Руски авиони ќе ги снимаат воените бази на САД

Извор: Михаил Мељничук / РИА Новости

Извор: Михаил Мељничук / РИА Новости

Визуелната контрола на местата на дислокација или на поместување на туѓите војски ќе се извршува од авионот Ту-154М ЛК-1 кој е специјално опремен за вакви инспекции. На „Туполев“ му е забрането да се приземјува и да скршнува од претходно утврдената маршрута. Американците директно во авионот ќе го проследат придржувањето кон овие норми. Освен тоа, тие претходно ќе проверат дали руската апаратура за снимање во авионот одговара на сите норми утврдени во договорот.

Инспекцијата, па нека е и „бесконтактна“, ќе овозможи да се реши главната задача на „Отворено небо“ – да се следи можноста од подготвување агресија од соседната земја. Меѓународниот договор, во кој е утврдена нескршливата шема на доверба и на транспарентност, постои повеќе од дваесет години и обединува повеќе од триесет земји. Во него, покрај другите, учествуваат најголемите воени држави во светот Русија и САД. 

Како што изјави за „Росијскаја газета“ началникот на националниот Центар за намалување на нуклеарната опасност Сергеј Рижков, инспекцискиот лет на Ту-154 над Соединетите Американски Држави ќе се одвива од 8 до 13 декември. Рускиот авион ќе стартува од аеродромот Тревис (во државата Калифорнија). Максималната оддалеченост на летот изнесува 4.250 километри. Ова ќе биде триесет и деветтиот лет на руските инспектори во рамките на програмата „Отворено небо“ од почетокот на годинава. 

Со договорот е опфатена голема област што се протега од канадскиот Ванкувер преку целата северна полутопка до рускиот Владивосток. Со инспекцијата е опфатена територијата над која државата-учесник има суверенитет, вклучувајќи го копното, островите, внатрешните и територијалните води. Инспекциските летови можат да бидат ограничени само поради безбедност на летот, но никако од интересите за национална безбедност на земјите што подлежат на инспекција. 

Своевремено „Отворено небо“ беше специјално создадено за бесконтактна контрола врз дислокацијата и поместувањето на вооружените сили. Со други зборови, набљудувачите можат да баражираат над копно и над море, да снимат на лента сè што се случува долу. Но, затоа, пак, најстрого е забрането да се приземјуваат на места кои однапред не се договорени, а уште повеќе да се вмешуваат во она што се случува на воените бази. Освен тоа, авионот со контролорите треба да биде 10 километри оддалечен од границите на суверените држави кои не влегуваат во договорот „Отворено небо“. 

Договорот е отворен за сите 

Во моментов во оваа програма учествуваат Белорусија, Белгија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Унгарија, Германија, Грција, Грузија, Данска, Исланд, Шпанија, Италија, Канада, Латвија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Руската Федерација, Романија, Словачка, САД, Турција, Украина, Финска, Франција, Чешка, Шведска и некои други земји. Договорот нема ограничен рок на дејствување и е отворен за сите земји. Количеството инспекции е определено со специјална квота. 

Најновите руски летачки бродови
„Руска реч на македонски“ ви ги претставува трите новитети во хидроавијацијата на Русија.

Русија има искуство во воздушниот мониторинг од програмата „Отворено небо“ повеќе од десет години. До неодамна во него влегуваа и авионите Ту-154М Лк1 (видеоконтрола во САД и во Канада) и Ан-30Б (летови над европските земји), а кои се сертифицирани според меѓународните стандарди. Тие беа опремени со апаратура за контрола и за снимање.

Меѓу другото, Русија е првата земја-учесник на договорот „Отворено небо“ која на своите авиони има поставено современи оптичко-електронски системи. Фото и видеоматеријалите направени со оваа опрема имаат висок квалитет на сликата, што во целост одговара на барањата од договорот: на снимките треба јасно да се распознаваат основните видови воена техника и, како пример, кран за кревање не треба да се чини како ракета. Кадрите што се снимени за време на инспекцијата можат да ги добијат не само домаќините на армиските и на флотските бази, туку и секој учесник во договорот.

Се објавува во скратена форма. Оригиналот е на овој линк.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња