Извор: Press Photo
На крајот на ноември руската компанија Biocad го објави создавањето најнова „паметна“ технолошка платформа. Со нејзина помош може брзо и ефикасно да се создаваат високоспецифични лекови чија активна компонента се нови молекули – меѓу другото и такви, кои никогаш не постоеле во природата. Платформата е дизајнирана во рамките на уникатниот проект MabNext за создавање препарати врз основа на таканаречените моноклонални антитела за лекување на онколошки заболувања. Тие се изработуваат од имуните клетки и можат да се применуваат против речиси секој природен антиген. Платформата е дизајнирана со користење на најновата методика за синтеза на гени de novo, ефикасен скрининг и техника за математичко моделирање.
Насочена терапија
„Единствениот успешен пат за развој на руската фармацевтска индустрија е создавањето на во суштина нови успешни блокбастери“, смета генералниот директор на компанијата BIOCAD Дмитриј Морозов. Сега во компанијата во разни стадиуми на разработка се наоѓаат над 10 иновативни медицински средства на база на моноклонални антитела. Нивната предност е делувањето само врз определени клетки, молекули или, со други зборови, насочување на терапијата. Моноклоналните тела ги неутрализираат неопходните цели, без да влијаат на здравите клетки на организмот.
Како што изјавуваат специјалистите на Biocad, благодарејќи на употребата на „паметна“ платформа помината е лабораториската етапа во создавањето на револуционерниот препарат за лекување на еден од најагресивните видови рак на кожата – меланомот. Со помош на платформата беа одбрани неколку десетици молекули способни на потребен начин да ги блокираат функциите на рецепторот кој придонесува за развој, меѓу другото, и на наведениот вид на рак. Според предвидувањата на специјалистите, употребата на моноклоналните антитела против антигенот PD-1 ќе доведе до запирање на развојот на тумор кај 30-40% од болните. Се очекува лекот врз база на наведената методика да излезе на пазарот во 2018-2019 година.
Микроизворите напаѓаат
Денес во туморот може да се имплантира радиоактивна капсула (микроизвор) помала од зрно ориз која ќе озрачува мал простор околу себе, така што здравите органи и ткива околу туморот ќе останат неоштетени. Во „БЕБИГ“ (заеднички проект на европската групација на компаниите Eckert & Ziegler BEBIG и РОСНАНО, реализиран во посебната економска зона „Дубна“) се занимаваат со производство на микроизвори за имплантирање во простатата. Тие обезбедуваат добра биокомпатибилност и ултразвучна визуелизација, се ставаат под контрола на апаратот УЗИ или компјутерски томограф.
Во август 2014 година првпат во Русија беше воведен во практика нов вид на лекување - МIBG-терапијата за невробластом. „MIBG е метајодбензилгванадин, молекула која активно се фаќа во костец со клетките на туморот. Во нејзиниот состав е вклучен радиоактивен јод. Материјата се концентрира во жариштата на туморот и ги зрачи однатре“, објасни за „Руска реч на македонски“ заменик-директорот на федералниот центар за детска хематологија, онкологија и имунологија Алексеј Масчан.
Како резултат на тоа, клетките на туморот добиваат далеку поголема доза на зрачење отколку што би било дозволено во традиционалната терапија со зрачење. Оваа терапија го подготвува пациентот за автотрансплантација на коскената срж. Специјализираната заштитна комора која овозможува да се врши MIBG-терапијата беше донирана од Рускиот научен центар за рендгенорадиологија. Во текот на неколку дена по воведувањето на лекот пациентот треба да остане во комората сè додека основниот дел од MIBG не излезе од организмот: и пациентот, и сите негови секрети се радиоактивни во текот на тоа време.
20 иновации на 2014 година
Во ноември оваа година во Русија веќе се одржа XVIII Руски Онколошки конгрес на кој, меѓу другото, беа претставени 20 иновативни проекти за лекување на рак - финалистите на конкурсот „ОнкоБиоМед 2014“ (заеднички проект на Фондот „Сколково“ и професионалното здружение на онколози-хемотерапевти RUSSCO). Еден од победниците на конкурсот Роман Холоденко разработува противтуморни наноструктури кои имаат способност да ги поврзуваат туморните ганглиозиди – материи кои учествуваат во реализацијата на меѓуклеточната соработка и го потиснуваат развојот на туморот.
Меѓу иновациите се и тест-системот „Биософт.ру“ за рана дијагностика на рак на дебелото црево и новата комбинација на компанијата „Нобел“ врз база на платина и органски материи за лекување на онколошки заболувања. „Од повеќе од 200 новоформирани компании на биомедицинскиот кластер „Сколково“, околу 50 работат на проекти на полето на онкологијата“, изјавија за „Руска реч на македонски“ од службата за односи со јавност на кластерот. Повеќето од нив засега се во стадиум на претклинички испитувања. Сепак некои можат да се појават на светскиот пазар веќе во најскоро време. Така, на пример, клиничките испитувања на медицинските препарати „Инкурон“ на матичната компанија „Сколково“ се вршат истовремено и во Русија, и во САД.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче