателитот „Фотон-М“ бр. 4. Стана јасно дека една од термофилните бактерии може да преживее на површината на метеорит додека ги минува густите слоеви на атмосферата.
Како што изјавија претставници на Институтот за медицинско-биолошки проблеми при РАН, станува збор за термофил што живее во врели објекти како што се камчатските термални извори. Таму се формира активна тиња во која температурата изнесува над 100 Целзиусови степени. Во текот на експериментот со „Фотон-М“ преживеале, за волја на вистината, само бактерии во 3 од 24 специјални ќелии сместени на површината на леталото. „Тоа се многу малку клетки, дури не се ни стотина“, истакна научникот. Една година претходно, кога се лансираше сателитот „Бион М1“, во вселената преживеа друга бактерија - Bacillus pumilus.
Бактерии ќе ја изедат МВС?
Откако се најдоа во хранлива средина веќе на Земјата, бактериите од „Фотон-М“ почнаа да се размножуваат. Навистина, не е соодветно да се смета овој факт како потполна потврда на теоријата. Леталото со бактериите се наоѓаше на височина од само 575 км. Доколку се успееше да се крене повисоко, условите ќе беа поинакви, ефектот на радијацијата ќе беше поголем. „Тешко е да се каже дали би преживеале микроорганизмите под такви услови. Но да се тврди со сигурност дека вселенската радијација ќе убие сè живо во вселената, во моментов е невозможно“, забележува директорот на Научно-истражувачкиот институт за нуклеарна физика на Московскиот државен универзитет Михаил Панасјук.
Впрочем, во оваа етапа на научниците засега им успеа барем да побијат две теории – дека живите организми не преживуваа во отворена вселена и дека при пад на метеорит на земјата сите микроорганизми согоруваат.
Извор: ESA
Вистина, последново тврдење бара да биде прецизирано. Членот на комитетот за метеорити на РАН Виктор Гроховски е уверен дека ниту еден микроорганизам не може да преживее на површината на небесно тело кога тоа тело влегува во густите слоеви на атмосферата и 90% од неговото тело во целост согоруваат. Тој е сигурен дека потврдата на теоријата треба не на површината, ами во внатрешноста на небесното тело.
Бактериите веќе докажаа дека можат да се адаптираат на услови за живот барем на вселенски станици. На Земјата се однесуваа релативно мирно. Откако се најдоа во атмосферата на орбиталната станица, бактериите беа принудени да освојуваат нови места за престој и „да ги изедат“ сите неметални површини.
Вселенски планктон
Малку порано во Федералната вселенска агенција на Русија потврдија дека на површината на МВС можат да се наоѓаат микроорганизми кои останале по составувањето и лансирањето на модулите во орбитата. Ова го потврдија анализите на сондите според програмата „Тест“. Во четири сонди од вкупно 11 беа откриени бактерии, фрагменти од ДНК на хетеротрофниот морски бактериопланктон кој живее во Баренцовото море. Притоа во сите сонди беше забележано отсуство на високотоксично ракетно гориво.
Појавата на траги од морски планктон научниците ја објаснуваат со тоа што на височина од 40-70 км се формира многу вселенска прашина која содржи биогени материи и микроорганизми. Таму ги зафрлиле настанатите воздушни струења. Притоа постои теорија дека сите микроорганизми немаат земно потекло. Засега не е можно да се потврди или да се побие тоа, затоа што научниците не можат да тврдат со сигурност дека ги проучиле сите бактерии што постојат на Земјата.
„Прашањето за тоа како настанал животот на Земјата има фундаментален карактер и нема адекватен одговор. Ние едноставно не знаеме. Хипотезата за донесен живот од вселената е измислена одамна и практично не нуди ништо. Таа е популарна заради својата едноставност. Од каде е животот? Од вселената, и толку, прашањето е, се чини, затворено“, се пожали во разговорот со "Руска реч на македонски„ првиот човек на Институтот за вселенска политика Иван Моисеев.
Марсовска теорија
Моисеев смета дека откритието на Институтот за микробиологија на РАН не значи дека животот на земјата би можел да биде донесен од метеорити. Експерт потсети дека вселенскиот простор е исполнет со галактичка вселенска радијација. Тоа се атоми на тешки елементи со многу голема енергија кои минуваат низ практично сите пречки. Интеракцијата на таквите атоми со секаква сложена молекула доведува до нејзино уништување. „Ако претпоставиме дека метеоритот не долетал од Сончевиот систем, тогаш тој летал под дејство на ГВР. Никакви сложени молекули при такво изложување нема да останат, а да не зборуваме пак за протеински организми“, истакна Моисеев.
Тој потсети дека постои една верзија според која животот бил донесен на Земјата од метеорити од Марс. Има претпоставки дека метеоритите можеле да бидат резултат на вулканска активност на црвената планета во минатото. Но тука стапува на сила друга противречност. Кога метеоритот би можел да стартува од Марс, тој двапати би се нашол под влијание на многу високи температури – при „стартот“ и при поминувањето низ атмосферата на Земјата. „Зачувување во тие услови на нешто живо е исклучено. А и веројатноста за настанување на животот на Марс е многу-многу помала отколку на Земјата“, смета експертот.
Вистина, марсовската теорија има и друг момент. На почетокот на август претставници на Политехничката школа на Лозана од Швајцарија објавија истражување за трагите од органски јаглерод во метеорит. Тие ја сметаат веројатноста за биолошкото потекло на тие траги за мошне висока. Јаглеродот можел да се зачува во дупките на каменот. Самиот пак метеорит можел да се открши од површината на црвената планета во текот на дожд од астероиди и по долго вселенско патување да се најде на Земјата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче